Ковачевски го повикува ВМРО-ДПМНЕ да не става дамка на изборите и да учествува во техничката влада, од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат одлука следната недела

Седница на Влада/ Фото: Влада на РСМ

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за учеството во техничката влада ќе одлучат во текот на наредната недела и порачуваат дека власта има желба за изборен поткуп, со социјална помош за граѓаните и со буџет скроен за изборни подмитувања, ама тие ќе носат спротивни одлуки на тоа

ВМРО-ДПМНЕ сè уште не се изјаснува дали ќе учествува во техничката влада и најавува дека одлуката за тоа ќе биде донесена во текот на следната следната недела. Премиерот Димитар Ковачевски денеска повтори дека тоа е законска обврска согласно Законот за влада и Изборниот законик и предупреди дека неучеството на опозицијата во техничката влада може да фрли дамка врз изборниот процес. Ставот на СДСМ, пак, во врска со евентуалното неучество на ВМРО-ДПМНЕ е дека со тоа партијата си прави алиби за поразот на престојните претседателски и парламентарни избори.

Парламетарните избори се договорени да се одржат на 8 мај, а се очекува да се распишат 70 дена претходно, на 28 февруари. Техничката влада согласно законите треба да се формира на 100 дена пред парламентарните избори, што значи околу 30 јануари, а дотогаш има уште 50 дена. Според договореното, технички премиер ќе биде актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери, а местото спикер ќе го заземе координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески. Во јавноста деновиве се шпекулираше дали ќе има нов прв вицепремиер на местото на Артан Груби заради тоа што ДУИ го доби премиерското место, а Ковачевски на тоа прашање одговори дека законски е предодредено во кои министерства ќе има промени. Истиот одговор го даде и на прашањето има ли можност во техничката влада да има министри од албанската опозиција.

– Техничката влада е дефинирана согласно закон и точно се знае кој предлага министри. Од партијата ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат министри во МВР и во Министерството за труд и социјална политика, а власта да предложи дополнителни заменици-министри во овие министерства. Од ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат дополнителен заменик-министер во министерствата за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација. Ова се работи што се дефинирани со закон – рече Ковачевски.

Фото: Влада на РСМ

Во врска со можноста ВМРО-ДПМНЕ да не предложи министри и заменици за техничката влада, Ковачевски повтори дека тоа е нивна законска обврска исто како што е законска обврска претседателот на Владата да поднесе оставка 100 дена пред изборите.

– Јас ќе ја исполнам мојата законска обврска исто како што и другите претседатели на влада и политички партии пред тоа ја исполниле. Неучеството на ВМРо-ДПМНЕ, како и секое импровизирање при реализазија на законските одредби ќе стави дамка на целиот изборен процес. Ние од 2016 година наваму имаме изборни процеси коишто од ОБСЕ/ОДИХР и од меѓународните партнери и организации се оценети како исклучително демократски, така што сметам дека не постои никаква пречка или причина тоа да не биде направено и Северна Македонија на 24 април и на 8 мај да има демократски избори – рече Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето на „Слободен печат“ дали ќе учествуваат во техничката влада одговорија дека одлуката ќе ја донесат во текот на следната недела, но од одоговорот се насетува дека ќе учествуваат.

– Наредната недела ќе има одлука. Она што загрижува е желбата на власта за изборен поткуп, делење на наводна социјална помош која е само грубо потценување на граѓаните. Загрижува буџетот кој е скроен за изборни подмитувања, но граѓаните треба да ги охрабри фактот што ВМРО-ДПМНЕ ќе носи одлуки што ќе значат се спротивно од ова – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Ковачевски вчера порача дека има координација со коалициските партнери и дека бил консултиран од лидерот на ДУИ Али Ахмети во врска со номинацијата на Џафери за технички премиер.

– Имавме успешна лидерска средба на која што можевте да видите дека со најширок можен консензус беше договорено дека ќе имаме избори на 24 април и на 8 мај, дека координаторите на пратеничките групи ќе го поднесат Изборниот законик во Собранието во којшто се имплементирани забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. На средбата воопшто не стана збор за укинување на техничката влада со оглед на тоа дека се работи за многу краток период пред изборите и доколку за такво нешто се разговара ќе треба да се разговара за некои наредни избори – истакна Ковачевски.

Координаторот Јован Митрески, кој вчеравечер од ИК на партијата беше избран да го води Собранието наместо Џафери, рече дека честа е голема, а одговорноста што доаѓа со таква, исклучително важна државничка позиција е уште поголема.

– Благодарен сум на укажаната доверба од страна на раководството на СДСМ. Како и досега, максимално посветено и одговорно ќе работам за интересот на граѓаните, државата, угледот и дигнитетот на македонското Собрание – порача Митрески.

Партискиот генерален секретар Миле Зечевиќ е предложен за шеф на изборниот штаб за кампањата за парламентарните избори 2024 година, а претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски добил овластување за подготвителни разговори и консултации со парламентарните партии за техничка Влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот