Ковид-19: Во идеално сценарио, пандемијата ќе заврши во 2027 година

Ковид-19 / Фото: Илустрација

Експертите укажуваат дека приоритет треба да има надградувањето на вакцините и нивната дистрибуција до сите региони низ светот за да се овозможи коронавирусот да се спушти на ниво од „ниска ендемска закана“, со ограничен потенцијал за ширење што може да се скроти во повеќето земји

Пандемијата на ковид-19 би можела да заврши до 2027 година при идеален развој на настаните, но коронавирусот може многу подолго да остане „вечен товар“ и да се шири неконтролирано во бранови ако општествата не му се спротивстават решително, предупредуваат експерти.

Група од 20 водечки експерти за јавно здравство, вирологија, економија, етика и социологија, во нов извештај за Меѓународниот научен совет издвојуваат три можни сценарија како би можела да се развива светската криза од пандемијата на ковид-19. Иако на глобален план стивна бројот на починати лица и на тешки случаи, за кои е неопходно згрижување во болница, бројот на новозаразени луѓе не се спушти до нула, а во некои региони, како на пример во Кина и во Северна Кореја, има нови опасни жаришта, кои го зголемуваат ризикот вирусот да мутира во нов и поопасен сој.

Во новиот сеопфатен извештај за можните насоки на пандемијата, експертите предупредуваат дека „не сакаат да ја прогнозираат иднината, туку да помогнат да бидат изнајдени ефикасни активности за да се сведат на минимум последиците од долгата пандемија“. Тие, притоа, укажуваат дека приоритет треба да има надградувањето на вакцините и нивната дистрибуција до сите региони низ светот, за да се овозможи коронавирусот да се спушти на ниво од „ниска ендемска закана“, со ограничен потенцијал за ширење што може да се скроти во повеќето земји.

Сценарио 1: Имунизирани 80 отсто

Идеалното сценарио, според експертите, е да се зајакне колективниот имунитет со кревање на нивото на вакцинирани луѓе од актуелните 61 отсто на 80 отсто во глобални рамки. Со такво ниво на вакцинирани луѓе би се спасиле животите на многу луѓе, а во исто време би се намалил ризикот од мутирање на вирусот во нови варијанти, кои би можеле да бидат многу поопасни од актуелниот сој омикрон, кој денес „владее“ во светот.

Кревањето на нивото на имунизација во исто време би било од полза за менталното здравје на луѓето, но и за економијата, и би овозможило одржлив развој на глобално ниво.
Најоптимистичкото сценарио не значи дека пандемијата ќе заврши во скоро време, туку дека „ќе може многу полесно да се надминуваат последиците“. Во идеални услови, според експертите, би можело да се очекува пандемијата да заврши во 2027 година, но таквото сценарио се смета за речиси невозможно ако радикално не се промени пристапот. Врз основа на досегашното искуство, експертите укажуваат дека владите и досега придонесувале за понатамошно ширење на пандемијата, фокусирајќи се на националните стратегии, наместо на меѓународната соработка.

Сценарио 2: Имунизирани 70 отсто

Второто и многу поверојатно сценарио би било борбата против пандемијата да продолжи со сегашното темпо, при што нивото на вакцинирани лица би останало под 70 отсто на глобален план. Во таков случај коронавирусот би се вгнездил во многу места и би станал ендемски, со сезонски бранови што би ги преполнувал болниците во многу региони, на кои би морало да се одговори со постојано надградување на вакцините за да бидат ефикасни против новите соеви. При таков развој на настаните, до 2027 година би се продлабочила глобалната нееднаквост, а целите на програмата на Обединетите нации за одржлив развој би се поместиле за цела деценија наназад.

– Главните лекции, сепак, се многу јасни. Дури и ако акутната фаза на пандемијата се движи кон крајот во земјите со високо ниво на вакцинирано население, ризикот ќе остане сѐ додека многумина низ светот немаат пристап до ефикасна вакцина. Може да се појават нови варијанти, поради што од витална важност ќе бидат претпазливоста и надградувањето на вакцините и на третманите. Ќе бидат погодени сите општествени сегменти и владите ќе мора да прифатат дека последиците од пандемијата може брзо да бидат надминати. Тие не смее да претпостават дека пандемијата завршила само затоа што се намалила смртноста. Многумина низ светот ќе се соочат со години на тешкотии и предизвици – се наведува во извештајот на Меѓународниот научен совет.

Последиците најтешко ќе се одразат врз ранливите граѓани, пред сѐ врз жените, децата и највозрасните лица. Земјите со најниски приходи, пак, ќе се соочат со ризик од целосно колабирање на здравствените системи и со значително понеизвесен пристап до доволно храна.

Сценарио 3: Пропуштена обнова

Третото сценарио, издвоено како „Пропуштена обнова“ од авторите на извештајот, би се развило ако продолжи подемот на популизмот и на национализмот низ светот и ако уште повеќе се намали довербата на граѓаните во системите, што би го запрело кревањето на нивото на вакцинирани луѓе.

Ова сценарио предвидува понатамошно зголемување на геополитичките тензии, при што протекционистичките политики на владите би ја загрозило глобалната соработка, која е оценета како главно оружје против глобална криза, каква што е пандемијата.
Нивото на целосно вакцинирани луѓе би останало под 60 отсто од светското население, а земјите со најниски приходи би останале со ограничен пристап или воопшто без пристап до вакцини и до лекови за третирање на ковид-19.

– Како резултат на ваков развој на настаните, ковид-19 ќе се шири неконтролирано, со сурови бранови во делови од светот – наведуваат авторите на извештајот.

За да се избегне ваква трагедија, експертите бараат од владите да ја зајакнат соработката и да инвестираат повеќе во системите за здравствена грижа, да ги интегрираат системите за научни совети, но и да се посветат повеќе на борбата против продлабочување на јазот во образованието и богатството.

Од владите, притоа, се бара да се воздржат од нагонот барем привремено да се откажат од целите за борба против климатските промени.

– Мошне е веројатно дека поизразените климатски промени и уништувањето на природата ќе ја зголемат веројатноста во иднина да се појавуваат нови пандемии. А, никој не сака повторно да поминеме преку сето ова – се наведува во извештајот на 20 експерти од Меѓународниот научен совет.

Mами Мизутори, секретарка на Обединетите нации задолжена на намалување на ризиците од катастрофи, оценува дека пандемијата на ковид-19 покажала колку е голема вредноста од меѓународната научна соработка, дури и во период на геополитички тензии и зголемени ризици за природата.

– Мора да ги обновиме напорите за изградба на мултилатерален систем што ќе одговори на нееднаквостите и ќе нѐ подготви за идната криза. Дали тоа ќе биде некоја нова пандемија, последици од климатските промени или воен конфликт, имаме шанса да извлечеме поуки од она што нѐ погоди во изминатите две години. Ако не извлечеме поуки, Целите за одржлив развој ќе ни избегаат – предупредува Мизутори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот