Избори под маска во Градскиот сојуз на пензионерите

Се избра нов претседател, небаре не можеше малку да се причека да стивне епидемијата. Веројатно исплашени од вториот или од третиот бран на коронавирусот, а и од совпаѓањето на претстојните парламентарни избори, протагонистите решиле ќутенката и под маска што побрзо да ја завршат работата.

Преклани, во предизборните активности на пензионерската организација, пишував за потребата од воведување пензионерски сунеунг (проверка) на способноста и подготвеноста на кандидатите за избор на раководни функции, апропо испитот што го полагаат учениците матуранти во Јужна Кореја како услов за продолжување на школувањето на некој од универзитетите во оваа земја. Тогаш ја објаснував врската на овој испит со изборите во пензионерската организација и, за да не повторувам, сакам да ја истакнам најблагата форма на „сунеунгот“ за пензионерите кандидати за  раководни места. Така, проверката би се свела само на поставување основни прашања за (не)способноста на претендентите поврзани со (не)давањето виза за поставување на соодветни функции во здруженијата и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија.

Суштината беше тестот да опфати само неколку главни работи за да не се оптоварува меморијата на селектираните кандидати, а сепак да одговорат на следните прашања: дали навистина се чувствувате способен по (втор, трет, четврти итн.) пат да бидете избран на раководна функција? Дали мислите дека сте навистина најдобар(ра) и незаменлив(а) за таа работа? Прифаќате ли функцијата да ја извршувате волонтерски или со (не)скромен надоместок, како и досега?  Колку сте задоволни со вашето (не)познавање на компјутери или и натаму ќе се потпирате врз своите информатички потрчковци и климоглавци?! И, да не ги истакнувам другите прашања што ја разголуваат (не)способноста и несоодветноста на кандидатите!

При опсервација на сличен проблем, еден наш колумнист се обиде да ја објасни суштината на оваа појава во пошироки општествени размери. Тој проблемот го поврза со Данинг-Кругеровиот ефект како когнитивна фалинка кај луѓето што се манифестира како преголема самодоверба заснована врз незнаење и неспособност за самопроценување на сопствената (не)способност. Овој психолошки ефект продуцира глупави постапки, несреќи и трагедии, а понекогаш и комични ситуации. Основната фалинка е во самозаробеноста на свеста што не може да се самокоригира како самосвест за да се согледа сопствената неспособност и глупавост.

Ваквата состојба на разумот свое оправдување во практика најде при реализацијата на неодамнешните „избори под маска“ во Градскиот сојуз на здруженијата на пензионерите во Скопје. Се случи неочекувано, во екот на пандемијата, да се избира нов претседател на Сојузот, небаре не можеше малку да се причека да стивне епидемијата. Веројатно исплашени од вториот или третиот бран на коронавирусот, а и од совпаѓањето на претстојните парламентарни избори, протагонистите решиле ќутенката и под маска што побрзо да ја завршат работата?! Но не треба толку да се атакува врз нивната совест, зашто докрај се придржувале кон мерките и изборот го завршиле на што поголема блиска дистанца?! И, ајде сега најди го виновникот и „сечи му го“ паметот?!

За волја на вистината, сѐ е изведено според Статутот во кој не е пропишан, ама и не е забранет ваков избор под маска?! Откога завршил процесот и членовите на Извршниот одбор ги симнале маските, веројатно ја увиделе фалинката, но не можеле да го вратат процесот назад. Избраниот претседател бил и претседател на едно од најголемите здруженија на пензионери во Скопје и извршувал уште многу други одговорни функции во здружението и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија. Сите како да биле заслепени од Данинг-Кругеровиот ефект и „заборавиле“ дека е тој член на Собранието и на ИО на СЗПМ, член на Собранието и на ИО во матичното здружение, претседател на ИО и повеќемандатен претседател на матичното здружение на пензионери, и така натаму и така наваму?! Навистина несфатливо и за чудење?!

Да беше жив познатиот спортски коментатор Младен Делиќ за ваквото неочекувано сознание сигурно би возвикнал: „Луѓе мои, дали навистина е ова можно?! Па, ова е чиста лудница“?! И, некој ќе ми каже дека нема кумулација на функциите во пензионерската организација, дека не е потребно полагање „сунеунг“, дека не треба да се чепкаат и да се менуваат статутите, дека не треба да се менува тоа што треба и што не треба да се менува?! Ако е така, тогаш на сите нека ни биде на здравје Данинг-Кругеровиот ефект?!

Сега можат да почнат и парламентарните избори, а пензионерите и во „пикот“ ќе знаат за кого да гласаат под маска на ликот?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот