Коронавирусот ги зарази и партиите

Фото: МИА

Политичките партии кои заедно учествуваат во техничката влада среде вонредна состојба засебено предлагаат свои економски и безбедносни мерки, што може да биде контрапродуктивно по нив доколку предлозите преминат во популизам.

Ловењето на политички поени и водењето на прикриена кампања за време на вонредна состојба може да биде контрапродуктивно за политичките партии затоа што граѓаните се веќе многу чувствителни на популизам, предупредуваат политколозите и комуниколозите. Деновиве лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои се заедно во техничка влада  на прес-конференции пред и во партиските седишта си промовираа свои партиски предлози за тоа како да се надмине кризата со ширењето на коронавирусот и како да се намали економската штета од вонредната состојба.

Христијан Мицкоски од пред зградата на ВМРО-ДПМНЕ предложи да се замрзнат обврските на погодените компании кон државата, а полицискиот час наместо од 21, да почнува од 18 часот. Зоран Заев, пак, викендов од партиското седиште меѓудругото предложи на сите функционери и на администрацијата за април и мај да им се исплати само минимална плата, а да им се помогне и на погодените приватни фирми со исплата на минимална плата за работниците од државниот буџет.

Овие нивни настапи го наметнуваат прашањето зошто партиските предлози не ги соопштат преку своите претставници во техничката влада во која учествуваат заедно и дали со тоа всушност водат предизборна кампања среде вонредна состојба предизвикана од пандемија?

Комуникологот Сеад Џигал вели дека начинот на кој партиите ги доставуваат идеите не е во ред и дава впечаток како да се во продолжена кампања иако изборите се одложени со владината уредба со законска сила.

– Треба да се внимава каква порака им се испраќа на граѓаните во вонредна состојба. Не е дека идеите што ги предлагаат не се добри, тие се добри, но и формата како се пласираат е важна. Тие идеи се пренесуваат на прес-конференции, значи се организираат медиумски настани, па затоа се добива впечаток дека партиите и лидерите работат на сопствената промоција, односно дека водат политичка кампања. Многу треба да се внимава на формата во која се пренесуваат пораките за да не бидат контрапродуктивни. Луѓето сега се во зорт, притиснати од состојбата и сите тие настапи, предлози и мерки може да го доживеат и како притисок. Може да ја изгубат довербата во системот, во политичарите, а тоа, пак, може да влијае и на нивната мотивиранист да гласаат на изборите – вели Џигал за „Слободен печат“.

Професорот Илија Ацевски се согласува дека во овие услови не треба да се води прикриена кампања и да се ловат политички поени, но сугерира дека суштина е во политичкиот маркетинг. Тој додава дека партиите сега им се додворуваат на граѓаните, затоа што и тие се дел од граѓанството, но оној дел што треба да понуди решение.

– Партијата во вакви услови мора да го препознае и да го потенцира својот став пред граѓаните. Затоа сега настапува Заев на овој начин, како да предупредува дека наидува катастрофа и нуди мерки. Со тие мерки треба да се солидаризираат оние кои се дел од државата, администрацијата, која треба да добие помалку пари, а која со години е напаѓана од останатите како  категорија што ништо не работи и очекува дека останатите ќе дадат поддршка. Тој сето го предложи како претседател на партија, значи предлозите дојдоа од СДСМ. Оти, ако потекнуваат од Владата, која нема партиска боја, ќе нема ни заслуга за никој. Истото го прави и Мицкоски – вели Ацевски.

Според политикологот Петар Арсовски теоретски владата треба да преглага мерки за надминување на кризата, а не не политичките партии, но во бнапшиот случај има два битни моменти.

– Прво, техничката влада е и политичка влада. Таа е составена од политички партии кои паралелно си делуваат. Второ, оваа вонредна сосотојба се пододси среде предизборие во полн ек, па околностите се такви. Не пречи што партиите пред јавноста ќе ги изнесат своите идеи и предлози за мерки како побрзо да се надмине кризата. Јавноста ќе им суди дали мерките им се реални или популистички, па ако имаат добри предлози нека ќарат и одредени поени, зошто да не. Поентата е во тоа нивните настапи да не преминат во популизам, затоа што јавноста е веќе алергична и видливо реагира на социјалните мрежи на се што наликува на популизам и на ловење поени. Граѓани тоа многу добро го препознаваат и не го прифаќаат – вели Арсовски за „Слобден печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот