Книгата „Чекорите до црешовото дрво“ од Паола Перети носи моќна приказна за детството, храброста, љубовта и за животот

Насловна корица на книгата

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, ја објави книгата „Чекорите до црешовото дрво“ од Паола Перети. Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.

На деветгодишната Мафалда, главен лик во книгата, ѝ откриле Старгартова болест, која предизвикува постепено губење на видот и слепило. Во мракот што ја опфаќа, Мафалда, исто како и Малиот Принц, учи светот да го набљудува со срцето, а не со очите. Горчината што ја чувствува читателот само се засилува со сознанието дека и самата авторка на романот страда од истата болест.

Авторката Паола Перети (1986) е италијанска писателка. Студирала книжевност и филозофија. Дипломирала новинарство во 2011 година. Пред петнаесетина години ѝ откриле ретка генетска болест што води кон целосно слепило. „Чекори кон црешовото дрво“ е нејзин прв роман. Живее во областа Верона, каде што предава италијански јазик на децата на имигрантите.

Преведувачката Искра Димковска (1982, Скопје) во 2006 година дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, стекнувајќи се со звањето филолог по италијански јазик и литература и германски јазик и литература. Во изминатите години уредник е на издавачката куќа „Сказнувалка“.

Од италијански на македонски јазик Димковска ги превела „Месечината и огновите“ од Чезаре Павезе („Антолог“, 2014), „Жена“ од Сибила Алерамо, („Сигмапрес“, 2015), „Прави се сите“ од Паоло Сорентино („Антолог“, 2021) и „Доволно е да заврши денов“ од Антонела Латанци („Сигмапрес“, 2022).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 195, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 08-10.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот