„Јао корона чао“?!

Зошто, го поврзуваме коронавирусот со ПМ-10 честичките? Затоа што почнал со нив да се поврзува. Искажал способност за симбиоза за да ни го загрози здравјето и да направи дубиоза во системот?! Е нема да му успее?! Уште тој не знае со кого си фатил инает?! Само со трпение и мукает. И Горниот ќе ни помогне?! „Јао корона чао?!

Речиси со години мака мачиме со аерозагадувањето и досега не е најден излезот за прочистување на воздухот и запирање на ова подмолно убивање на луѓето. Во барањето чаре против загадувањето, целото општество се крена на нозе, а минатата година беше ударна во најавите дека најодговорните со опсежни мерки ќе ги уништат ПМ-10 честичките. Притоа не можеше да се сокрие и посакувањето да дувне тивкото развигорче и да им помогне во неможното што често се случуваше.

За жал, тогаш никој не ги броеше последиците и жртвите од загадувањето зашто не беше прогласена „епидемија“ ниту „пандемија“, иако некои непотврдени извори кажуваат дека починатите биле многу повеќе од овие сега што ги покоси коронавирусот?! Но, зошто вакви размислувања и сомневања во вистината за загадувањето и опасноста од коронависрусот?! Или, што е тоа заедничко и различно што ги спојува и раздвојува овие наши невидливи непријатели?! Најпосле, што се случи со ПМ-10 честичките со појавата на коронавирусот, каде тие отидоа и зошто никој повеќе не ги спомнува?!

Минатата година, токму во пикот на загадувањето вниманието ми го привлече истакнувањето на потребата од градење свест кај граѓаните од предучилишна до пензионерска возраст, демек ако сакаме да ги намалиме ефектите од смртоносната закана. Ниту во моментот на соопштувањето, па ниту сега можам сериозно да ги сфатам намерите на неимарите на мерката?! Дали можеби мислеа со градењето таква свест да го снема размислувањето за загадувањето и проветрувањето, или пак нешто друго беше во прашање?!

Некои храбри ентузијасти почнаа да проникнуваат во намерите и да ги разоткриваат носителите на загадувачите на воздухот, ама и заматувачите на видот и  умот! Целта беше што побрзо да се запре нивното ширење и да не им се дозволи вовлекување и разорување на системот. Наводно тоа требаше претпазливо и елегантно да се направи, бидејќи стручњаците за ПМ-10, процениле дека тие невидливо се вдишувале и „нечујно“ се залепувале за респираторните органи, а од нив, белите дробови гламња станувале… Значи, од лошо полошо?!

Но што да се прави со коронавирусот? Само што се крена маглата и ветрот ги растера ПМ-10 честичките, не јавна вирусот?! Најлошо е тоа што сѐ уште никој не утврди со каков натрапник си имаме работа?! За волја на вистината, СЗО додека уште не беше прогласена пандемија, нѐ предупреди дека невидлив и мошне опасен непријател нѐ демне, дури и нѐ подучи како да ги миеме рацете, колкаво меѓусебно растојание да држиме и кога да носиме заштитни средства. И тукушто ги прифативме и почнавме да ги практикуваме насоките, стигнаа други, поинакви мерки, објаснувања и упатства. Демек, овој вирус не е толку смртоносен, но сигурно може да биде, затоа останете дома, да сте подалеку од него?! Ако ви е дозволено, излезете на сонце, но немојте премногу, топлината може и лошо да влијае…

Вирусот тешко или никако не може да се пренесе ако сте најмалку на еден метар оддалечени еден од друг, односно најмалку два метра, а се препорачува да држите дистанца и до 8 метра најмалку?! Заштитната маска и ракавиците не можат многу да ве заштитат, но задолжително е да ги имате, а и да ги носите, односно да не ги носите. Немојте да се дружите со вашите внуци, бидејќи тие најмногу го пренесуваат вирусот?! Најстарата популација граѓани е најзагрозена, но никој не е поштеден и бегајте што подалеку еден од друг, зашто никој не знае кој е позитивен, а кој негативен?!

Вирусот е мошне вирален и може да имате и да немате симптоми. Ако имате вирус, тогаш немате, ако го немате, значи, го имате… Всушност, тестирањето мора да покаже колку сте негативен или позитивен?! Како и да е, морате да им верувате на стручните лица и официјалните органи што ја менаџираат состојбата со коронавирусот…

Туку, зошто, го поврзуваме коронавирусот со ПМ-10 честичките? Затоа што почнал со нив да се поврзува. Разбрал дека тие најлесно се вовлекуваат во респираторните органи и затоа се здружил со нив. Искажал способност за симбиоза за да ни го загрози здравјето и да направи дубиоза во системот?!

Е нема да му успее?! Уште тој не знае со кого си фатил инает и каква е нашата стратегија?! Само со трпение и мукает. И Горниот ќе ни помогне?! „Јао корона чао?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот