Ќе висите сите заедно!

Благојче Атанасоски

Освен тридецениските излитени парадни фрази на нашите „државници“ за илинденската епопеја, за саможртвата на нашите илинденци и партизани, кои животот го положиле за ние денеска да имаме своја држава, ништо суштинско и содржајно не чувме. Може да си ги препишуваат буквално истите говори со децении и ништо да не сменат, бидејќи секоја година прават само „игра со зборови“.

Кога одам да се надминам со некој фејсбук-статус, гневен од политичките состојби и процеси во нашата мала и мила државичка, револтиран од тоа што триесет години се вртиме во круг, без никаков напредок на ниту едно општествено поле, кое е суштински важно за подобрување на квалитетот на животот на обичниот граѓанин, тоа изгледа некако вака.

Иднината на оваа полураспадната држава ќе биде многу пострашна отколку судбината на Егејците, Евреите и Ерменците во нивните погроми заедно! Јас мислам дека веќе не треба да си играме „мачка и глушец“. Предлагам целосно и промптно да му се даде власта на македонскиот Коста Кецмановиќ од Велес и да видите каква „лепота“ има да ве задеси!

Мислам дека заслужуваме да го живееме српскиот сон, како Срби по душа и комплекс на пониска вредност, тој од 90-тите на Милошевиќ и на Добрица Ќосиќ: со 3 марки плата и 1.800 проценти инфлација. Во суштина, просечниот прост, инаетлив, имбецилен и инфантилен Македонец и не заслужил повеќе од тоа! Што сработил тој во својот живот за да има убав, пристоен и достоен живот според западноевропски стандарди? Цели 45 години живееше во поранешното „Ел Дорадо“ од туѓи кредити, верувајќи дека другарот и маршалот Тито „добро ја води Југославија“.

Овие триесет и три години ги живее од западните кредити и од странски инвестиции, оди на одмор по петпати во годината, каде ако не во Грција, се разбира, убаво се облекува, се храни по ресторани и со кажи-речи ич труд, живее поубаво од еден просечен Германец, кој се убива од работа по 12 часа на ден. И пак се жали и е незадоволен од животот. За да биде конечно задоволен, предлагам сета меѓународна помош, сите милиони и милијарди евра истурени од Западот под итно да прекинат и пиперките и доматите да ги извезуваме во Кремљ, за евтин гас и за наоружување за финалната битка со Бугарите и со Албанците! Хахахаха.

Тоа е вистинскиот патриотизам што ни треба и што го бараме цели три децении од независноста. Ајде Бугарите да ги оставиме на страна, веќе се банални и здодевни за расправа, но кога сме кај Албанците, кој го спречува Бујар Османи, заедно со другарите, да конституира федерален ентитет во Тетово и во северозападна „Северна“ Македонија, бидејќи Димчето, тоа депресивно суштество, замислете, „му забранува од името на македонскиот народ да преговара за македонскиот идентитет и јазик со официјална Софија, бидејќи бил Албанец“.

Добро, штом така вели Димче, тогаш етничките Албанци нека ги напуштат институциите на системот и нека си направат свои. Во тој и таков случај Фрицел од Велес ќе хистеризира дека „Американците ја федерализирале Македонија“. Неверојатна шизофренија, за која и Зигмунд Фројд да стане, да го види тоа, ќе се самоубие! Тоа ви е исто како кога покојниот Љубиша Георгиевски од плоштадите низ Македонија во деведесеттите беседеше – „ќе им ги сечеме канџите на орлите“. И кога конечно орлите ги пуштија канџите во 2001-та, како најголеми кукумјавки се жалевме дека „Америте ни ја направиле војната“. Неверојатно! Не, војната ја направивте вие и вие ќе ја федерализирате Македонија. За бугаризација не се секирајте, веќе го сторивте тоа, со тоа што од вашата „политика“ преку 100.000 македонски државјани станаа и бугарски и аналогно на тоа Бугари, своеволно прифаќајќи дека се „Блгари по произход“.

Кога сме веќе кај војните, предлагам, кога веќе немам моќ, сите до еден да отидете во источна Украина, се разбира во руските орди и трупи, за да го денацифицирате Киев, бидејќи – што ќе ни е победничка Македонија, при поразена Русија? До еден. И да не се вратите. Ако веќе решат да ве вратат, тоа да биде во добро нумерирани сандаци. На Зајчев Рид има доволно простор да направиме уште една алеја на великаните и могила на непобедените и да влезете во историските учебници! Мала жрвта ќе биде тоа за мајка Македонија, но голема за баќушките и за Русија!

Од горделив, стигнав да се срамам што сум Македонец!

Не знам веќе на кај каде да ја свртам главата од срам, јад и чемер, кога на страниците токму на овој медиум ја прочитав „најновата“ информација дека Македонија е петта најсиромашна земја на европскиот континент, според истражувањето на еден германски институт. Не дека тоа е нешто изненадувачки, нешто што треба да нè остави со подзинати усти и да нè фрапира, туку податокот дека Босна и Херцеговина, односно граѓаните на Босна и Херцеговина, живеат подобро економски и имаат малку подобар стандард од нас, ме порази.

Замислете, етнички федерализираната, failed state држава, која во раните деведесетти во страотната граѓанска војна изгуби преку 100.000 жители и имаше повеќе од половина население внатрешно раселени лица, денес, три децении подоцна да има повисок стандард од нас. Под нас, очекувано, се Украина, Косово, Молдавија и Албанија, со што последнава ни „дише“ во врат и убеден сум дека доколку ги почне преговорите со Европската Унија, ќе нè престигне и ќе нè одмине. Ќе останеме со најутепаните, со жална Украина, која го живее пеколот по руската „специјална воена операција“, со Косово, меѓународно сè уште целосно непризната држава и со Молдавија, поделена земја со внатрешен етнички ентитет контролиран од Кремљ и од Москва.

Па, нели ни е срам три децении по она култното Кироглигорово „да ви ја честитам самостојна, суверена и независна Македонија“ на 8 септември во 1991 година, како заокружување на „двата Илиндени“ од 1903 и од 1944, на плоштадот Македонија кога ја прославувавме независноста на македонската држава, да дојдеме до тоа дереџе да сме во ова „елитно друштво“?! Па, на ова истражување од германскиот институт, соседна Србија има речиси дупло поголем економски перформанс и бруто домашен производ по глава на жител од нас, една Србија која во 90-тите отвори војни со сите свои соседи и нејзините граѓани живееја пекол, во економска смисла, пострашен од тој на најсиромашните африкански нации. Колку сакаме да зборуваме во негативна, предрасудувачка смисла за нашите источни соседи Бугарите, според сите релевантни истражувања тие веќе се двојно побогати од нас, со тројно помала невработеност од нашата и со инфраструктурна метро мрежа во главниот град Софија која чини колку еден наш државен буџет! Нам ни остана сè уште само да се залажуваме пред селските кооперации со шише пиво дека сме „Американци за Бугарите“. Очајно самозалажувачко себеутешување кое го храни егото на горделивиот прост Македонец, без да се отрезни и да ја погледне суровата реалност околу себе и да направи нешто за да ја промени!

Илинден и Македонија не ги заслужуваме!

Помина уште еден Илинден, за нас Македонците нели нашиот Велигден. Освен тридецениските излитени парадни фрази на нашите „државници“ за илинденската епопеја, за саможртвата на нашите илинденци и партизани, кои животот го положиле за ние денеска да имаме своја држава, ништо суштинско и содржајно не  чувме. Може да си ги препишуваат буквално истите говори со децении и ништо да не сменат, бидејќи секоја година прават само „игра со зборови“.

Да, навистина илјадници наши предци загинаа за слободата на Македонија, но зошто и за кого?! За ние, нивните наследници и современици, денеска да ја уништуваме и да ја упропастуваме Македонија за која тие во цутот на младоста го положиле својот живот! Да ја ограбуваме и да ја корумпираме како за последно, да ѝ ја вадиме маста, што се вели народски, за потоа да се правиме не знам ти какви и колкави патриоти! Ја крадеш и ја љубиш Македонија истовремено. Има ли поголема шизофренија и поголемо лицемерие од тоа? Нема! Просечниот Македонец и во таа насока може и најсоодветно да се дијагностицира, како шизофрен лицемер. Нека ви е честит уште еден Илинден. За кој немате никакво, ама баш никакво, најмалку морално право да го славите. Бесрамници!

(Авторот е политиколог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот