Легализацијата на марихуаната и не е така едноставна работа

Кога го слушав премиерот Заев како зборуваше за рекреативното пушење марихуана сето тоа изгледаше како бајка – ситните криминалци ќе ги „снема“, децата нема да лежат во затвор за испушен „џоинт“, а економијата ќе „процвета“.

Но, по разговор со стручни лица на оваа тема, вклучувајќи и доктори и професори, па дури и политичари сфатив дека тоа не е толку едноставен процес.

Дали канабисот создава зависност, дали може да биде штетен доколку се пуши или не, се вечни дебати за кои кај нас никогаш не се правеле истражувања, а како што тргнала работата нема ниту да се прават.

Се гледа економијата и нејзиниот „бум“, кој таа треба да го доживее од оваа работа. Првичната идеја беше овде да се произведува канабис до готов производ, па потоа да се извезува и на тој начин економијата да „ќари“, но ете сега се чини дека први на тапет ќе бидат туристичките центри, каде ширум Македонија ќе се тестира Амстердам.

И додека токму Амстердам во време на корона планира забрани за продажба на марихуана за таканаречени „канабис-туристи“, Македонија ќе се обиде да ја билда државната каса токму со овој метод.

Точно дека со легализацијата би требало да се создаде поголема контрола над оваа супстанца, која моментално ја има на секој чекор на црниот пазар, би се контролирала и концентрираноста на ТХЦ во нејзиниот состав и на тој начин ќе се спречат несаканите ефекти, но за да дојдеме до тоа потребни се неколку фази, кои ние упорно сакаме да ги прескокнеме.

Пуштањето на канабисот во продажба во угостителските објекти во туристичките центри дефинитивно е еден од чекорите во процесот на финалната легализација, но тоа никако не смее да биде првиот чекор.

Најпрво потребни се наши домашни научни истражувања на оваа тема, што повторно ќе нагласам дека никаде ги нема. Потребно е младите да добијат стручна, а не улична едукација за тоа што е канабис и за тоа дали и каква зависност предизвикува.

Во целиот овој процес треба да се вклучени доктори, социолози, психолози, па дури и психијатри, а секако и криминолози, луѓе од областа на безбедноста кои ќе изготват план како легализацијата нема да предизвика прилив на канабис-туристи и како тоа нема да ја загрози безбедноста на граѓанинот во прв ред.

Сето ова и уште многу други работи очигледно изостануваат, зошто – одговор нема, туку само се зборува за подобрување на економијата без притоа да се направат никакви економски проценки од аналитичари како тоа би изгледало.

Никој не знае кога и навистина ова ќе се случи, но по сите погоре изнесени работи слободно може да се констатира дека без разлика на форсирањето на овој процес од страна на властите, легализацијата на марихуаната дефинитивно не е едноставна работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот