Како што објави белградски „Телеграф“, на ваквиот слајд, емитуван во рамки на онлајн наставата  на тема „Дијалекти на српскиот јазик“ во текот на вчерашниот ден, реагираше Граѓанската партија на Грците во Србија (ГСГС), која упати протест до српскиот министер за образование Младен Шарчевиќ.

– Со цел зачувување на традиционално пријателските односи меѓу Грција и Србија, вложувам протест во име на целата грчка заедница во Србија поради прикажувањето на картата на државата Северна Македонија, која во текот на часот по српски јазик на децата им е прикажана како да опфаќа територија на Република Грција. Сметаме дека овој пропуст е ненамерен, но и недозволив, па затоа Ве молам што поскоро да реагирате во согласност со вашите овластувања и за тоа да ја информирате јавноста, се вели во писмото упатено до Шарчевиќ потпишано од лидерот на ГСГС, Василиос Провелегиос.

На протестот на партијата на Грците, реагираше српскиот помошник министер за образование Милан Пашиќ, кој истакна дека станува збор за „голема грешка, која не е направена намерно“.

– Грешката ќе ја исправиме во најкраток можен рок и на интернет платформата ќе поставиме променета верзија на часот. Упатуваме големо и искрено извинување до грчкиот народ поради грешката и се надеваме дека грчко-српското пријателство ќе продолжи да се негува и развива како и досега, објави Пашиќ на својот Фејсбук профил.