Како Героски, Латас и останатата началничка куртон-братија добија „банана“ од македонскиот обвинителски Џордан

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Многу беше лесно да се почувствува смрдеата на операцијата „финален удар“ уште при првата објава на куртонот Вечер.мк. Тие што следеа понатаму беа само дополнителни илустрации како функционираат фабриките за лажни вести. Она што требаше да биде успешна пропагандна операција, се претвори во дебакл на фабриката за лажни вести. Од „бомба“ излезе само уште еден куртон.

Сабота, почеток на продолжен Божиќен викенд. Вистинско време за трилер на интернет порталите! Поточно, беше замислено како трилер, но излезе бурлеска. Што се случи?

Прв почна порталот Вечер.мк на Латас и Ивонче-Милионче каде што се лансира сторија за сведочењето на Боки 13 пред обвинителката Вилма Русковска, во кое наводно открил детали за тоа како Зоран Заев е вмешан во случајот. Сепак, под бомбастичниот наднаслов, ФИНАЛЕН УДАР и драматичниот наслов „Вечер дознава: Боки со нови тајни искази кажал сѐ за Рекет! Следат обвиненија за нови лица“ се редат горе-долу познатите конструкции што редовно ги слушаме од партиските говорници и ги читаме на интернет порталите блиски до Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Па вели, „Според сознанија на порталот“ (човек треба да падне во несвест кога ќе го прочита тој та-даам израз) „се работи за вкупно собрани околу 7 милиони евра со рекетирање бизнисмени. Според Боки 13, парите, во поголем дел, ги предал на луѓе блиски до претседателот на СДСМ, поранешниот премиер Зоран Заев“ и така натаму.

Малку повнимателен читател може веќе тука да забележи дека нешто не е в ред со оваа сторија, почнувајќи од терминот кога се објавува (прв ден техничка влада и продолжен празничен викенд), па сѐ до невештото редење детали за веќе познати информации. Како кога човек лаже, па ја кити својата приказна со бесмислици.

Така, сторијата продолжува понатаму и оди во „убедливи“ детали од типот:

„Телефоните кои му биле одземени биле зклучени со шифри при што се појавил проблем за откривање на содржината. На овие состаноци со обвинителката Рускоска Боки 13 прифатил да ги даде шифрите за декодирање на телефоните и преземање на содржината од нив како докази“.

Потоа, куртон порталов на Латас и Ивонче-Милионче нѐ убедува дека мора да е точна приказнава, бидејќи изворот и порано им кажувал работи што биле точни. Стварно?

На крајот од „финалниот удар“ на Вечер.мк, следат неколку параграфи и линкови во кои се фалат како, всушност, тие се првите во се што е поврзано со оваа афера. Со ова, се доведуваат во опасност да го навлечат гневот на новинарот Бранко Героски за кој е познато дека тој е прв во сѐ, особено за тоа што го нарекуваат случај „Рекет“. Јас на пример, му признавам, на Героски е случајот, не на Латас.

Добро е тука повторно да се нагласи дека многумина, па и јас, сметаме дека се работи за коруптивен случај или поточно, случај „Поткуп“.

Како и да е, по „финалниот удар“ на Латасовиот Вечер.мк, јурнаа и останатите куртон портали да го објават горе-долу истото, само со различен наслов, како на пример, во Инфомакс: „Боки 13 кажал сѐ: Зоран Заев и Вице Заев директно вмешани во рекетот, парите им ги предал во Лептокарија“. Веќе проверена „технологија“ на ширење лажни вести и пропаганда, што ја научија и усовршија, а и дебело беа платени за тоа, во ерата на груевизмот.

И, кон крајот на денот, новинарот Бранко Героски, the drama queen (некој што вообичаено реагира на ситуациите со мелодрама), сакајќи да постигне максимален драмски ефект, во 19 часот, бомбастично најави дека ќе објави „нови детали“ за случајот „Рекет“ на социјалните мрежи во 21 часот. Тоа беше последната етапа од тешката хаварија што ѝ се случи на оваа пропагандна операција.

Кои се петте луѓе блиски на Заев што ја менаџирале аферата „Рекет“ од втор план и дали некој од нив знае каде се парите? Ако пропеат Боки, Фросина и Катица – а првите двајца веќе најавуваат дека нема да молчат – ќе дознаеме за поврзаноста со „Рекет“ на блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ, на многу важен советник на Заев од една странска земја, на познат интелектуалец и на познат новинар кои ги воспоставуваат линковите меѓу Боки и Катица, а најстрашно од сѐ, на многу близок човек на Зоран Заев, кој ги менаџира и контролира сите поголеми бизнис зделки во земјава. Она што го знаеме за „Рекет“ е само врвот на ледениот брег – напиша Героски.

Арно ама, пукна балонот пред и да полета. А зошто да не го употребиме познатиот (и точен) израз што самиот Латас го употребува за неговите вести – куртон? Значи, пукна куртонот! Во празно! Не заврши никаква работа.

Русковска објасни дека обвинетиот Јовановски го споменал Зоран Заев во еден или два наврати, но никако во контекст дека знаел за рекетот и дека му дал пари. Навистина, ако е точно тоа, зошто Инфомакс и останатите не ги објавуваат исказите на Јовановски?

Многу беше лесно да се почувствува смрдеата на операцијата „финален удар“ уште при првата објава на куртонот Вечер.мк. Тие што следеа понатаму беа само дополнителни илустрации како функционираат фабриките за лажни вести.

Во оваа бурлеска, најсмешен актер на сцената беше Плусинфо на Героски. Најавуваше бомби, а кога ги објави, веќе беа испукани куртони, бидејќи Обвинителката Русковска претходно, со еден потег, кратко, јасно и недвосмислено, го прати по ѓаволите „финалниот удар“ на куртоните.

Тоа во кошарката се вика „банана“. Сите добија една добра „пљааас банана“ на сред меч, а најјаката му припадна на среќникот Героски. Се чуваше „играчов“ за крај, за да поентира, ама ништо. Се проби некако до под кошот, држејќи ја цврсто топката што ја доби од Камчев, правејќи едно чудо „лични грешки“ и „кораци“ и… По изјавата на македонскиот обвинителски Џордан (Русковска) и тој доби една јака „банана“. Уф, боли!

Како и обично, големиот кики-фрики зналец отиде и многу подалеку, па имплицираше и свои долгогодишни колеги и довчерашни другари, се разбира, „храбро“ не споменувајќи ги, но доволно јасно упатуваше на кого се однесуваат тие редови што можете да ги прочитате малку погоре.

На тоа Орданоски и Кабранов му одговорија со уште по една жешка „банана“. Нешто како aftershock.

Вообичаено галантниот Орданоски, само љубезно го праша дали случајно мисли на него и го повика јавно да го соопшти тоа. Кабранов, во подолга објава на социјалните мрежи детално ја опиша постапката на бирање на тимот на 1ТВ и го нарече однесувањето на Героски срамно и неколегијално.

Иако не пишува за време на викенди, празници и распусти, Сашо Орданоски најави дека ќе објави вонреден празничен текст на ЦИВИЛ МЕДИА и ФРОНТЛАЈН в понеделник, 6 јануари, Бадник. Во 8 часот наутро!

И така… Она што требаше да биде успешна пропагандна операција, се претвори во дебакл на фабриката за лажни вести. Од „бомба“ излезе само уште еден куртон.

Кутрите началници, куртони беа, куртони си останаа.

ИЗВОР: Фронтлајн.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот