Иранскиот претседател ги обвини САД за детско однесување

фото: EPA/ROLAND SCHLAGER AUSTRIA OUT

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска ги обвини САД за „детско однесување” откако Вашингтон воведе санкции за шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф.

– Тие (Американците) детски се однесуваат… секојдневно тврдат сакаме да преговараме без услови… и тогаш воведуваат санкции за министерот за надворешни работи, посочи Рохани.

Санкциите предвидуваат блокирање на негов евентуален имот или бизнис во САД. Зариф во порака на Твитер нагласи дека не поседува имот вон државата.

– Џавад Зариф го спроведува безобѕирниот план на иранскиот врховен лидер и е главен портпарол на режимот во светот. САД испраќаат јасна порака до иранскиот режим дека неговите неодамнешни постапки се целосно неприфатливи, истакна американскиот секретар за финансии Стив Мнучин.

Тој посочи дека Зариф ги користи социјалните мрежи за да шири иранска „пропаганда и дезинформации” додека во исто време иранската Влада не им дозволува на граѓаните пристап до мрежите.

– Причината на САД е што јас сум главен ирански портпарол во светот. Дали вистината е навистина толку болна? Тоа не влијае врз мене или моето семејство бидејќи немам имот надвор од Иран. Ви благодарам што ме сметате за толку голема закана по Вашите планови, напиша Зариф на Твитер.

Администрацијата на Трамп соопшти дека од случај до случај ќе одлучува дали ќе му даде виза на Зариф, вклучително и за учество во работата на Обединети нации. Ако Зариф добие таква виза се остава отворена вратата за евентуални директни или индиректни контакти на САД и Иран.

Неименуван американски претставник истакна дека Трамп е отворен за разговори со Иран, но неговата администрација не го смета Зариф за една од клучните личности во донесувањето на одлуката.

– Вашингтон го санкционира Зариф бидејќи се плаши од неговите дипломатски вештини. Врв на глупост и недоследност на американските власти е тоа што не го признаваат д-р Зариф како влијателен во иранската политика туку од незнаење го санкционираат. Американците многу се плашат од логиката на д-р Зариф и неговите преговарачки вештини, истакна портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусави на Твитер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот