Кој ги „крати“ имињата на хероите во песните и ги „заборава“ строфите на химната

ФОТО - Принскрин Јутуб : МОБ при изведба на песната „Во борба, во борба” во Крушево

Голем број реакции со жестоки осуди и различни толкувања во јавноста, како и извинувања од речиси сите инволвирани страни, следуваа денес по вчерашната нецелосната изведба на песната „Во борба, во борба” отпеана од страна на МОБ за време на отворањето на прославата за Илинден во Крушево, а од која беше изоставен стихот во кој се спомнува Гоце Делчев.

Дилемите во јавноста и на социјалните мрежи одат до таму што дел од граѓаните коментираат дека ова е уште еден „намерен чин“ кој се повторува извесен период кога станува збор за националната химна, народните песни и текстовите во нив во кои се пее и зборува за херорите против фашизмот, борците и основоположбиците на македонската држава.

Сепак, како во коментар на социјалните мрежи за случката во Крушево кога МОБ при изведување на песната изостави дел, поп пејачката Елена Петрска која е дел од МОБ појаснува дека аранжманот на песната бил направен пред повеќе од десет години, и никој со сила не можел да ги натера хористите да менуваат текст или да пеат поради нечиј интерес.

-Не е исфрлена, зошто паѓате веднаш на провокации, аранжманот кој го пеевме е стар сигурно повеќе од една деценија. Не е направен специјално за оваа пригода, а и не може никој да не натера со сила да пееме или менуваме нешто заради нечии интереси. Тоа го тврдам! Се плука по нашата работа, а таму пеевме за дневница од 700 денари, при што цел ден се печевме на сонце. Не е фер да се измислуваат приказни за нечиј труд! Тријат раце порталите од читаност за вакви приказни на кои само подводливи луѓе веруваат – реагира Петреска на објава од нејзиниот колега Владимир Блажев од дуото ДНК.


Од друга страна пак професорот Тони Дескоски во исто време во своја објава на Фејсбук коментирајќи за случката вели дека доколку е направена грешка треба јавно да се признае и да се понесе одговорност за чинот.

– Кога ќе се згреши, грешката треба да се признае и да се понесе одговорност. Никој не тврди дека уметниците насила пееле скратен текст, ниту пак дека таквото кратење е од вчера. Едноставно, изведено е осакатено дело, во кое случајно е „испуштен” Гоце Делчев и борбата против фашизмот. За сакатењето на песната се работи – пишува во својата објава Дескоски.

За потсетување ова не е прв пат при изведба на песни со национален карактер и химната да се изостават цели строфи, делови од песни па дури и имиња на хероите опеани во нив.

Хронолошки гледано наназад, последен гаф кој слично ја брануваше јавноста а беше сензитивен, се случи кога македонската претставничка за евровизија, Андреа Коевска во Торино, направи непромислен потег и во еден момент додека беше фотографирана го фрли македонското знаме. Веднаш по ова, пејачката се извини и рече дека моментот бил непромислен а не намерен.

Претходно слична работа направи и пејачката Тамара Тодевска пред речиси три години кога на приемот во Амбасадата на САД во Скопје по повод 4 Јули, Денот на независноста таа испеа своја скратена верзија на македонската химна.

Тогаш, Тодевска слично како и вчера испушти да испее четири стихови од официјалната државна химна, односно го испушти делот со „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“ по „Одново сега знамето се вее, на Крушевската република!“.

Интересно е што во сите три случаи, изведувачите се извинија, правдајќи се дека пропустите не се намерни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот