Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Ковачевски: Ако запрат Уставните измени, нашето членство во ЕУ ќе биде одложено

Премиерот Димитар Ковачевски во експозето зошто треба да се усвојат Уставните измени потенцира дека внесувањето на Бугарите и на другите делови од народи во Преамбулата не загрозува ниту едно идентитеско прашање. Тој ја повика опозицијата да ги разјаснат сите аргументи преку дебата и да ги изненадат заеднички граѓаните со натпартиска одлука за промена на Уставот. Тој предупреди дека нема да има подобар ниту нов договор, ниту пак нова преговарачка рамка и дека тоа не го вели тоа тој туку ЕУ.

„Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска. А дали ќе се случи пак годинава, вие во парламентот ќе одлучите. Европските претставници предупредуваат дека постои ризик од одвојување на Северна Македонија и Албанија ако пред крајот на годината не се усвојат уставните измени. Тоа значи дека тие не се диктат, туку дел од преговарачката рамка со ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој ги убедуваше пратениците дека ЕУ не се меша во идентитетските прашања и дека ништо од уставните измени не задира во нив. Според Премиерот, промената на Уставот носи само добрососедски односи. Ковачевски рече дека пко пропаднат уставните измени, постои ризик за издвојување на Албанија и дека тоа ќе ги влоши односите со САД, а ќе создаде и загриженост кај членките на НАТО.

„Покрај придобивките, мора да ги имаме и пораките од нашите стратешки партнери. Од ЕУ пораките се дека пристапните преговори ќе запрат ако уставните измени не поминат и дека другите земји ќе одат напред, а нашето членство ќе биде одложено. Тука е укажувањето дека ако Северна Македонија одлучи против уставните измени и се тргне од патот кон ЕУ, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО и ќе има влијание врз односите со САД“, рече Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски од Собранието им укажа на граѓаните да не се плашат од измената на Уставот и вметнување на Бугарите и другите народи во преамбулата. Тој укажа дека уставните измени не се под никаква уцена, ниту диктат. Во својот говор се осврна и на европските фондови до кои пристап ќе има Македонија. Пратениците ги убедуваше да гласаат и да ги донесат измените бидејќи ќе се отворат големи фондови, кои ќе донесат просперитет за државата.

На првото гласање ќе се види кој за кого гласа, посочи премиерот. Според него, ако се гласа „против“, тоа е поради личен интерес, а „за“ е глас за ЕУ.

„Верувам дека овој парламентарен состав има демократски капацитет за автентични демократски одлуки, кои ќе ја постават Северна Македонија на европскиот пат. Најважниот политички избор ќе го направи овој парламентарен состав – или ќе бидеме сите победници или сите губитници, без разлика на изборниот резултат в година. Овде не сум да убедувам, овде сум за да посочам на стратешката шанса и да повикам на разум“, додаде Ковачевски.

Тој повика на дебата со аргументи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот