Ќе трошиме тоалетна или ќе садиме лимони?

Оставени сме сами да решиме дали ќе умреме или ќе преживееме. Природата ги вклучи своите одбранбени механизми и ги испрати сите можни пораки на сите јазици на светов. Дали и Македонецот, кој ги празни рафтовите со тоалетна исто како и Американецот, ќе ги разбере овие нови пораки?

Утрово се разбудив со звуците на  „Старо купуем“ и веднаш излегов на балкон и почнав да се дерам, т.е. пеам во негов стил. Се обидов низ песна да му раскажам дека денес нема „ништо од бизнисот“, тој пеејќи ми се заблагодари и ја продолжи својата главна арија, туркајќи го празното товарно моторче надолу по пустата улицата. Ми падна жал за самостојниот приватник, чиј бизнис несомнено страда во ова време на затворени врати и прозорци, како што жалам и за сите оние чии „професии“  несомнено ќе отидат во неповрат по оваа „неизбежна“ изолација што ни ја наметна „малото венче од ДНК“.

Сите се свесни дека ни следува брутална економска рецесија, која целосно ќе ја видоизмени светската економија, па и нашата. Ќе нема толку автомобили, ама ќе има повеќе медицинска опрема и галантерија, ќе се забрани јадење диви животни и најверојатно ќе има сѐ повеќе вегани, државите ќе се завртат повеќе кон себе, ќе се произведува повеќе храна и енергија за сопствени потреби и, ако треба, ќе се извезува помалку. Со вакви прашања денес се занимаваат врвните умови во политиката, економијата, науката и филозофијата, барајќи одговори со кои би го смириле народот на кој ваквите прашања му создаваат дополнителен страв.

Право да ви кажам, јас се уплашив уште повеќе. При мојата редовна посета на балконот, поврзана со консумацијата на никотин, зажалив што воопшто ја отворив вратата. Наместо моите домашни да го избегнат зачадувањето на просторот од моја страна, го примија директно однадвор, од воздухот што е околу нас. На некој му текнало дека движењето е ограничено, дека јавноста е ангажирана со пандемијата, па рекол: „ајде да го изгориме ѓубрево додека е време“.  Во таква ситуација и навистина е најдобро да си седите по дома. Едно од шест предвремени умирања е последица на токсичниот воздух, што е и многу поопасно од вирусот, ако се земе предвид степенот на загаденоста во нашите градови. И тоа е работата што прави да се плашам, прашањето дали сме ние свесни за себе и својата околина, особено во време кога таква свест ни е наметната природно. Ако вирусот, од кој се умира, е опасен по нашето здравје, дали конечно ќе разбереме дека и од загадениот воздух, вода и почва се умира, исто така.

Ќе се осмели ли некој, по страшнава пандемија, да увезе медицински отпад? А ќе се осмели ли некој друг да му го дозволи тоа? Ќе работи ли Министерството за здравство со секојдневни препораки за здраво живеење? Ќе ја подобри ли Владата барем оваа слика, сега кога има шанси мазно да го изведе тоа? Дали ќе затвораме рекички и ќе хакираме цели екосистеми за некој да прави струја, или ќе ги наполниме покривите со „солари“, па сите ќе правиме чиста енергија и за себе и за другите? Ќе правиме пицерии и плажи или нови мрестилишта за риба? Дали ќе сечеме дрвја за тоалетна или ќе почнеме масовно да садиме лимони? Ќе има ли „полициски час“ за големите оџаци? Ќе научиме ли воопшто нешто додека сме затворени?

Тоа е оној исконски страв од непознатото, кој за мене е поголем од стравот од вирусот. Видовме дека и од ковид-натрапникот постои барем некаква заштита, но постои ли заштита од нашата инфантилност во восприемањето на светот и животот? Цел живот кукаме дека сме сами и оставени сами на себе, и еве денес сме сами. Сами по своите домови, сами во земјата во која сите пасоши важат, а никој не може да ги користи.

Оставени сме сами да решиме дали ќе умреме или ќе преживееме. Преживувањето нема да биде лесно, особено за сите оние што се плашат од промени. А промените веќе се случуваат на глобално ниво. Природата ги вклучи своите одбранбени механизми и ги испрати сите можни пораки на сите јазици на светов. Дали и Македонецот, кој ги празни рафтовите со тоалетна исто како и Американецот, ќе ги разбере овие нови пораки?

Кога бев во основно, кога немаше толку автомобили, за време на нашите прошетки по Водно често знаеше да протрча некоја дивокоза од ловиштето „Јасен“. Верувам дека деновиве тие ќе се вратат да обрстат некоја сласна грмушка додека ние ќе квачиме по дома и следиме информации за смртта.  Јас, лично, во оваа ситуација избирам да бидам коза. Додека сум затворен, ќе мечтаам за слатките зачини од природата, а можеби и ќе насадам некој на балконов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот