Ковачевски ќе учествува на Самитот на НАТО во Литванија

Димитар Ковачевски, премиер на РСМ/Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски утре и задутре ќе учествува и ќе ја предводи делегацијата на Северна Македонија на Самитот на НАТО Алијансата, во Вилнус, Литванија. Од прес-службата на Владата информираат дека во состав на владината делегација се министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Ковачевски ќе учествува на состаноците на шефови на држави и Влади членки на Северноатлантскиот совет, и поканетите шефови на држави и Влади на партнерски земји Австралија, Грузија, Јапонија, Република Кореја, Нов Зеланд како и претседателите на Европскиот совет и Европската комисија. На Самитот е предвидено да учествува и претседателот на Украина Володимир Зеленски – се наведува во соопштението.

Ургентните безбедносни предизвици се главна тема на самитот, а во фокус на состаноците на лидерите на Северноатлантскиот совет предвидено е да биде зајакнувањето на поддршката за Украина и зајакнувањето на врската на НАТО со Украина преку формирање на Советот НАТО-Украина.

Во рамки на учеството на Самитот на НАТО, предвидено е претседателот на Владата, Ковачевски да оствари билатерални средби со премиерката на Естонија Каја Калас и премиерот на Грција Киријакос Мицотакис. Во програмата се предвидени и неформални состаноци на министрите за одбрана и надворешни работи на кои ќе учествуваат и министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска – најавија од Владата.

Премиерот ќе биде придружуван од сопругата Елена Ковачевска. Таа, како што велат од прес-службата на Владата ќе има свои активности во рамки на програмата за сопружници во организација на Првата дама на Литванија, г-ѓа Дијана Науседа.

Сопругата на претседателот на Владата, г-ѓа Ковачевска ќе го посети Центарот за деца и жени бегалци од војната во Украина, каде ќе се сретне со Првата дама на Украина г-ѓа Олена Зеленска. Во рамки на посетата, г-ѓа Ковачевска ќе присуствува и на настани посветени на литванската култура и уметност – се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот