Како да се „потроши“ Филипче

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Во целата лавина од информации и контрасовети за мерките на Владата – поголем дел од нив добронамерни, помал дел класично мрчаторски – една пријателка беше доволно љубезна да ме замоли да прашам нешто јавно: дали во кратењето на платите за сите актуелни избрани и именувани функционери во наредните два месеци, спаѓаат и редовните буџетски примања на двата поранешни, живи и здрави претседатели, нашите Црвенковски и Иванов?

Бидејќи тие и така ништо не работат (што е тема за некоја друга прилика), а не се сетија самите јавно да се пријават за откажување барем од дел од своите законски приходи, навистина е прикладно некој официјално да ја даде таа информација дали и тие љубезно се приклучуваат на потребата од солидарност со своите сограѓани во овие тешки времиња? Мислам, кога веќе не им текнува да покренат некоја хуманитарна акција, макар симболично да послужат некој бесплатен топол оброк на оние кои се во голема нужда или така нешто…

А во меѓувреме, вирусот незапирливо се шири во целиот свет, со илјадници нови случаи на час, и тоа оние констатирани кои успеваат да бидат тестирани. Насекаде во Европа и САД се предвидува дека април ќе биде месецот во кој ќе се види на која страна ќе тргне „приказната“, кон успорување на глобалната пандемија или кон епохална трагедија што ќе го одбележи овој век (ако тоа веќе не е).

И кај нас се слични најавите, дека наредните недели ќе видиме дали ќе успееме да ја скротиме „кривата на ширењето на заразата“ или ќе влеземе во опасната спирала на распадот на здравствениот систем, а со тоа и на општеството какво што го знаеме. Нормално, дневно и овде се откриваат по неколку десетици новозаразени. И тоа е, сè уште, оптимистичката варијанта на вестите.

Во тој контекст, се прашувам каква е смислата на редовните дневни прес-конференции на министерот Филипче да му се поставуваат детални прашања за секој еден заразен или починат случај поединечно, а при тоа да се очекува дека тој би ги знаел комплетните здравствени анамнези или епидемиолошките портфолија на пациентите, како и околностите во кои некој бил пренесен со брза помош или се јавил на телефон на својот матичен лекар? И кому, воопшто, му користат таквите информации?

Се претворивме во благо испаничени попладневни здравствени воајери кои едвај чекаат да ги слушнат деталите за нечија туѓа несреќа за да ги смират своите базични, атавистички стравови. Секој ден, во исто време, нова епизода на „Кој е заразен денеска?“, како турска серија…

Од друга страна, можам да замислам колку време се губи за подготовка на министерот да одговара на такви, се извинувам, тривијални истраги, а тој, при тоа, дури и покажува извонредна информираност за повеќето од одделните случаи… Министерот би требало да биде на располагање за да ги објаснува политиките, преземените мерки и оние што се планираат, а се од национално значење; и можеби понекогаш да коментира и парадигматични случаи, за од поединечното да извадиме некој општ заклучок. Тој не се става на располагање на јавноста за да знае дали тоалетите во некоја болница се исчистени, дали има тонери во печатарите по здравствените организации кои издаваат писмени потврди или дали сопругот на некоја докторка бил претходниот ден да пазари домати во локалниот гранап, а не носел маска…

Грешка е и на самиот Филипче (и на оние кои го советуваат да го прави тоа) што се впушта во таква практика на односи со јавноста. Човекот, до сега, во манир на ладнокрвен стоик, издржува неверојатни подлости и подметнувања од своите политички и други противници, па затоа е и препознаен во најголемиот дел од јавноста како голема надеж во овие најтешки времиња. Но, нема да има никаков добар исход, не само за него, туку и за сите нас, ако мислиме дека тој, лично, е одговорен за сите поединечни судбини во третманот на заразените во оваа ужасна неизвесност.

Многумина добронамерни колеги и членови на општата јавност веројатно не се свесни за ова. Но, ви гарантирам дека има и такви – особено овие кои уживаат во прозивки со „друже овој“, „друже оној“ – кои уште како разбираат дека сега им е шансата да му го привршат „медениот месец“ на Филипче, мислејќи дека така нешто ќе авансираат во нивната политичка агенда.

Да ви ја… агендата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот