Јеловјане заборавено од властите: И нашето село припаѓа на оваа држава, реагираат мештаните

Фото: Слободен печат

Шарпланинското село Јеловјане кое припаѓа под Општина Боговиње од година вгодина се иселува. Трендот на иселување кај нас велат од месната заедница, се разликува од повеќето места во државата. Луѓето мигрираат, оти бараат подобра иднина, поголем економски просперитет, но нашето село се иселува оти државата сосема кренала раце од нас. Ускратено ни е најосновното човеково право, образованието, зошто за  учениците од Јеловјане нема превоз.

Досега како што тврдат мештаните, превозникот кој има должност да ги носи децата во средните училишта во Тетово дошол во Јеловјане само 18 пати.

„Ова не е првпат. Проблеми со превозот имало и во изминатите учебни години. Двајца ученици од Јеловјане веќе живеат под кирија во Тетово, поради овој долгогодишен проблем. Ова што се случува е катастрофа, мора да се најде решение, ќе ги замолам властите да го решат проблемот, некој мора нашите деца да ги зема да ги носи во училиште и да ги враќа дома“, велат од месната заедница од село Јеловјане.

Од Општина Тетово, велат дека транспорт за учениците бил обезбеден, но родителите на биле задоволни од превозникот, кој според нив возел непрофесионално, по стрмниот и тесен планински пат.

„Посочено им е на родителите тие да најдат возачи, но тоа го одбија. Ако сакаат да го решат ова прашање нека се обратат до соодветните институции и инспекторати, што е до нас, ние како сектор ги презедовме нашите чекори“, истакнаа од Секторот за јавни дејности при Општина Тетово.

Мештаните велат дека речиси се што има во селото од комунална и сообраќајна инфраструктура е дело на самата месна заедница. Локалните и централните власти се однесуваат игнорантски кон нас, ништо не инвестираат, а резултатот на крај е иселување.

„Водоводот сами го изградивме, сами со наши средства го направивме. Сообраќајната инфраструктура како што ја гледате е на незавидно ниво, но и таа ние ја одржуваме, да не ја одржуваме ние, нема воопшто и никаков пат да има низ селото. Ние можеме да бараме резервни татковини, но ова ни е родно место и сакаме тука да останеме. Тука на Шар Планина има опстанок, но со подршка од самата држава, без тоа, тука тешко може да се опстане, велат од месната заедница на село Јеловјане.

Фото: Слободен печат

Поради игнорантскиот однос на властите велат мештаните, моментално тука во селото останати се да живеат околу триесетина семејства.

Инаку мештаните од шарпланинските села пред повеќе од еден месец реагираа дека државата им го ускратува правото да ги користат приватните шуми. Побарале од Националниот парк Шар Планина дозвола да сечат во приватни атари, но оттаму добиле одговор дека немаат вработен, кој би им дал таква дозвола.

Две недели по реакцијата на мештаните, директорот на Националниот парк Шар Планина Ибрахим Дехари, изјави дека вработени се шумарски инжинери во националниот парк, со кои етапно ќе се започне да се решава проблемот кои го имаа мештаните од шарпланинските села, на кои немаше кој да им даде дозвола за сеча на приватната шума.

Директорот Дехари, единствен вработен во Националниот парк Шар Планина по 17 месеци ги доби првите колеги

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот