Каде се кријат руските шпиони во Македонија?

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

И не треба да бркаме руски шпиони по улици за да докажеме руско влијание во Македонија. Сè се врти околу моќта и влијанието во меѓународната политика.

Контурите на меѓународната политика по завршувањето на војната во Украина веќе се наѕираат. Западот, кому му припаѓаме и ние, ќе се врати на старата политика на containment (ограничување) на руското влијание во рамките на руската држава. Како таа ќе изгледа територијално, допрва ќе дознаеме. Се разбира, под претпоставка да не дојде до реализирање на нуклеарната закана која, како бумеранг, му се врати на Путин.
Имено, сојузничкиот одговор на руската закана беше дека, без разлика на цената, Западот ќе ја поддржи Украина со оружје со кое би се поразила војската на агресорот. Откриен е и планот на сојузниците дека во случај на употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина, Америка ќе интервенира со конвенционално оружје, уништувајќи ги воените сили на руската армија на територијата на Украина. Кажано е и дека НАТО нема да посегне по нуклеарно оружје, па одлуката останува на Путин. Такви, страшни, се дилемите на меѓународната политика: мора да се ризикува нуклеарна војна за да се избегне таквата војна.
Во таа застрашувачка сфера на човековото живеење, слабоста секогаш била покана за агресија. Линиите на одбрана и напад во оваа војна веќе се исцртани. Одговорот на Америка на руската уцена со употреба на нуклеарно оружје е дека тоа е глупост, зашто би значела крај на човештвото, ама дека е спремна и на таква војна.
Каде е нашата држава во оваа приказна? Не треба да бркаме шпиони по улици за да докажеме дека постои руско влијание во Македонија. Да се сведе тоа влијание на протерани дипломати од земјата, значи да не се разбере ситуацијата во која е државата. Новата геополитика е основниот извор на руското влијание секаде во светот, па и во Македонија. Ние, членките на НАТО, сме, безмалку во војна со Русија. Се врати и логиката на Студената војна кога она што беше добро за едниот блок беше лошо за другиот. Ако за двата сојуза, НАТО и ЕУ, е добро пријателство меѓу Македонија и Бугарија и брзо членство на Македонија во ЕУ, за Русија тоа е лошо. Да се слабее сојузот на демократските држави е од егзистенцијална важност на автократскиот режим во Москва. Да се слабее автократскиот режим во Москва е од егзистенцијално значење за демократските држави. What they do, you undo (Она што тие ќе го направат, растурете го), е пораката до дипломатите. Како? Како што ќе овозможат условите. Во многубројните меѓународни организации ќе гласате против нив. Дома, ако дел од населението е проруски настроено, тоа треба да се негува на секој можен начин.
Ако цената на популарноста е дистанцирање од Охридскиот, Преспанскиот и од Договорот со Бугарија, вреди да се плати. Ако треба, ќе се праќаат мешани сигнали од Москва за поддршка и на Македонија и на Бугарија за историските теми, но никако и поддршка во нивното надминување. И не треба да бркаме руски шпиони по улици за да докажеме руско влијание во Македонија. Сè се врти околу моќта и влијанието во меѓународната политика.

Авторот е професор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот