„КОХА ОБВИНУВА“: Тачи и Харадинај именуваа свои луѓе на чело на Агенцијата за разузнавање

EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Приштина, 25 ноември 2019 (МИА) – Претседателот на Косово Хашим Тачи и премиерот во оставка Рамуш Харадинај именуваа денеска свои луѓе на чело на Агенцијата за разузнавање на Косово (АКИ), откако за директор на Агенцијата ги именуваа Крешник Гаши, а за нејзин главен инспектор Бурим Рамадани, пишува „Коха.нет”.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Гаши на чело на АКИ доаѓа од позицијата претседател на Бордот на Регулаторниот авторитет за електронски и поштенски комуникации (АРКЕП), а претходно беше генерален секретар во Министерството за надворешни работи, во време кога министер беше тогашниот лидер на Демократската партија на Косово (ПДК), сегашниот претседател на Републиката, Хашим Тачи.

Вториот новоименуван челник на АКИ, Бурим Рамадани, според коха.нет, е партиски војник од Алијансата за идината на Косово (ААК), на чие чело е премиерот во оставка Харадинај. Рамадани беше кандидат за пратеник од ААК на парламентарните избори од 6 октомври, а во владата на Харадинај беше заменик-министер за одбрана.

Харадинај и Тачи ги именуваа денеска Гаши и Рамадани за челни луѓе на косовското разузнавање откако на 6 овој месец досегашниот шеф на Агенцијата, Шпенд Маџуни поднесе оставка на функцијата.

Веста преку својата страница на Фејсбук ја објави Харадинај, наведувајќи дека одлуката ја донел согласно неговите уставни и законски надлежности и во координација со претседателот на државата. Непосредно по ова, информацијата преку соопштение до медиумите ја потврди и кабинетот на Тачи, кој информира дека тој, согласно неговите уставни надлежности, го потпишал указот за именување на Гаши и Рамадани.

Деновиве, пак, лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде избран за премиер откако неговата партија победи на вонредните парламентарни избори, му порача на Харадинај дека именувањето на новиот шеф на АКИ е работа исклучиво на новата влада.

Курти побара од Харадинај и неговите министри да не носат одлуки кои не се во надлежност на влада која е вршител на должност до формирањето на новите инситуции произлезени од изборите.

Идниот премиер ѝ порача на Владата во оставка дека ќе одговара за одлуките кои ги носи во периодот на институционален вакуум, односно од изборите до формирањето на новите институции.

„Периодот од 6 октомври наваму се карактеризира со екстремна злоупотреба на институционалниот вакуум од страна на владата во заминување“, напиша Курти во саботата, најавувајќи дека, откако ќе биде избран за премиер, „одлуките кои се носат од владата која што е вршител на должност и што претставуваат надминување на надлежностите на една влада во заминување, односно дежурна влада, ќе бидат поништени, а налогодавачите ќе одговараат”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот