„Катедра Аденауер 2023“: Најсигурен начин за стабилизација на регионот е интеграција на државите од Западен Балкан во ЕУ

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Безбедноста во регионот, руската агресија врз Украина, особено импликациите на таквата агресија врз Западен Балкан и безбедноста како глобален предизвик беа главните теми на овогодишната „Катедра Аденауер 2023“ на Фондацијата Конрад Аденауер што се одржува на Битолскиот универзитет.

Импликациите од руската агресија врз Украина за земјите од Западен Балкан и како целокупната ситуација на Балканот да се менаџира денес и во иднина за да се извлече максимална корист за земјите на Западен Балкан, беше главната тема за дискусија на учесниците.

– За жал се соочуваме со руската агресија во Украина, денес е точно 600-тиот ден и веројатноста е голема дека конфликтот ќе се прошири во појасот Газа, така што ние тоа го дискутираме како глобален предизвик и како може да се изнајдат начини да се соочиме позитивно и да пружиме отпор кон тие предизвици. Република Северна Македонија како членка на НАТО има јасен став во врска со овие конфликти, ги поддржува сите членки на алијансата, меѓутоа како мала земја има потреба од пријатели и поддршка и токму затоа е оваа конференција во Битола-рече Даниел Браун директор на Фондацијата „Конрад Аденауер“.

На прашањето дали Балканот е потенцијално жариште, Браун истакна дека како директор на Фондацијата за Косово е запознат со ситуацијата во Косовска Митровица.

– Да, тоа е потенцијално ново жариште, но, се надеваме дека е само на локално ниво и најмногу заради фактот што и двете страни се свесни дека тоа е чекор назад за двете страни и дека во моменталната глобална ситуација тоа е целосно непожелно и се надевам дека ќе имаме можности тоа да го менаџираме-додаде Браун.

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Европската унија поседува две најмоќни инструменти на влијание. Првото е правото и второто е проширувањето која е најсилната алатка на ЕУ. Оттука ЕУ досега пропушти многу шанси да го интегрира целокупниот Западен Балкан во нејзината структура што е голем пропуст за унијата и тоа има негативни импликации врз државите од Западен Балкан.

– Сега, не смее да се дозволи да се одолговлекува процесот на интеграција на Западен Балкан, ниту пак на Македонија и тоа треба да се случи што е можно поскоро, бидејќи тоа го бараат и геополитичките околности, бидејќи проширувањето во суштина претставува продукт на геополитика а не само бирократија или административни процедури. Час поскоро Македонија да стане членка на ЕУ, за таа да доживее безбедносна и институционална стабилизација-рече проф. д-р Горан Илиќ проректор за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола.

Во времиња кога стабилноста во Европа е сериозно загрозена од повеќе страни, најсигурниот начин за целосна стабилизација на регионот е токму целосната интеграција на државите од Западен Балкан во Европската унија.

– Европската унија има нарушен кредибилитет на Балканот затоа што сите оние критериуми што беа потребни за членство на државите од Централна и Источна Европа во минатото, нашите држави веќе одамна ги исполнија. Сепак, нашата задача останува да се трудиме да го подобриме нашето општество, да ги европеизираме сите стандарди во повеќе области и на тој начин да успееме да го скусиме времетраењето на преговорите за членство во ЕУ во оној момент кога тие ќе почнат-рече на „Катедрата Аденауер 2023“ Васко Наумовски, поранешен амбасадор во САД и екс заменик-претседател на Владата за европски прашања.

Катедрата „Аденауер 2023“ Фондацијата Конрад Аденауер ја организираше во соработка со Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ од Брисел, Академијата за Европски интеграции – Скопје и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот