Ќе изненади ли Џафери самиот да претседава со седницата за негово разрешување!?

Кој ќе претседава со седницата за разрешување на претседателот на Собранието Талат Џафери е дилемата која се наметна откако ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за собраноскиот спикер? Нема да биде изненадување ако Џафери самиот претседава со седницата за интерпелација за неговата работа, брифираат собраниски извори, бидејќи како што велат, тој самиот ќе пресече за тоа. Ако Џафери реши сам да ја води седницата, тоа ќе биде првпат претседател на Собрание да раководи со пленарна седница на која тој може да биде разрешен, бидејќи вообичаена пракса е со тие седници да раководат потпретседателите на Парламентот како во случај на интерпелациите на екс претседателите Љубиша Георгиевски, Љупчо Јордановски и Трајко Вељановски.

Според Деловникот, претседателот ги свикува седниците и раководи со нив. Само претседателот на Собранието одлучува дали ќе претседава со седницата или за раководење со пленарка ќе овласти потпретседател на Парламентот, во случајов Горан Мисовски. Потпретседателите на Собранието претседаваат со седниците во случај на отсуство или спреченост на претседателот на Парламентот. Од Џафери нема потврда дали тој ќе претседава со седницата за негово разрешување.

Интерпелацијата на Џафери најрано ќе се најде на дневен ред кон крајот на месецов или во првата половина од јули, велат собраниски извори. Џафери вчера потврди дека го примил барањето за интерпелација и тоа веќе е во собраниска процедура. Според распоредот, идната недела прво треба да заседава Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања на која ќе се утврдува дали Џафери го прекршил етичкиот кодекс, по објавата на собраниската снимка на која се слуша како претседателот навредува собраниски службеници. За месецов веќе се планирани и две нови пленарни седници по што ќе почне десетдневната расправа за ребалансот на буџетот. Според ова, седницата за интерпелација најрано би се одржала кон крајот на јуни.

Собраниски извори брифираат дека Џафери интерпелацијата нема да ја стави во фиока, туку ќе инсистира на расправа. Од кабинетот на Џафери вчера не прецизираа кога ќе се одржи расправата, само соопштија дека претседателот ќе постапи според роковите од Деловникот.

-Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците – се вели во соопштението.

Џафери може и да не достави писмен одговор на интерпелацијата туку да реши усно да ја брани својата досегашна работа во Собранието.

Друга ситуација е и дека по поднесувањето на интерпелацијата од ВМРО-ДПМНЕ, Џафери сега го чека координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски да се договорат кога таа ќе се најде на дневен ред.

Од владејачкото мнозинство велат дека ако ВМРО-ДПМНЕ очекува интерпелацијата да се најде најбрзо на дневен ред, треба Мицевски да не ги бојкотира координациите кај Џафери, бидејќи собраниска пракса е за утврдување на денот на интерпелацијата да се договорат подносителот и функционерот за кого таа е поднесена, во случајов претседателот на Собранието, бидејќи според Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24 часот.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека не одат на координациите кај претседателот, но велат бојкотот е политичка порака дека Џафери не го почитува и го злоупотребува договореното на координациите. Од опозициската партија велат дека и покрај бојкотот на координациите, има начин како да го договорат денот за интерпелација и тоа или преку потпретседателот на Собранието или генералниот секретар. Од партијата велат дека интерпелацијата ја поднеле за да има расправа за работата на Џафери.

ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Џафери откако неодамна за време на пребројување на пратениците претседателот ги заклучи вратите на собраниската сала, што според нив е неделовнички. Опозицијата го обвинува Џафери за нестручно работење, избегнување на расправи за одредени закони, за отфрлање на опозициски амандмани, ограничува право на говор, како и инцидентот со навредите до службениците.

Според распоредот на силите во Собранието, не се очекува интерпелацијата да добие поддршка. Ова е втора интерпелација за Џафери. Лани во јули ВМРО ДПМНЕ и Левица му поднесоа поради говорот на албански јазик на самитот Европски Парламент-Западен Балкан, но таа никогаш не дојде на дневен ред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот