Ковачевски: Доколку ВМРО-ДПМНЕ не предложи свои министри во техничката влада се остава дамка на изборниот процес

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски порача дека техничката влада е дефинирана согласно закон и точно се знае кој предлага министри, а ВМРО-ДПМНЕ има законска обврска да предложи министри и заменици во предвидените министерства, во спротивно, тоа ќе стави дамка на целиот изборен процес.

Согласно законот, Ковачевски појаснува дека точно се знае кои министерства ќе ги предводи парламентарното мнозинство, а кои најголемата опозициска партија.

– Од ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат министри во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, а власта да предложи дополнително заменици министри во овие министерства. Тие треба да предложат дополнителен заменик-министер во Министерството за финансии, во Министерството за земјоделство и во Министерството за информатичко општество и администрација. Ова се работи коишто се дефинирани согласно со закон, додаде Ковачевски.

Тој додаде дека ќе ја исполни неговата законска обврска и ќе поднесе оставка на 100 дена пред одржување на изборите и оти не пости причина ВМРО-ДПМНЕ да не ја исполни својата законска обврска, бидејќи тоа предлагање произлегува од Закон за Влада и од Закон за избори

– Тоа е законска обврска, како што е законска обврска на 100 дена пред одржување на изборите претседателот на Владата да поднесе оставка. Јас ќе ја исполнам мојата законска обврска исто како што и другите претседатели на влада пред тоа ја исполниле својата законска обврска, и како што другите политички партии пред тоа ја исполниле својата законска обврска. Сметам дека не постои причина во овој случај ВМРО-ДПМНЕ да не ја исполни својата законска обврска, бидејќи тоа предлагање произлегува од Закон за Влада и од Закон за избори, изјави Ковачевски.

Доколку опозициската ВМРО – ДПМНЕ не учествува во техничката влада, според него, тоа става само една дамка на целиот изборен процес.

– Ние од 2016 година наваму имаме изборни процеси коишто се од сите оценети како исклучително демократски и од ОБСЕ/ОДИХР и од меѓународните партнери, од меѓународните организации, така што сметам дека не постои никаква пречка или причина тоа да не биде направено и Северна Македонија на 24 април и на 8 мај да има демократски избори на коишто граѓаните ќе ја изразат својата демократска волја, додаде претседателот на Владата.

Секое импровизирање кога се реализираат законски одредби, тој нагласи дека може да фрла дамка врз целиот процес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот