Корупцијата како општествен канцер

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Синдикатите „лавовски“ се борат на осиромашените работници да им се покачат платите на „дури“ 300 евра, додека во судовите со години се развлекуваат предмети за функционерски коруптивни зделки во кои постојат сомневања за злоупотреба на стотици илјади, па и милиони евра.

Во Косово во изминатите години биле ангажирани да работат околу 80 фински експерти за цивилно справување со кризи, од кои еден дел се вклучени во мисијата на ЕУ за владеење на правото. Но Косово, заедно со Македонија и уште неколку други земји, го дели високото 87-то место во перцепцијата на индексот на корупција.

А токму Финска, заедно со Данска, и годинава е најдобро рангирана во светот, според глобалниот индекс на корупцијата. Во светот во моментов владее голема побарувачка на фински експерти за принципите на правната држава. Прашање е само колку тие успеале да ги пренесат своите знаења и искуства во Приштина и дали можеби стигнале да фрлат и понекој поглед врз состојбите во соседна Македонија. Доколку некој, се разбира, на сериозен начин покажува интересирање да ги сослуша и да ги прифати нивните предлози и сугестии. Резултатите од споменатата ранг-листа даваат доволно јасен одговор на тие прашања.

Интересирањето околу финската експертиза во глобални рамки е мошне големо. Центарот за правна држава, основан неодамна во соработка меѓу финското МНР и Универзитетот во Хелсинки, ќе се залага за поддршка на развојот на демократијата, владеењето на правото и човековите права во земјите во развој. „Во една правна држава законот важи еднакво за сите, а самоволието е забрането. Законите се применуваат преку независни судови“. Со овие зборови деновиве беше отворен воведниот семинар на споменатиот центар. Слушајќи го тоа, многумина во Косово, или во Македонија, сигурно би рекле дека тие зборови имаат тежина и смисла во стручната литература, но кој уште верува дека во тоа практика е навистина можно да се постигне. Можно ли е да профункционира независно судство, независно од политиката, која насекаде ги вплеткува своите прсти?

Според меѓународни проценки, развојот на правната држава назадува во разни делови на светот во текот на последната деценија. Правната држава е под постојан предизвик не само во сиромашните и во земјите во развој, какви што се балканските, туку и во земји што се сметаат за етаблирани развиени демократии.

Без правна држава и без силни институции што овозможуваат законодавството да се спроведува на предвидлив и непристрасен начин, нема ни суштинска демократија. Кога политичкото водство во една земја се обидува да ја концентрира власта во свои раце, тогаш како прва жртва паѓа правосудството, кое се потчинува на политичките одлуки. Првиот чекор во „прирачниците“ за владеење со авторитарни тенденции е да се доведат судиите во состојба да бидат подготвени да дејствуваат според волјата на политичките лидери. Токму затоа и јасно се гледа зошто некои земји тешко напредуваат на ранг-листите на „Транспаренси интернешенл“. Граѓаните гледаат и резигнирано констатираат дека е сосема можно да се извлечеш од коруптивни кривични дела без казна, доколку „независните“ судии не можат, или не сакаат, да се дистанцираат од намигнувањето на политичарите.

Што се однесува до Финците, тие од поодамна учествуваат во проекти за унапредување на владеењето на правото во глобални рамки. Корупцијата е сериозен предизвик за сите земји членки на ЕУ. Дури 74 отсто од жителите во Унијата сметаат дека корупцијата претставува крупен проблем во нивните земји бидејќи ја поткопува довербата во институциите на системот. Според апроксимативни проценки, корупцијата во ЕУ-членките достигнува ниво од околу 120 милијарди евра годишно, речиси исто колку што изнесува целиот ЕУ-буџет. Освен тоа, корупцијата ги отвора патиштата за перење пари и организиран криминал. Но, едновремено се присутни и големи разлики, посебно меѓу западните и посткомунистичките источни ЕУ-членки, кога станува збор за прагот на толеранција и одговорноста на носителите на власта во пристапот кон јакнење на граѓанската свест при сузбивањето на корупцијата на сите нивоа и на нејзините разорни ефекти по економскиот раст.

Дури и во длабоко корумпирани дејности се покажува дека одделни актери се неретко подготвени да престанат да бараат поткуп или незаконски да присвојуваат материјални средства, без оглед што длабоко во себе се конфронтираат со помислата дека на таков начин всушност само ја губат добивката што можат да ја инкасираат на својата сметка или пак – директно во својот џеб.

Партизираното и корумпирано македонско судство, мошне отворено и недвосмислено се доведува во сооднос со недостигот на волја и подготвеност кај македонските политички елити, меѓу кои не се ретки оние што се осомничени за криминал и корупција, да се заложат за заштита на принципите на правната држава. Затоа можеби и не звучи премногу застрашувачки оценката на специјалниот американски пратеник Габриел Ескобар, дека корупцијата на Западен Балкан е „канцер што ја нагризува вербата на граѓаните во демократијата“.

Земјите од поранешниот источен комунистички блок, кои се членки во ЕУ повеќе од една и пол деценија, сè уште не успеваат во напорите за ограничување на корупцијата, чија најголема жртва е пред сè осиромашеното население.

Во Македонија, на пример, синдикатите „лавовски“ се борат на осиромашените работници да им се покачат платите на „дури“ 300 евра, додека во судовите со години се развлекуваат предмети за функционерски коруптивни зделки во кои постојат сомневања за злоупотреба на стотици илјади, па и милиони евра. Онака, од ракав.

Причините зошто на земјите аспиранти за членство постојано им се поттура на увид барањето за ефикасни реформи во оваа област, сигурно не се ниту неоправдано ниту, пак, нереално барање. Искуствата се загрижувачки и застрашувачки.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот