Косово: Нови избори, стари партии

epa08659189 Prime Minister of the Republic of Kosovo Avdullah Hoti arrives at a Committee on foreign affairs at the European Parliament in Brussels, Belgium, 10 September 2020. EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Според одлуката на највисокиот суд на Косово изборот на владата на Авдулах Хоти од Демократската лига на Косово (ЛДК) во јуни годинава бил можен само благодарение на гласот од еден пратеник кој, според Уставот, немал ни право да биде член на парламентот. На гласањето Хоти доби поддршка од 61 од 120 пратеници и го замени реформаторски настроениот премиер Албин Курти од левоориентираната партија Самооопределување, кој на функцијата беше од февруари годинава.

Оттогаш, Самоопределување бара нови избори. Партијата на Курти е таа која поднесе жалба до Уставниот суд против владата на Хоти. Сега доби и правна потврда: Парламентот мора да биде реизбран најмногу за 40 дена. Дотогаш кабинетот на Хоти треба да продолжи да управува како преодна влада.

Поранешната југословенска провинција, која е независна уште од 2008 година, од ноември 2020 година има и преоден претседател. Вјоса Османи е вршител на функцијата откако избраниот претседател Хашим Тачи од Демократската партија на Косово (ПДК) поднесе оставка, бидејќи против него беше покренато обвинение од Хашкиот трибунал за воени злосторства. Но, според Уставот, Османи функцијата може да ја извршува само уште четири месеци.

Партиите се третираат како приватна сопственост

Поради ваквата ситуација со двете најважни функции, Косово влезе во длабока институционална криза. Дополнително, земјата има и проблеми во справувањето со корона-пандемијата: со месеци е во карантин. Бројот на заразени и починати како последица на коронавирусот во некои периоди беше драматично висок. Здравствениот систем е преоптоварен, а народот незадоволен – што веројатно ќе има големо влијание на претстојните избори. 

Институционалните кризи не се невообичаени за Косово. Од независноста во 2008 година, ниту една влада не останала на власт до крајот на својот мандат. Но, актуелната криза е најтешка досега во историјата на косовската држава, вели за ДВ Блерим Бурјани, политички аналитичар и експерт за уставни прашања. Тој ги обвинува политичките партии дека „со своите дела му наштетиле на духот на демократијата.“

„Партиите се третираат како приватна сопственост на партиските претседатели и луѓето околу нив“, вели Бурјани. „Тие ја користат политиката како средство да добијат плата и други привилегии. Тоа го поткопува духот на демократијата.“

Уставниот експерт не негува многу надеж дека Косово и по новите избори конечно ќе застане на нозе: „Партиите се истите, а и проблемите исто така. Се трупаат без да се пронајде решение.“ Демократијата во Косово е во состојба на „целосна конфузија и несигурност“ поради начинот на кој политичарите се однесуваат кон државата.

Привремената претседателка Османи веќе започна разговори со претставниците на политичките партии околу терминот за нови избори. Тоа е пропишано во одлуката на Уставниот суд во која се вели: „Претседателот на Република Косово ги распишува изборите, кои не треба да се одржат подоцна од 40 дена од денот на нивното објавување.“

Опасност од државен банкрот

Во меѓувреме, премиерот Авдулах Хоти на 22 декември нагласи дека неговата преодна влада тесно соработува со претставниците на останатите пратенички групи во косовскиот парламент за „парламентот во сегашниот состав да го изгласа буџетот за наредната година, како и да се одобрат одредени меѓународни договори поврзани со буџетот.“ Доколу ова не успее, според експертите, ќе следи државен банкрот.

„Пред да се одржат нови избори, парламентот мора да го изгласа буџетот за да се избегне финансиски колапс“, вели Сафет Герџалиу, поранешен претседател на Стопанската комора на Косово. Според него, највисок приоритет на политиката во време на корона-пандемијата мора да биде да се обезбеди социјалниот и економскиот живот на Косово. Герџалиу апелира до политичките партии „да се соберат сите заедно и да ги остават личните интереси настрана“.

Граѓаните имаат збор

Членовите на сегашната владина коалиција, ЛДК на Хоти, Алијансата за иднината на Косово (ААК), Социјалдемократската иницијатива, Српската листа и пратениците од останатите национални малцинства – најавија дека ќе ја почитуваат одлуката на Уставниот суд и ќе се подготвуваат за нови избори.

И втората најголема опозициска сила во земјата по Самоопределување на Курти, Демократската партија на Косово (ПДК), ја поздравува одлуката на Уставниот суд. Актуелната владина коалиција „повеќе нема парламентарно мнозинство, поради што е блокирано нормалното функционирање на државните институции.“

И амбасадорот на ЕУ во Косово, Томаш Суњог, како и Американската амбасада во Приштина, ги повикаа политичките партии и институциите на Косово, да ја почитуваат одлуката на највисокиот суд. „Косовските власти мора да создадат услови граѓаните своите претставници да ги изберат на слободни, фер и мирни избори“, се вели во соопштението на Американската амбасада.

 Преземено од „Дојче веле“

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот