Квалитетен придонес за македонистиката со нови изданија на учебници за македонски јазик

Нови изданија на учебници по македонски јазик, литература и култура од кои новите генерации странски македонисти ќе ја спознаваат и изучуваат македонистиката беа промовирани на отворањето на јубилејната 55. Летна школа на Семинарот за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

Овие изданија што МСМЈЛК при УКИМ ги објави неодамна во печатена форма, за првпат ќе се користат токму на 55. Летна школа во Охрид, на којашто учествуваат најголем број семинаристи изминативе години, а веќе од следната академска година ќе може да се користат и на сите странски високообразовни и научни центри во светот на кои се изучува македонистиката, вклучително и во наставата на лекторатите по македонски јазик.

Конкретно, станува збор за учебниците за странци – „Тешкото“ (македонски јазик, почетно рамниште) од проф. д-р Симон Саздов, „Лозје“ (македонски јазик, средно рамниште) од доц. д-р Гордана Алексова и „Везилка“ (македонска литература и култура) од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Осврнувајќи се на секој одделно, за учебникот „Тешкото“ од проф. д-р Симон Саздов, треба да се истакне дека е осмислен да биде функционален и во јазичнохомогени и во јазичнохетерогени состави на групи и е усогласен со европските стандарди за усвојување јазик на почетно рамниште.

„Лозје“ од доц. д-р Гордана Алексова е изработен според стандардите на Заедничката европска рамка за јазиците и во таа смисла е приспособен за настава на рамништата Б1 и Б2, а е функционален спој на живиот јазик и граматиката. Комуникативниот пристап во претставувањето на јазичните содржини и на дидактичката апаратура овозможува нивно оживотворување во интересни комуникациски ситуации од реалниот живот.

„Везилка“ од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, всушност е и прв учебник по македонска литература и култура за странци и е иновативен чекор во областа на методиката на наставата по книжевност. Едновремено, тој е и синтетизирана македонска книжевна и културна историја. Во него е синтентизиран огромен корпус од критичката и од уметничката литература и опфатени се сите вредносни пројави на македонската литература и култура. Учебникот има и придружна читанка, којашто претставува избор текстови од македонската литература: песни, раскази, фрагменти од романи и драми, како и од литературата за деца.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 143, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот