Исцртани црвените линии за преговорите со Бугарија

Седница на Собрание на РСМ / Фото: МИА

Документот предвидува преговорите со ЕУ да се водат со почитување на меѓународното право, без никакво условување и со почитување на достоинството на македонскиот народ и притоа да се почитуваат научните сознанија за автохтоноста на македонскиот народ и неговиот јазичен, историски, културен и религиски идентитет

Со 95 гласа „за“, еден воздржан и ниеден „против“ пратениците вчера консензуално ја усвоија Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, со која се исцртаа „црвените  линии“ за разговорите на македонската влада со соседна Бугарија, која лани ни стави вето за преговорите со ЕУ, уценувајќи нѐ да признаеме бугарско потекло на македонскиот народ и на македонскиот јазик.

Документот предвидува преговорите со ЕУ да се водат со почитување на меѓународното право, без никакво условување и со почитување на достоинството на македонскиот народ и притоа да се почитуваат научните сознанија за автохтоноста на македонскиот народ и неговиот јазичен, историски, културен и религиски идентитет.

На седницата немаше расправа, само координаторите на пратеничките групи ги изнесоа своите ставови дека за македонскиот јазик не се воделе и никогаш нема да се водат преговори, а единствена измена во текстот беше амандманот на СДСМ, со кој на Резолуцијата ѝ се додаде уставното име Република Северна Македонија, за што предлагачот ВМРО-ДПМНЕ гласаше против. Албанските партии го искористија моментот да истакнат дека и тие се чувствуваат понижени што албанскиот јазик не се споменува во Уставот, туку како „јазик на 20 проценти население“, а единствено критични кон текстот беа пратениците од Левица.

Нема преговори за македонскиот јазик

Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ порача дека пратениците треба да покажат силно единство и дека работат во интерес на сите граѓани.

Пред нас имаме Резолуција чијашто содржина е целосно балансирана и може да биде од голема помош за Владата за важните надворешнополитички приоритети. Содржината е добронамерна и со целосно позитивен контекст и може да помогне во понатамошно градење и унапредување на добрососедските односи на рамноправна и принципиелна основа и да ги забрза нашите евроинтеграциски процеси. Македонскиот идентитет и јазик се неприкосновена реалност на нашиот народ. Тие се наше наследство од претходните генерации и аманет за идните генерации. Токму затоа со оваа Резолуција посакуваме да им ставиме крај на постојано присутните тенденции на негирање на волјата на народот и на преговори без граници за теми и дилеми кои припаѓаат во вековите од далечното минато – рече Муцунски.

Јован Митревски од СДСМ порача дека македонскиот јазик, идентитет и посебност се меѓународно признаени и потврдени во нашата лична карта во Обединетите нации.

Не може да се преговара за нешто што е неспорен факт. За целиот свет ние сме Македонци што зборуваат македонски јазик. На многу пресови кажавме дека за тоа не треба да се разговара овде во Собранието, но како мнозинство ја прифаќаме Резолуцијата со две цели – да ставиме крај на лажните вести за национални предавства и поголемата причина, да излеземе пред граѓаните дека немаме дилеми, наша јасна цел е да станеме членка на ЕУ како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, како што станавме членка на НАТО. Нашата држава мора да се движи напред, мора да се бараат решенија со Бугарија во рамките на Договорот за добрососедство, со јасни црвени линии за нашата посебност. Ние ги исполнивме критериумите на ЕУ, највисоките претставници потврдија дека Македонија треба да преговара, но поради нелогичните барања од Софија, овој процес е блокиран. Тоа е проблем и на ЕУ, која мора да покаже прагматичност и да испорача преговори – рече Митревски.

Албанците не се пречка

Скендер Реџепи од Алијанса на Албанците и Алтернатива порача дека за ЕУ нема алтернатива и дека земјата мора да развива добрососедски односи со сите.

Се поставува прашањето, како се случи Бугарија да нѐ условува? Во 90-тите години беше најзаостаната држава на Балканот и нашето патување кон ЕУ требаше да биде побрзо, но кога Софија го отвори поглавјето за ЕУ-стандарди, Скопје отвори поглавје за меѓунационални конфликти. Ова не беше од патриотски причини, туку луѓето се дефокусираа од приватизацијата, која за кратко време создаде олигарси и сиромашни, а во 2001 година многумина ги загубија животите без потреба.  Од страна на Албанците никогаш немало никаква пречка, ниту од Косово, ниту од Албанија, ниту од Македонија за идентитетот на македонскиот народ, чие право за лично изјаснување сме го поддржувале. Но, како што сочувствуваме ние со вас, бараме и вие да сочувствувате со нас. Срамно е во Уставот да сме како процент, а не како државотворен народ што нема дилеми за државните интереси. Очекуваме од лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ да поттикнат уставни измени, со кои на Албанците ќе им се укине оваа одредба со проценти. Тоа не ги прави Македонците помалку државотворни. Да докажеме дека сите националности се почитуваат и сме едногласни за државните прашања. Без единствена и компактна држава нема да имаме здраво пристапување кон ЕУ – рече Реџепи.

Арбр Адеми од ДУИ рече дека идејата за обединета Европа не е случајна, туку е манифестација на вековни стремежи за стабилност и е плод на голем труд што не дозволува повторување на војните од 20 век.

Силата на ЕУ е во различностите и тоа е една од основните причини зошто Западен Балкан сака да се интегрира. Проширувањето на ЕУ е стратешки приоритет и блокада на еден аспирант не е штета само за аспирантот, туку и на самата Унија. Блокадата на Македонија е блокада на целиот процес и без сомнеж ќе се рефлектира и кон другите во регионот. Денес, 20 години по Рамковниот и три години по Преспанскиот договор Македонија е куќа на различности, отворена, толерантна земја што овозможува развој на секој граѓанин без разлика на каква било припадност. Таа е вреднувана како позитивен пример во регионот и имаше одлука за отворање на преговорите со ЕУ, што треба да се реализира. ДУИ во исто време смета и дека националниот, државниот и јазичниот идентитет не е прашање за дискусија, преговори и меѓудржавен договор. Како Албанци се солидаризираме со нашите сограѓани Македонци секогаш кога се допира нивниот јазик, затоа што ние најмногу знаеме што значи да ти се забрани употребата на мајчиниот јазик – рече Адеми.

Кастриот Реџепи од Беса рече дека некои работи нема потреба да се дефинираат и дека никој никому не може да му каже како се вика неговиот јазик и каква историја има.

Механизмот на ЕУ овозможува една членка да стави вето, а тоа не треба да биде така. И во минатото сме имале случаи кога две земји имаа проблеми, а тоа не беше пречка за преговорите. Се солидаризираме со Македонците околу нивното право за самоопределување и за културни и јазични прашања. Но, и вие треба да придонесете за внатрешната кохезија на народот во нашата земја, штитејќи го од напади, манипулации и тензии – рече Реџепи.

Димитар Апасиев од Левица смета дека Резолуцијата е бенигна, со дипломатски манири и недостига јасно отфрлање на бугарскиот меморандум, со кој се бара историски ревизионизам и рехабилитација на фашизмот.

Недостига осуда на неоврховистичките позиции на бугарската влада. И она што конечно треба да се одважиме, недостасува да го отвориме прашањето за македонското малцинство во Бугарија. Фали и дека оваа Резолуција треба да се достави до ЕУ, а не само во „Службен весник“ – рече Апасиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот