Итна помош од Кина за Авганистан од 31 милион долари

Кабул Авганистан талибанец талибанци
Талибанец во Кабул, Авганистан / Фото: EPA-EFE/STRINGER

Кина најави дека ќе испрати храна, средства за греење, вакцини за ковид-19 и други лекови, во вкупна вредност од 31 милион долари, како итна помош за Авганистан, кој е под контрола на талибанците.

– Одлуката за испраќање помош е договорена на првата средба со шефовите на дипломатиите на соседните земји на Авганистан и ќе биде достапна за итно користење од авганистанските жители – објави портпаролот на Министерството за надворешни работи Хуа Чунјин.

Министерот Ванг Ји најави дека Кина ќе му подари на Авганистан 3 милиони дози вакцини за ковид-19 во првата пратка со помош, но не е објавено колку вкупно вакцини Пекинг планира да испрати во Кабул.

Ванг притоа нагласи дека САД и нивните сојузници имаат поголема одговорност од сите други земји за да испратат економска и хуманитарна помош за Авганистанците.

– САД треба да ја прифатат својата одговорност во земјата, помагајќи ѝ да обезбеди развој и стабилност преку почитување на суверенитетот и независноста на Авганистан – изјавил Ванг за државната новинска агенција Сјинхуа.

Новите талибански власти во вторникот објавија дека формирале влада, во која на главните функции се ветерани од 20-годишната борба против меѓународната коалиција на чело со САД.

Катарската телевизија „Ал џезира“ објави и дека талибанците планираат да организираат општи избори во Авганистан „што ќе им овозможи да гласаат на различни локални групи и заедници“. Пренесувајќи изјава на портпаролот на Министерството за информации и култура, телевизијата наведе дека е планирано да се одржат општи избори.

– Се обидуваме да ги вклучиме најшироките сфери на населението, талентирани луѓе што не се припадници на талибанците – изјавил портпаролот.

Шефот на кинеската дипломатија ги повика талибанците да се борат против тероризмот и да ги обединат етничките групи во земјата. Ванг истакна Кина со другите авганистански соседи – Пакистан, Иран, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан – ќе направат напори да ги координираат активностите и да соработуваат со талибанските власти „за да изградат широка и инклузивна политичка структура, да воспостават умерена внатрешна и надворешна политика и да повлечат јасна линија пред терористичките сили“.

Кина има граница од 50 километри со Авганистан, преку својот северозападен регион Сјинѓијанг. Уште во јули годинава високи кинески претставници во Тјанѓин одржаа средба со талибански лидери, нарекувајќи ги „важна воена и политичка сила во Авганистан“. На таа средба кинеските функционери декларирале дека „ќе настојуваат да имаат важна улога за мирот, помирувањето и процесот на обнова во Авганистан“.

Талибанските лидери, пак, во Тјанѓин ја нарекле Кина „добар пријател“ и ветиле дека „никогаш нема да дозволат кои било сили да ја користат авганистанската територија за да спроведат акции против Кина“.

И пред една недела, кога талибанците веќе беа цврсто на власт во Кабул, нивен претставник повика на поблиски односи со Пекинг.

– Кина е многу важна и силна земја во нашето соседство и ние имавме многу позитивни и добри односи со неа во минатото. Сакаме тие односи да бидат уште посилни и да го зголемиме нивото на меѓусебна доверба – изјави главниот портпарол на талибанците, Забихулах Муџахид.

Тој најави дека во идната талибанска влада во Кабул „ќе има работа и за жените“.

– Оваа влада е привремена. Ќе имаме позиции за жените во согласност со шеријатот. Ова е само почеток, но ќе најдеме работа за жените. Тие може да бидат дел од владата. Тоа ќе биде нашата втора фаза – изјави Муџахид.

Извештаите од Авганистан укажуваат на спротивното, дека новите талибански власти применуваат дури и физичка сила против жените, што беше вообичаено и во регионите што ги управуваа и досега, како и за нивниот претходен период на власт пред 20 години.

Борците задолжени за одржување на редот во Кабул прексиноќа користеле сила, дури и камшици и стапови против групата демонстрантки што одржале протести, барајќи да се гарантира учеството на жените во водењето на земјата.

– Да живеат жените на Авганистан! – извикувале жените. На протестите тие истакнувале и листови со името на бремената полицајка што беше убиена неколку денови претходно во провинцијата Гор. Талибанците ги отфрлија извештаите дека нивни борци се одговорни за смртта на полицајката, но потоа објавија дека почнале истрага.

– Нѐ тепаа со камшици и нѐ тераа да одиме дома и да го признаеме и прифатиме новоформираниот Емират. Зошто да го прифатиме Емиратот ако не е инклузивен и не ни даде права? – изјавила една демонстрантка.

Задушувајќи ги протестите, борците тепале и новинари што настојувале да ги заштитат жените и да информираат за настанот.

Хјуман рајтс воч објави дека новинарите Таки Дарјаби и Немат Накди од кабулскиот медиум „Етилаат е Роз“ биле приведени и нападнати. Тие биле одведени во полициска станица и сместени во одделни ќелии, пред да бидат брутално удирани со кабли, објави „Етилаат е Роз“. Новинарите завчера биле ослободени и биле префрлени во болница поради повреди на грбот и на лицето.

Ќе биде дозволено заминување на 200 Американци и на други странци

Талибанците се согласиле да дозволат 200 Американци и државјани на други земји да заминат од Авганистан со чартер летови од аеродромот во Кабул.

Извлекувањето на странците го договорил американскиот специјален пратеник за Авганистан, Залмај Халилзад. Беше најавено дека уште од вчера авионите би можеле да го напуштат аеродромот во Кабул.

Блинкен: Талибанците мора да го „заслужат“ легитимитетот

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен им порача на талибанците дека новата привремена влада што ја формираа „ќе мора да го заслужи секој легитимитет и секоја поддршка“.

Блинкен ја даде изјавата по средбата со германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, во американската воздухопловна база Рамштајн во Германија, каде што беа домаќини на виртуелниот состанок на министри од 20 земји, од НАТО и од Европската Унија, посветен на кризата во Авганистан. Тој нагласи дека односот кон владата и талибанците ќе зависи од нивните постапки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот