Кој да ги прогласи имињата за „озлогласени“? Клубот „Ванчо Михајлов“ бил регистриран под тоа име во 2019 година

Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола
Културен центар „Иван Михајлов“ - Битола (Фото: Фејсбук)

Требаат јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија што ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или неодобрување на употреба на неговото име.

Случајот со клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола покажува дека треба веднаш да почне постапка за носење измени на Законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за нивно регистрирање, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија што ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или неодобрување на употреба на неговото име.

Ова е заклучокот на експерти по дебатата што се разви за тоа кој дозволил клубот „Ванчо Михајлов“ да се регистрира под тоа име. Од Министерството за правда информираат дека клубот е регистриран на 15 март 2019 година во Централниот регистар во Битола, а  ексминистерката за правда Рената Дескоска преку Фејсбук информираше дека надлежен за регистрирање на здруженијата е Централниот регистар.

– Доколку во името на здружението е внесено име и презиме на историска и друга позната личност, се бара нејзина согласност, ако е почината – согласност од нејзини сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда. Во 2019 година кога е регистрирано ова здружение, побарано е одобрение од Министерството за правда. Министерството тогаш не дало одобрение за употреба на името Иван Михајлов. Министерството за правда го известило и подносителот на барањето дека не може да даде согласност за употреба на името Иван Михајлов. Известувањето дека не може да се даде согласност, значи дека немате согласност од надлежниот орган – вели Дескоска.

Од Министерството за правда и од Централниот регистар не се сметаат за одговорни за регистрацијата на Здружението „Иван Михајлов“. Министерството тврди дека не дало одобрение, а Централен регистар дека не е надлежен за името и дека во програмата на Здружението нема елементи на насилно уривање на уставниот поредок.

Од Владата не ни одговорија дали ќе се донесе регистар на историски личности, дали ќе се дополни законот или ќе се формира комисија од историчари, која ќе го има последниот збор дали по одреден историски лик може да се именува здружение или фондација.

– Не мора да се донесе регистар на историски личности, но политичарите треба да ги консултираат историчарите за личности од историјата по кои не смее да се именуваат здруженија, клубови и слично. Вака излегува дека институциите кои владата или Собранието ги формирале постојат сами за себе, односно власта за ништо не ги прашува. Најтрагично е дека секоја политичка гарнитура си носи свои советници, оти претходните нели не биле толку паметни и се потпираат на нивните совети, иако можеби меѓу советниците нема историчари. Иако ресорното министерство тврди дека не дало дозвола, некој политички послушник по наредба на политичкиот врв дало дозвола за регистрација – изјави за „Слободен печат’ историчарот Тодор Чепреганов.

Според историчарот, неизвесно е дали Македонија е подготвена да воведе регистар на историски личности, бидејќи тоа може да ја отвори Пандорината кутија дома. За мир во куќа политичарите досега не отвориле дебата за таков регистар. Во таков случај ќе се отвори прашањето за чествувањето на балистот Џемо, кому му е подигнат споменик во Гостиварско, но и на поранешните припадници на паравоената ОНА, чиј статус не решен, а владејачката ДУИ веќе 20 години ги одбележува годишнините на загинатите и почетокот на конфликтот.

Централен регистар:  Нема орган што може да издаде одобрение за употреба на име на личност

Од Централен регистар потврдуваат дека Министерството за правда не дало одобрение за упис на Здружението, бидејќи не се води регистар на историски личности или каков било друг документ со кој може да се утврди статусот на историска личност и употребата на нејзиното име.

„Централниот регистар го зема предвид известувањето од Министерството за правда за немање регистар за историски личности но, исто така, не е предвидено дека друг државен орган води регистар на историски личности. Со други зборови, не постои надлежен државен орган што може да издаде одобрение за употреба на име на личност. Централниот регистар не може да го спречи загарантираното уставно право на граѓаните за слобода на здружување заради остварување на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања како темелна вредност“, велат оттаму.

Од Централниот регистар додаваат дека во запишаните цели и програма на делување не се косат со законот, а по основањето на здружението на никој не поднел жалба за неговата регистрација. Барањето за регистрација на Здружението го поднел извесен Љупчо Ѓоргиевски и тоа поминало низ сите законски процедури.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот