Исклучителни филмски остварувања од млади автори добија награди на „Киненова“

Меѓународниот филмски фестивал на дебитантски и втори филмови од млади автори „Киненова“, што од 7 до 14 октомври се одржува во Скопје со мото „Првиот остава трага“, ги соопшти добитниците на наградите.

Фестивалското жири во состав Илдико Ењеди, унгарска режисерка и претседател на жирито, Аида Бегиќ, режисер и сценарист од Босна и Херцеговина, Паво Маринковиќ, режисер од Хрватска и уметнички директор на филмскиот фестивал во Пула, Симоне Стараче, режисер од Италија и директор на „Фантафестивал“ од Рим, и Елеонора Венинова, македонска режисерка, на свеченост организирана во Кинотеката на Северна Македонија ги соопшти годинашните добитници на наградите на седмото издание на МФФ „Киненова“.

Членовите на жирито прво истакнаа дека имале можност да погледнат навистина прекрасни 15 кратки филмови и исклучителни осум долгометражни филмови и успеале да дојдат до консензус.

– Главната награда ја доби филмот „Анадолиски леопард“ на режисерот Емре Кајис, кој прикажува еден поинаков свет, свет на пропуштени можности.

Главната награда ја доби филмот „Анадолиски леопард“ на режисерот Емре Кајис

Наградата за најголемо уметничко достигнување е доделена на филмот „Чичко“ на режисерскиот двоец Давид Капац и Андрија Мардешиќ, заради навистина исклучителното уметничко достигнување во еден уникатен и конзистентен аудио-визуелен свет.

Наградата за најдобар режисер ја доби романската режисерка Моника Стан за филмот „Безгрешен“, која симпатично ја долови емоцијата во филмот, соопштија членовите на жирито.

Режисерката Аида Бегиќ го соопшти добитникот на специјалната награда во категоријата кратки филмови.

– Специјалната награда ја доделивме за филмот „Обичната Ели“ на режисерката Лавинија Софрониевска за нежниот и симпатичен портрет на извонредната протагонистка – рече Бегиќ.

Специјална награда доби филмот „Обичната Ели“ на режисерката Лавинија Софрониевска

Жирито одлучи да награди уште два филма во категоријата кратки филмови.

– Многу дебатиравме кој да ја добие оваа награда, бидејќи конкуренцијата беше голема и на крајот одлучивме да ја поделиме и да ја добијат следниве два филма: „Нов Вавилон“ на режисерот Гидеон Ван Дер Стелт, за одлично креираната магична тема на отуѓувањето, и филмот „Три зрна сол“ на Ингрид Чикуи, за прекрасното нурнување во детскиот свет – соопшти Паво Маринковиќ.

Наградите кои годинава ги додели МФФ „Киненова“ се дело на Димитар Филиповски, македонски скулптор, автор на поголем број скулптури ширум Македонија.

Филиповски завршил средно уметничко училиште во Скопје, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, на вајарски оддел, во класата на проф. Драган Попоски – Дада, а по дипломирањето извесен период работел во студиото на академик Томе Серафимовски. Во 2004 година Филиповски ја доби наградата „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ, а од 2006 година работи како професор во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот