Курти: Постои опасност од нова војна во Западен Балкан

Албин Курти
Албин Курти / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Косовскиот премиер, Албин Курти, по повод последните инциденти во северно Косово, каде што живее мнозинско српско население, изјави дека постои опасност од нов конфликт меѓу Косово и Србија, односно од нова војна во Западен Балкан.

Во интервју за италијанскиот весник „Ла Република“, кое денеска го пренесуваат медиумите во Приштина, Курти изјави дека, со оглед дека зад Србија стои рускиот претседател Владимир Путин, опасноста од нов конфликт останува висока.

„Ризикуваме војна. Зад Србија стои Путин. Не би рекол дека опасноста е многу висока, затоа што ние го имаме контингентот на НАТО тука, но сигурно дека е висока. Ние сме една демократија која има една автократија на границата“, вели Курти.

Според него, пред руската агресија врз Украина можностите да избие нов конфликт во Западен Балкан беа мали, но „сега ситуацијата е променета”.

„Првата епизода, која е последица на фашистичката идеја на панславизмот, беше Украина. Доколку имаме втора епизода, на пример во Транснистрија (Приднестровска Молдавска Република), тогаш можностите дека една нова, трета војна ќе се случи во Западен Балкан, посебно во Косово, ќе бидат многу високи“, изјави Курти.

Во врска со протестите во северно Косово против мерките што ги најави неговата влада за замена на српските со косовски регистерски таблички и за реципроцитет кон Србија во однос на личните документи, косовскиот премиер вели дека тие не биле спонтани, туку организирани од Белград, со помош на Русија.

„Србите имаат 48 оперативни бази околу Косово, 28 воени и 20 жандармериски. Протестите не беа спонтани, тие беа организирани од Белград, со поддршка од Русија“, изјави Курти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот