Колумбија ќе мора да усмрти неколку од дивите нилски коњи на Пабло Ексобар

Нилски коњи илустрација / Фото EPA-EFE/Daniel Irungu

Колумбија треба да убие неколку од 166-те нилски коњи кои потекнуваат од стадото во сопственост на нарко-босот Пабло Ескобар во 1980-тите. Министерката за животна средина Сузана Мухамад рече дека 20 ќе бидат стерилизирани, други ќе бидат префрлени во странство – а неколку други ќе мора да бидат убиени, пренесува Би-Би-Си.

Експертите со години се обидуваат да го контролираат бројот на нилските коњи. Ескобар ги увезол животните за неговата приватна зоолошка градина Хациенда Наполес. Тие биле оставени слободно да шетаат откако тој бил убиен во престрелка со полицијата во 1993 година.

Властите пробале различни пристапи низ годините за да ја спречат експлозијата на бројот на ова животно во главната река во Колумбија, Магдалена, вклучително и стерилизација и префрлање во зоолошки градини низ светот.

Сепак, напорите не успеаја да го задржат бројот на нилски коњи, бидејќи недостигот на предатори и плодниот и мочурлив регион Антиокија обезбедува совршени услови за напредување на домородното африканско животно, што многу ги изненади експертите.

Нивната судбина беше запечатена кога нилските коњи беа прогласени за инвазивен вид минатата година, отворајќи ја вратата за ловците кои сакаат да ги убијат.

„Работиме на протоколот за извоз на животните. Нема да извезуваме ниту едно животно ако нема овластување од органот за животна средина на другата земја“, рече Мухамад, цитирана од локалните медиуми.

Таа рече дека Министерството создава протокол за евтаназија како последно средство.

Колумбиските експерти долго време предупредуваат дека неконтролираното размножување на нилските коњи претставува закана за луѓето и домородните диви животни. Нилските коњи се второто по големина копнено животно по слонот, а возрасните мажјаци можат да тежат до три тони. Тие се меѓу најопасните животни во светот: годишно убиваат околу 500 луѓе.

Риболовните заедници покрај реката Магдалена често се напаѓани, а неколку нилски коњи влегле во училишен двор, иако во тие инциденти немало мртви.

Проценките сугерираат дека популацијата би можела да достигне 1.000 до 2035 година ако ништо не се преземе, но активистите за животни велат дека стерилизацијата повлекува страдање за животните – и голема опасност за ветеринарите што го прават тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот