Kино „Напредок“ стана сопственост на ИВЗ

Фото: Мктикетс

Албанскиот театар за деца и младинци во Старата чаршија во Скопје, поранешната зграда на кино „Напредок“, е предаден во сопственост на Исламската верска заедница (ИВЗ). Образложението на оваа одлука е дека овој објект е вакафски имот на ИВЗ. ИВЗ информира дека постапката во Катастарот е завршена од мај врз основа на процесот на денационализација.

По оваа одлука, во јавноста се појавија дилеми дали ИВЗ ќе побара Театарот за деца и младинци да ја напушти зградата, а градоначалникот на Чаир Висар Ганиу за оваа тема се сретна со Ќенан Исмаили, муфтија на муфтиството во Скопје.

Од ИВЗ велат дека театарот не е должен да ја напушти зградата. Одлуката за заминување или останување на театарот зависи од волјата на Министерството за култура и од самиот театар, но нагласуваат дека сега треба да се постигне договор за користење на објектот помеѓу Министерството за култура и ИВЗ, односно Муфтиството на Скопје, новиот сопственик на зградата.

– Детскиот театар, кој е за сите наши деца, ќе продолжи да функционира на тоа место, доколку сака. Сакаме да го дадеме нашиот придонес, бидејќи како ИВЗ секогаш сме давале придонес во областа на културата и образованието и особено во овој случај покажуваме добра волја дека сме за култура, театар и поддржувам активности на деца и млади – рече Ќенан Исмаили, муфтија на Скопје, по средбата со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Ганиу, исто така, вели дека театарот ќе продолжи да работи каде што во моментов работи.

– Театарот ќе продолжи да работи, таму каде што работи во моментов. Вработените таму ќе ги извршуваат сите свои активности. Муфтиството не предвидува да ја смени намената на објектот. Муфтиството ќе помага секојпат како што помогна во областа на спортските и образованите активности, но и во културата – рече Висар Ганиу, градоначалник на Чаир.

Владата со буџетот за 2021 година одвои средства за реновирање на објектот на театарот во скопската Чаршија, поточно подрумот на детскиот театар и негово приспособување на работните услови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот