Историчари реагираат на грешки во учебник: Петтодделенци учат дека Албанија е источен сосед, а цар Самоил како да „паднал од небото“

Принтскрин од учебникот/ФОТО

Серија небулози и неточни информации содржи учебникот по историја и општество за петто одделение, од типот дека Албанија е источен сосед на Македонија или дека највисокиот врв на планетата Монт Еверест е висок 29.305 метри. Автори на учебникот се Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, има дури тројца рецензенти, Беса Хавзиу – Исламили, Анета Соклевска и Виолета Шурбановска, а стручна реакција и уредник е Орданка Мицкова. Издавач на учебникот полн со грешки е Министерството за образование и наука, а учебниот е одобрен на 3 ноември оваа година од Националната комисија за учебници.

Во учебникот, најверојатно како техничка грешка која никој од потпишаните автори и рецензенти не ја забележал е наведено дека источен сосед на Република Северна Македонија е Албанија, а западен сосед е Бугарија.

Принтскрин од учебникот за 5-то одделение

За Монт Еверест исто така најверојатно се работи за пропуст, затоа што во мерната единица стапки врвот навистина е висок 29.305 стапки, а во метри тој е висок 8.848 метри.

За средновековниот македонски владетел Самоил во учебникот нема никаква историска референца и не му се даваат никакви атрибути, кој бил и зошто се споменува во учебникот. За него се пишува во делот насловен со „Археолошки локалитети во нашата земја“, а наведени се и Кокино, Хераклеја и Стоби.

– Самуиловата тврдина која се наоѓа во Охрид е една од најголемите средновековни тврдини во нашата земја. Најголемиот дел од ѕидовите и кулите датираат од времето на царот Самуил (10-11 век од н.е.), по кој оваа тврдина го добила и името. Тврдината е археолошки локалитет кој сè уште претставува предизвик за археолозите и историчарите. Во близина на тврдината се наоѓа и амфитеатар во кој се одржува манифестацијата Охридско лето – пишува во учебникот.

Принтскрин од учебникот за 5-то одделение

За него не е наведено ниту дека е македонски, ниту дека е бугарски владетел. За царот Самоил Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања веќе усогласи заеднички текст, но за да биде „на сила“ и за да се вметне во идните учебници или да се користи при заеднички чествувања и двете влади, македонската и бугарската, мора да донесат соодветен заклучок со кој ја прифаќаат препораката. Според усогласената препорака на Историската комисија „Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, која поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар на територијата на денешна РС Македонија…“

Исто така, за човековите права во учебникот е наведено дека тоа се „правила и слободи со кои државата го определува начинот на однесување на луѓето во заедницата, со цел да ги задоволат своите потреби, а кога државата ќе ги признае и заштити човековиоте потреби, тогаш потребите се претвораат во човекови права“.

За грешките во учебникот деновиве се дискутира на фејсбук-групата „Историја“, каде историчари и родители го искажуваат својот револт заради неточните информации, но и големиот број на лекторски и правописни грешки.

– Сега го прочитав и најсмешно е што напишаното за странските локалитети е генерално во ред, ама кај македонските има очигледни грешки. Во самиот вовед се имплицира дека најстарите локалитети се од металните времиња, што не е точно, бидејќи еден од најзначајните периоди кај нас е каменото време. Кај Кокино постојано се повторува „градба“ и „изградено“, а всушност се работи за природна карпа која е секундарно обработена. Кај Стоби се вели дека „градот постоел во металното време, околу 2. и 3. век пр.н.е.“, што како прво не е метално време, туку рана антика, а како второ, вековите треба да бидат обратно напишани. Кај Хераклеја се вели дека „основан е во 6. век пр.н.е.“, за што не постојат никакви докази (археолозите шпекулираат 4. или пак 2. век п.н.е., ама во никој случај 6. век п.н.е.). Кај Самуилова тврдина се вели дека „најголемиот дел од ѕидовите и кулите датираат од времето на царот Самуил“, што не е точно – тие се подоцнежни. Исто така се вели дека во близина се наоѓа „амфитеатар“, што не е точно, бидејќи се работи за театар – пишува еден член на групата.

Критичарите на лошиот учебник се подготвуваат за писмена реакција до МОН, бидејќи, како што велат, ваков учебник прави голема штета, а за него се дадени милионски суми.

Друг дискутант во групата напиша дека има информации дека рецензентите не ни завлегувале во суштината на текстот.

– Бодувањето одело вака одприлика: има слики, 5 поени, нема родова или било каква сегрегација 10 поени, има слики 10 поени итн. Рецензијата е толку површна, но не и за изненадување, бидејќи ја правеа одделенски наставници на кои им е важно само да е прифатливо за мали деца. За суштината и самите немаат доволно познавања. Бев информиран дека учебникот во првата верзија бил три пати полош и оваа е трета најдобра и коригираат верзија – вели тој.

Трет дискутант пак, забележува дека вбо учебникот пишува дека „Стариот века завршил во петтиот век пр.н.е. со падот на Западното римско царство“ и додава шега: „Што знае дете што се десет века?“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот