Климатските промени ќе разгорат нестабилност, насилства и војни

Антонио Гутереш/Фото: EPA-EFE/PASCAL BITZ / WEF HANDOUT MANDATORY CREDIT / HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на „ефикасен мултилатерализам“ на сите членки на Советот за безбедност на ОН, заради „здравје и стабилност на планетата“, при што, исто како и Гутереш, укажа на нераскинливата врска помеѓу климата и безбедноста

Од дваесетте земји најпогодени од конфликти во светот, 12 се исто така меѓу најранливите земји од влијанието на климатските промени. Неуспехот на климатскиот фронт би ги поткопал напорите да се спречат конфликтите и да се консолидира мирот, порача Макрон

Ако светот итно не преземе акција за запирање на климатските промени предизвикани од човекот, би можел да се соочи со засилени нестабилност, насилства и војни, предупредува генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Укажувајќи дека изминатите десет години биле најтопли во историјата откако се мери температурата, Гутереш истакна дека последиците од климатските промени ќе имаат разорен ефект за луѓето и инфраструктурата.

– Климатските промени ги сушат реките, ги намалуваат бербите, ја уништуваат критичната инфраструктура и ги раселуваат луѓето. Како резултат на тоа ризиците од нестабилност и конфликти исто така се зголемуваат – порача Гутереш говорејќи на сесија организирана од Обединетото Кралство.

Генералниот секретар на ОН истакна дека на последиците од климатските промени најмногу се изложени регионите што важат за „немирни“. Истакнувајќи дека 8 од 10 земји каде што имало војни и конфликти се изложени на големи климатски промени, Гутереш рече дека во Западна Африка и Сахарскиот регион повеќе од 50 милиони луѓе се занимаваат со сточарство и дека промените во пасиштата предизвикуваат растечко насилство меѓу овчарите и земјоделците. Слабите врнежи и сушата ја зголемуваат конкуренцијата во Дарфур.

Гутереш порача дека е потребна „вистинска глобална коалиција“ за постигнување на целта за нулта емисија на јаглеродни гасови во атмосферата до 2050 година. Генералниот секретар на ОН ги повика развиените земји да ја исполнат својата обврска да издвојат 100 милијарди долари годишно за земјите со ниски примања за да помогнат во борбата против климатските промени и да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид.

Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, ја поддржа германската идеја за назначување „специјален пратеник за климатска безбедност“. Германија лани предложи резолуција со која се предвидува создавање на претставник на ОН за климатска безбедност, но под закана од вето од САД, Русија и од Кина, Берлин не го стави овој текст на гласање.

На видеоконференцијата на лидерите на членките на Советот за безбедност на ОН, Макрон нагласи дека „неуспехот на климатскиот фронт ќе ги поткопа напорите за спречување конфликти“.

Францускиот претседател се заложи за обновено единство во Советот за безбедност, истакнувајќи ја притоа улогата на Џон Кери, поранешниот кандидат на демократите за претседател на САД, кој пред еден месец беше назначен од новиот претседател Џо Бајден за „специјален пратеник за климатските промени“. Макрон оцени дека Кери за време на мандатот на Доналд Трамп бил „отпорен“ на републиканско претседателство. САД пред неколку денови и официјално се вратија во Парискиот климатски договор за ограничување на глобалното затоплување, во кој ги вклучи поранешниот претседател Барак Обама, но потоа ги исклучи неговиот наследник Трамп.

Макрон повика на „ефикасен мултилатерализам“ на сите членки на Советот за безбедност на ОН, заради „здравје и стабилност на планетата“, при што, исто како и Гутереш, укажа на нераскинливата врска помеѓу климата и безбедноста.

– Од дваесетте земји најпогодени од конфликти во светот, 12 се исто така меѓу најранливите земји од влијанието на климатските промени. Неуспехот на климатскиот фронт би ги поткопал напорите да се спречат конфликтите и да се консолидира мирот – порача Макрон, оценувајќи дека екстремните појави поврзани со глобалното затоплување ќе се зголемат и ќе се влошат, со нивната несигурност и војни.

Макрон оцени дека назначувањето на специјален пратеник за климатска безбедност, според примерот на Џон Кери од САД, би придонесло за поефикасно координирање на напорите во случај на катастрофа или „да обезбеди механизми што ќе  овозможат брзо обновување на економската активност по катастрофи“.

Макрон изрази надеж дека со годишните извештаи до Советот за безбедност за влијанието на климата врз меѓународната безбедност, генералниот секретар на ОН „ќе предвиди, ќе нè предупреди, ќе ни даде препораки и ќе ни дозволи да ја играме нашите улога“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот