Инвеститорот не попушта, а граѓаните и општина Центар не го даваат паркингот пред Авто Македонија

Жителите на општина Центар кои живеат во близина на „Авто Македонија“ денеска се сретнаа со градоначалникот Саша Богдановиќ, во обид да најдат решение за проблемот со кој се соочуваат.

Имено, на постојниот паркинг се очекува да започне изградба на катна гаража, висока 29 метри.

Иако инвеститорот „Никофон“ заедно со извршители и полициско обезбедување беше присутен на локацијата каде што во секој момент се очекува да почне изградбата на гаражата, Богдановиќ уверува дека ќе се преземат секакви мерки, за да не дојде до градење на таков објект и просторот да си остане паркинг за граѓаните.

– Целиот јавен повик треба да биде ништовен и со тоа да нема ни договор, бидејќи тука има 70 отсто за изградба на катна гаража и 30 отсто за деловен објект. Според тоа, ако се земат цените кои се во уредбата за продажба на јавно земјиште, тие се 5.000 денари, а овде почетната цена е 1.800 денари. Ние откако го презедовме земјиштето, ги добивме предметите и веќе покренавме постапка по основано сомнение за оштетување на буџет и злоупотреба на службената положба и чекаме одговор – објасни Богдановиќ.

Тој ги повика надлежните институции да побрзаат во расчистувањето на случајот додека не е предоцна, односно пред да почне да се гради.

– Има поднесено две кривични пријави од граѓаните и според нив, ништо не е преземено. Моја претпоставка е дека дознале инвеститорите. Апелирам до надлежните институции да реагираат за да се даде времена мерка од обвинителството и да се расчисти целиот случај. Мора прво да се поништи договорот, а откако ќе се стори тоа, земјиштето ќе биде вратено во владение на државата и ние ќе го вратиме во својата првична функција. Затоа брзаме да се реагира. Ако обвинителство ги потврди нашите сомневања, ќе дојде до раскин на договорот – додаде Богдановиќ.

Инаку проблемот започнал во 2012 година кога тогашниот министер за транспорт и врски го продал државното земјиште, а подоцна, дозвола за градба дал претходниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот