Ирена Јакимовска, управител на „Комфи ангел“: Ќе треба повторно да се навикнеме да трошиме пари за облека

Домашните бизнисмени со олеснување ја примија веста дека Германија, која е наш најголем стратешки партнер, доживува економски раст и покрај ограничувањата поради пандемијата. Тоа е добра вест, велат стопанствениците, иако не се надеваат дека опоравувањето на македонската економија, ќе се случи брзо. Важно е да се нотира дека и во текот на минатата година, најголемиот дел од фабриките кои се лоцирани во индустриските зони, не престанаа со работа, иако можеби не работеа со стопроцентен капацитет. Од друга страна, застојот најмногу го почувствуваа текстилните фабрики, кои имаа намалени и откажани налози од долгогодишните странски партнери, пред се’ од Германија. Индустриите за текстил, облека и кожа, во 2019 година, извезуваа стоки во вкупна вредност од над 540 милиони eвра, при што над 93 отсто од производството е „ЛОН. 

Според најавите и проценките на сопствениците на компаниите, ќе бидат потребни најмалку шест месеци за нормализирање на нарачките и производството.

-Не може да се очекува прекуноќно заздравување, но заздравувањето на германската економија, секако е добра вест за домашните текстилни компании. Логиката кажува дека граѓаните насекаде во светот, прво ќе трошат пари за одмор, патување и туризам, а потоа и за облека. И модата се смени, како и се друго, а многу модни продавници не само во Германија, туку и глобално, затворија. Да не заборавиме дека и утре да заврши пандемијата, добар дел од компаниите ќе продолжат да работат од дома, за да ги намалат трошоците, што од друга страна ќе се рефлектира врз потрошувачката на текстил – вели за „Слободен печат“, Ирена Јакимовска, управител на текстилната компанија „Комфи ангел“.

Јакимовска смета дека државата треба да изгради сериозна стратегија за помош на најтрудоинтензивната гранка од која лебот го вадат 35.000 работници. Најголемиот дел од текстилната индустрија не остварува поголема додадена вредност, но, според неа, сепак, е прерано да се откажеме од оваа гранка и се додека не се случи целосна смена на генерации во фабриките, треба да се најде начин за нејзиниот опастанок.  

-Дел од фабриките, внесоа најмодерна технологија во производството, но просечната возраст на работниците во браншата е околу 50 години. Многу е битен социјалниот аспект, бидејќи од работата во оваа индустрија, живеат цели градови – додава Јакимовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот