„Капут од мов“ е роман за деца, возрасни и за чувствителни

Новиот роман за деца и млади „Капут од мов“ од наградуваниот српски писател Стефан Тиќми својата промоција ја имаше во книжарницата „Литература.мк“ во Скопје.

Оваа модерна бајка, која на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја промовираа уредничката Оливера Ќорвезироска и литературниот и историски теоретичар Ермис Лафазановски. Преводот е на Дејан Василевски.

Промоторката Ќорвезироска истакна дека романот, иако е, пред сѐ, наменет за деца, сепак е книга и за возрасни, односно за чувствителни. Таа ги спореди делата на Тиќми со „Малиот принц“, „Галебот Џонатан Ливингстон“ и со романите на Игор Коларов. „Капут од мов“ е поетски роман за созревањето, за осаменоста, за уметноста, за љубовта и за природата како лек против најразличните проблеми на современиот човек заглавен во односите со другите, но и со себеси. Во него има и магичен реализам и епска фантастика и бајковитост, но најмногу од сè го има разгранетиот талент на Тиќми.

Авторот Тиќми истакна дека главната порака на „Капут од мов“ е дека уметноста може да биде спас од тешката реалност. „Често се навраќам на разговорите на Хорхе Луис Борхес и Ернесто Сабато, кои споменуваат еден експеримент, во кој човек кој штотуку заспива, постојано го буди некој. Нивната теорија е дека на крајот, човекот, кој постојано го скорнува некој (и не му дозволуваат да заспие и да сонува) може да полуди. Така и со уметноста. Соништата (изразени преку уметноста) постојат за да можеме да ја преживееме реалноста“, рече Тиќми.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 155, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот