Коронавирусот и македонскиот филм: Филмот е ставен на пауза

profimedia

Додека светот се подготвува за несигурното отворање на киносалите, за да може, во стадиум на пандемија, да се вратат стотиците милиони долари фрлени за снимањето на „Мулан“ и на „Тенет“, кај нас уште долго нема да гледаме филм во кината, затоа што сме народ кој не ги почитува и не ги сфаќа сериозно мерките за заштита, така што отворањето на киносалите би значело непотребно ризикување. Гледачите треба да се заразат со квалитетни филмови, а не со вирус

Несомнено дека филмската индустрија се наоѓа во незавидна позиција во светски рамки во овој период на пандемија на корона вирусот. Илјадници работни места исчезнуваат, од асистирање на сетови до раководење со киносали. Филмските фестивали се откажуваат или преминуваат во дигитална форма, а единствениот профит од оваа епидемија го имаат драјв-ин кината, каде што во удобноста на автомобилот може безбедно да се погледне филм на големото платно. Неодговорните филмски корпорации инсистираат да ги отворат кината, со цел да вратат дел од милионите долари фрлени на нивните медиокритетски блокбастери, притоа негрижејќи се за потенцијалната катастрофа која би можеле да ја предизвикаат со групирање на посетителите, на кои им велат дека се грижат да опстојат киносалите, а всушност се лакоми опортунисти што сакаат инстантен профит. Кина овојпат нема да го спаси Холивуд и во текот на месецот ќе може да го погледнеме тонењето на бродот „Титаник“, во успорена снимка.

Profimedia

Наспроти овој дистописки поглед на Холивуд, кој за нас претставува само една скриптирана фарса на која сме сведоци од дистанца, небаре е филм што го гледаме на ТВ, домашната кинематографија е ставена во мирување. Имено, моментално сме јули и во текот на 2020 година не можевме да видиме ниту еден нов домашен краткометражен и долгометражен игран или документарен филм во киносалите или во домовите. Филмовите кои се финансирани од Агенцијата за филм се наоѓаат во различни фази на продукција, но голем дел од нив немаат доволно средства да бидат комплетирани, а значителен дел немаат ни почнато со снимање. Кон крајот на овој месец ќе бидат објавени филмовите што ќе добијат поддршка на првиот конкурс на Агенцијата за филм за оваа година, а веќе е востановен и правилник за снимање, според кој ќе се работи на долгометражниот првенец на Елеонора Венинова „Преекспонирано“, кој по оваа пауза би требало прв да зпочне со снимање.

Стапивме во контакт со домашните режисери и режисерки за да позборуваме со нив за оваа проблематична ситуација, во која се затекнати нивните дела и за тоа каде го гледаат решението во поглед на најкритичните аспекти на филмската продукција кај нас.

Вакуумот ќе се рефлектира за три до четири месеци

Со режисерот Вардан Тозија разговаравме за неговиот нов долгометражен филм „М“: „Може да се каже дека во целата низа несреќни околности што го следеа снимањето на овој филм, постои среќната околност дека барем успеавме да го снимиме. Но, тоа нè остава пред голем број предизвици во пост-продукцијата и наоѓањето дополнителни фондови и средства за нејзино завршување.“ На прашањето дали е возможно да се снима со новите пропишани мерки за заштита, тој рече дека е апсолутно возможно. „Веќе имавме некакви мали снимања што протекоа во исклучително организиран амбиент и дисциплинирана атмосфера. Треба само да се придржуваме кон тие милион пати изговорени мерки и протоколи. Секако, не е најпријатно, посебно во лето кога треба 13 часови да се поминат на нога со маска или визир. Повеќе е проблем тоа што се случува од другата страна на камерата, односно доколку е предвиден голем број протагонисти кои треба да снимаат во еден кадар. На тоа најверојатно треба да се постави некаква идејна рестриктивност и сé ќе биде во ред.“

Разговаравме и за штетата која ја трпат филмовите поради пролонгирањето на состојбата со корона вирусот, на што тој додаде: „Филмовите трпат штета со целокупното пролонгирање. При недостатокот на комуникација со странските партнери, секако се губи дел од материјалните средства што беа планирани во буџетските конструкции. Се надевам дека и кај нас ќе се најде начин да се достимулираат филмовите кои се во изработка. Очигледен е вакуумот што ќе настане. Ние сé уште не ги чувствуваме тие последици, затоа што филмовите откако ќе се снимат влегуваат во долга постпродукција. Тој вакуум мислам дека ќе се рефлектира за три до четири месеци, но тогаш се надевам дека целото човештво ќе се потсобере и ќе реши да се регрупира. ВОД платформите ќе царуваат, а доколку се отворат кината луѓето ќе бидат параноични и скептични околу влегувањето во затворените простории. Мислам дека ни претстои долг и неизвесен процес на закрепнување на филмската индустрија. Супремацијата на ‘Нетфликс’, ‘Хулу’ и ‘Амазон’ ќе продолжи и понатаму.“

Колку поголема кинематографија, толку поголема штета

За разлика од него, долгометражниот филм на режисерот Даријан Пејовски „Мими“ се наоѓа во претпродукција. „Во мојот случај оваа ситуација не попречи. Бевме во ладни подготовки, но со оглед на тоа што се доближува времето во кое сакам да снимам, очекувам дека ќе има фидбек во темпото на работа. Какви правилници за работа и да се донесат, филмот, сепак, вклучува работа со многу луѓе. ‘Мими’ е напишан за есен и ќе се снима во есен.“ Во поглед на претстојните поригорозни услови на снимање тој вели: „Бев во банка пред некој ден, имаше строги мерки и редот одеше побрзо. Можеби кога се малку построги условите сите ќе бидеме малку поодговорни. Во секој случај, ризикот постои, посебно кога сто луѓе се на едно место.“ А за последиците на филмската индустрија смета дека колку е поголема кинематографијата, толку поголема ќе биде штетата што ќе ја претрпи.

Режисерката Марија Апчевска работи на нејзиниот краткометражен игран филм „Северниот пол“. На прашањето во кој стадиум е проектот, рече: „Снимањето на ‘Северниот Пол’ прво се помести поради временските (не)прилики. Јануари и февруари беа невообичаено топли, а нам ни беше потребно студено време. Некако се надевавме на задоцнета зима, која и се случи, но за жал во исто време ‘се случи’ и корона вирусот. Во исто време се завршуваше и пост-продукцијата на ТВ-серијата ‘Зоки Поки’, па барем тоа беше возможно, бидејќи се работеше од дома и во студио, со запазување на мерките за заштита.“ А за тоа како тие пропишани мерки се одразуваат, таа смета дека тоа зависи за каков тип на проект станува збор, но дека сепак нема да биде едноставно.

А за последиците изјави: „Повеќето филмски работници се ‘фриленсери’ и овој период е за нас тежок и неизвесен. Имаше повеќе иницијативи за поддршка, што секако е добро, но како и за сите други професии и бизниси директно афектирани од кризата, не може да има мерки кои нудат бесконечна помош. Како и сите останати сегменти на живеењето, така и филмот и сé поврзано со него, се редефинираше во изминатиов период, кај нас и секаде во светот. Некои од новите дефиниции понудија свежина, како онлајн достапност на најновите филмови. Од друга страна, пак, сите тековни снимања, подготовки, фестивали и средби беа и се откажани, а тоа секако дека има последици, кои најверојатно допрва ќе се чувствуваат.“

Може да има недостаток на уметнички независни филмови

Наспроти авторите на играните филмови, се обидовме да дознаеме како се носат со предизвиците и авторите кои работат документарни филмови. Стефан Палитов, кој се подготвува да го снима „Човек од машината“, објаснуваше дека неговиот филм е во доцна фаза на развој, бидејќи започна на крајот на 2018 година, кога влегле во една ко-продукциска програма преку „Докфест“ Минхен и баварско-квебечката копродукција. „Во меѓувреме добивме финансии за развој на сценарио и дојдовме до фаза во која требаше да почнеме да снимаме. Приказната го следи дрводелецот Берт, кој нема рака. Тој добива понуда од научници да биде дел од една нова експериментална операција, при што ќе се поврзе со протеза, станувајќи киборг. Сето тоа се случува паралелно со борбата на неговиот тим да се натпреварува во финалето на киборг-олимпијадата што треба да се одржи во Цирих.“

Како што рече Палитов, филмот треба да се снима во Германија, Холандија и Швајцарија, со тоа што се предвидени и неколку патувања во Лондон и во Стокхолм, но сега сите работи се пролонгираа. На прашањето колку документарниот филм може да се сними според пропишаните мерки на заштита на локација, тој вели дека тоа е дискутабилна работа. „Многу зависи од самиот проект. Има проекти кои поради оваа ситуација никогаш нема да се снимат. Некои проекти пробуваат да се модифицираат, како што е нашиот, а има и проекти кои веројатно нема да почувствуваат турбуленции. Ако станува збор за документарен филм каде што има 10.000 посетители, како што е финалето на Олимпијадата, тоа веќе е проблем. Ова е нова ситуација и, секако, мора да реагираме во склоп со нејзиното развивање.“

Во поглед на последиците истакнува дека ние, всушност, и немаме индустрија која може да пропадне. А штом нема премногу за пропаѓање и преживувањето ќе биде полесно. Но, има продукции кои нема да можат да продолжат. Милионски проекти се фатени во расчекор и многу од нив ќе пропаднат. Сигурно ќе има промена во видовите на филмовите, посебно кога ќе се реотворат киносалите, онлајн дистрибуцијата ќе си го заземе своето место и ќе се продуцираат многу помалку ризични филмови. Ќе се оди на големи и сигурни остварувања, кои носат публика уште пред да бидат направени. Може да има недостаток на квалитетни уметнички независни филмови.

Мислам дека системот не функционира

Кога станува збор за анимираните филмови, тие се наоѓаат во малку поповолна позиција, бидејќи работат во контролирани услови. Крсте Господиновски кој работи на новата анимација „Неми филмови“, посочува дека корона вирусот не му попречил во работата. „Анимираните филмови се работат со помали групи од двајца-тројца на исто место во исто време. Може да се работи и од дома, така што ние во тој поглед немавме никаков проблем. Проблемот се почувствува бидејќи сега не доаѓаат средства од никаде. ‘Неми филмови’ е уште во претпродукција, чекаме потпишување договор за да почнеме со работа, но сè се одвива бавно.“

Најголемиот проблем, според него, е закочувањето на финансиското функционирање. „Имам неколку проекти во постпродукција, но нема средства за нив. Не сум сигурен дека институциите се справуваат со работите како што треба. Мислам дека треба да се интервенира, но системот не функционира. Затоа што, кога на дваесет места се закочени работите, каков било обид за помош нема никаква смисла.“

Сите се надеваме дека некој ќе го отпаузира филмот кој е ставен на пауза и ќе можеме да погледнеме подвижни слики на големото платно до крајот на годината, се разбира, доколку сме внимателни, одговорни и ако ги почитуваме мерките за заштита.

Интервентна поддршка за филмските работници

Агенцијата за филм ги исплати преостанатите рати на одобрените проекти за финансирање, заобиколувајќи ја клаузулата за потребната банкарска гаранција, која е предвидена во законот како обезбедување дека филмот ќе биде снимен и завршен. Станува збор за 27 филмови, за кои беа префрлени 35 милиони денари, односно 560.000 евра, кои според Агенцијата се финализирани од 95 до 97 проценти (па затоа и не требала банкарска гаранција), со цел да им се овозможи работата и дополнително да не се оптоваруваат продуцентите во ова време на криза. Инаку, на Агенцијата и преку Фондот за справување со кризи и беше одобрена интервентна поддршка од 3.500.000 денари, дополнителни средства наменети за стотина филмски работници, кои се фриленсери и чиј статус не е регулиран, па со оваа помош би требало да добијат минимална плата во износ од 14.500 денари за месеците април и мај.

Златко Ѓелески/ФИЛМ+

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот