ИНТЕРВЈУ Жан Митрев: Најмногу ме плаши тоа што ковид-19 предизвикува депресија и чувство на катаклизма

„Вирусот“ сите нѐ раздрма и нѐ потсети дека мора да бидеме многу внимателни. Дека треба да си го почитуваме и помагаме домашниот потенцијал. Нема сега ни одење во странство, ни доаѓање на странски стручњаци. Сега сме ние тука и се справуваме со сѐ што треба, вели познатиот кардиохирург Жан Митрев.

„Прес конферниција“ е насловот на неделното мега интервју со познати личности од сите области на јавниот живот. Од политиката, науката, културата, спортот, естрадата. Авторот на интервјуата Зоран Иванов, секоја среда на страници на весникот, за своите соговорници ќе дефинира лепеза прашања од интерес за најшироката читателска публика на Слободен печат.

Жан, од каде Жан, што симболизира вашето лично име и кој е авторот?

– Кумот, знаеш како е, прво па машко, се изнапиле, а нему му бил идол Жан Габен, и така…, синот ќе се вика Жан или нема да има кум. Мајка ми плачела цела недела за тоа. А требало да се викам Стојан по дедо ми, а и ептен ќе ми одговарало бидејќи се имам изнастојано, ама така ти било. Подоцна, кога бев средношколец, кога се запознававме со други, сите си ги кажуваа прекарите, а јас си го кажував името, па ќе ме прашаа: Интересен прекар, а како ти е вистинското име?

Tоп тема се микробиолозите, ве ставија ли во сенка вас, кардиолозите, кардиохирурзите, малку љубоморни ли сте им?

– Ма не, ова е сериозно време, па и тие се избезумени, гледаш едни кажуваат едно, други друго. Никој не знае што и како ќе биде. Во нашата клиника, микробиолозите се на високо место и имаат секогаш почит. Тие се вклучени во клиничката практика и се почитува нивното мислење, така се бориме заедно против „вонземјаните“ наречени вируси, бактерии, габи… Тоа е секојдневие во нашата работа, но сега стана јасно за широките народни маси колку е сето тоа опасно!

Ве плаши ли ковид-19?

– Знаете, имаме големо искуство со сите можни вакви состојби, но имаме развиено и разни постапки со кои дејствуваме. Секој пациент болен од срце е и имунодефицитарен, па многу лесно, по операција особено, се накалемува некоја инфекција. Со тоа и тоа како си имаме работа и можам да кажам дека добро се справуваме. Можеби и затоа се чувствуваме прилично сигурни, дека можеби и не е така страшно. Но, според сите сознанија, мислам дека станува збор за нешто што навистина е многу опасно, за состојба за која засега нема сигурен лек. Многу е вознемирувачки и тоа што лесно се шири и непредвидлив е резултатот, некои умираат за неколку денови, други се шетаат со вирусот без никакви проблеми.

Од друга страна, уште полошо влијае врз расположението, предизвикува депресија и чувство на катаклизма. Тоа ме плаши повеќе од она што никој не знае како ќе биде понатаму…

На времето почнавте со барање локација за болница, па преку државниот простор во старата Воена до Вашиот совршено современ објект. Можеше ли се понавреме и без многу трошење нерви?

– Да се вратиме на спомените, нели? Сега гледам дека многу работи што сум ги доживувал како негативни, всушност биле многу убави, дали…?

Секако дека можеше. Оние што биле мали во тоа време, а и за оние што заборавиле, да потсетам дека ова го почнав уште во далечната 1997 година, но имаше големи опструкции и се појавија многу проблеми, па ми стана тогаш јасно дека не беше тогаш можно. По некои три години, се појави нова можност да се започне преку Воената болница, па така влетав во таа авантура. Сѐ почнав од апсолутна нула. Немаше ништо, ни опрема, ни знаење, ни персонал. Државата тогаш помогна во реновирањето на 600 м2. Така почнав, со 12 кревети и со една операциона сала. Иако резултатите беа евидентни, растевме како организација и сѐ повеќе добивавме меѓународни признанија за тоа што го работевме, иако проблемите некако не се надминуваа баш лесно. Бев на некој начин принуден да планирам и ја направив новата болница. Така, сега многу од проблемите и исчезнаа.

Но, кога излегов од Воената болница во 2016 година, таму оставив три комплетно опремени одделенија, 60 кревети, 2 операциони сали, комплетно опремени со ЦТ-дијагностика и ангиографија. Многу, многу пати повеќе вратив од тоа што тогаш државата потроши „за мене“!? Но тоа и до денес се провлекува, „ми дадоа“, а никако да се разбереме, всушност кој кому „му дал“.

Кои и каде беа пречките, во политичката бирократија или во колегијалната лекарска суета?

– Сѐ заедно. Сите беа некако исплашени од тоа што беше ново, тогаш непознато за сите нив. Приватна болница за кардиохирургија беше невозможен потфат, уште повеќе сето тоа водено од еден „млад дечко“, кој упадна ненајавено од Германија. Можеш ли да замислиш, за кардиохирургијата се зборуваше со децении претходно и се појавува еден (кој зборува македонски) со штипски дијалект и вели: Јас ќе направам кардиохирургија! Се случи големо бранување во целото општество тогаш. И многу работи се променија. Сето тоа е разбирливо од сегашна гледна точка, но требаше да се опстои, истрае, докаже…

Планови, Ваша клиника и надвор од земјава или тоа би било премногу за организација и за контрола?

– Планови има многу, па и за надвор секако, но главно е прво „дома“ добро да се функционира. Но, „вирусот“ сите нѐ раздрма и нѐ потсети дека мора да бидеме многу внимателни. Дека треба да си го почитуваме и помагаме домашниот потенцијал. Нема сега ни одење во странство, ни доаѓање на странски стручњаци. Сега сме ние тука и се справуваме со сѐ што треба.

А, во родниот Штип или се нема повеќе доволно квалификуван кадар или сила за уште еден почеток?

– Многу си го сакам мојот Астиб (Штип). Правам сѐ што е до мене, нешто да се помрдне. Го иницирав и учествував тогаш во создавањето на Универзитетот „Гоце Делчев“, притискав и лобирав кај политичарите за изградбата на автопатот. Имаше и други проекти што можеа, но не се реализираа. Може уште многу да се направи, но сѐ оди многу бавно, ќе ми требаат можеби уште неколку животи додека да се направи сѐ што би сакал. Убаво е чувството кога си учествувал во нешто и тоа придонело да се променат некои работи во корист на општото добро, во нешто поубаво…

Работата Ви е стресна, помага ли понекој аперитив пред интервенција или добра капка по операција?

– Јас сум најстрог кон себе. Во текот на работната недела, додека работам, пијам само вода и не јадам цел ден, сѐ додека не се вратам навечер дома. Значи нема „капка“ ниту  пред ниту потоа. Но, обожавам добро црно вино и преку викенд ми е посебно задоволство со една-две чаши.

Срцето е симбол, мотивација и инспирација за љубовта, за животот, за уметноста. Отворивте илјадници срца, што има во нив?

– Магија. Со сите овие години, повеќе од 33 години работа, секој ден е нова инспирација и предизвик. Магија што се вика висока наука. Замисли, при секоја операција срцето се запира, стои мирно додека му се изврши операцијата и повторно се „разбудува“, проработува и пациентот се буди, закрепнува, си оди дома. Наназад само пред половина век, сето тоа е било незамисливо, невозможно. Но и понатаму срцето останува загатка…

Што Ве растажува во работата?

Ме растажува што луѓето не знаат што имаат. Ме растажува површноста, недоследноста, непосветеноста на оваа работа.

Што Ве радува во работата?

– Кога сѐ е „под конец“, кога пациентите се задоволни, кога гледам како некои замисли се претвораат во реалност и добро функционираат. Кога нешто што изгледало невозможно, станува реално.

Децата пациенти, Ве тревожат ли посебно, која емотивна сила треба да има лекар, човек кому пулсира детско срце во неговата дланка?

– Тоа е посебна состојба. Имам огромно искуство во кардиохирургијата. Нема нешто што не ми е познато. Еден сум од ретките во светот, кој има направено повеќе од 15.000 операции на срце сам. Но, секогаш кога оперирам бебе, чувствувам голем притисок, како да сум облечен во тесен костим за пливање под вода… така слушам, така гледам околу себе, целата концентрација ми е насочена таму, кон пациент со три килограми тежина и само неколку часови откако е родено. И сѐ мора да функционира перфектно. И целиот тим околу мене. Тешко може тоа да се опише. Исто како што не може да се опише и чувството кога тоа дете го зема мајката во свои раце, кога си одат дома… Тогаш сум навистина среќен што сум ја избрал оваа професија.

Читате ли нешто надвор од медицинската литература, имате ли време за тоа?

– За време на викенд читам нешто што ме релаксира, за храната, лозарството, виното…

Најкусо, од 1 до 10, каде денес стаса Клиниката „Жан Митртев“ на светската кардиохируршка мапа?

– Чиста десетка. Без никакво претерување. Но, тоа знам, за многумина тука е сѐ уште примано со некоја недоверба. Можеби затоа што е тука и затоа што е толку наше!?

„Неуспешна операција“, има ли дефиниција, што подразбира таа изрека?

 – Во мојата работа операцијата ја прават 350 луѓе. Сите мои вработени учествуваат во тоа. Тоа е ланец од многу различни важни активности, пред операција, подготовка, дијагностика, консултации, проценка, планирање на изведувањето на операцијата со сите сегменти, анестезија, инструментарки, кардиотехника. Па постоперативно будење, следење 24 часа, непрекинати активности на сестри, лекари, физиотерапевти, психолози, администрација, за да пациентот си замине дома задоволен, како и неговата фамилија. Ние сме приватна болница каде што пациентите плаќаат за одредени услуги и очекуваат многу. И само нешто малку да не е како што треба во целиот овој синџир на активности и мало незадоволство на пациентот или на некој член на фамилијата, и веќе може да е „неуспешна операција“. Не е лесно на сите луѓе да им погоди, особено тука, каде што микро-отстапка може да доведе до голема компликација. Затоа за многумина од моите вработени сум незгоден, строг… но јас само се стремам кон перфекција и висок професионализам за да биде „операцијата успешна“.

Како херој Ве доживуваат Вашите пациенти. Ве прави тоа премногу горд или само уште повеќе мотивиран?

– Ме прави да се чувствувам дека времето и трудот што сум ги вложил, не биле залудни, дека сето тоа има смисла, дека мојот живот има смисла.

Што Ве вади од такт на работа?

– Бирократијата. Регулација, правила и прописи секако дека поддржувам, но начинот како сите овие години се одвива, времетраењето ако треба да се добие некоја дозвола… да, тоа ме вади од кожа!

А што приватно?

– Па, сѐ е приватно! Приватно сум мирен.

Што пак Ве накострешува во македонската политика?

– Што не? Но знаеш, сите тие дечки се супер кога се во опозиција. Кога ќе дојдат на власт, нешто им се случува. Посакувам да дојдат дечки на власт, такви како да се во опозиција, ме разбираш…?

Ви пречи ли што Ве озборуваат дека сте најплатениот Македонец?

– Јас самиот себе се плаќам, а тоа е една посебна привилегија…

Но, види, јас сум сопственик на една од најдобрите и најмодерните приватни болници во Европа, повеќе од половината од сите пациенти доаѓаат од странство и плаќаат големи суми за разни медицински услуги, оперирам трипати повеќе пациенти годишно од кој било најактивен германски кардиохирург, ги оперирам најтешките пациенти, најмалите новородени, по резултати за вештачки срца сме меѓу најдобрите во светот, раководам неколку поврзани фирми со повеќе од 350 вработени… и по сите овие параметри, реално очекувам да сум. Но, не сум!

И навистина ми пречи. Знаеш, не е баш во ред Министерството за финансии да каже заради заштита на податоците, доктор од приватното здравство, Македонец, заработил 3 милиони евра! Но, не се кажува кој е. И сега сите погодуваме. Значи, или се кажува и тогаш се кажува и со име и презиме, или не се кажува ништо. Значи, ако не сум јас, кој е?! Тоа е невозможна сума, нереална, нешто не штима тука. Баш сакам да знам кој е тој?!

Европски академик сте, но МАНУ беше претесен за Жан Митрев?

– Немам можеби такви способности какви што се бараат за таму…

Хоби?

– Готвење, ха, ха… Не, навистина! Читам за готвење, за рецепти, како најубаво да се испече стек, различни манџи… Добивам специјално списание од Германија, „BEEF“. Многу убава работа. А јадам зелка, постам… Тоа ти е. Знаеш, битно е ментално да си сит, ха, ха!

За здрав организам промовиравте одредени диети. Срцето и крвните садови страдаат од храната, од стресовите или од гените?

– Гените, засега, не можеме да ги менуваме. Но, сѐ друго е во наши раце. Храната е нешто што секојдневно се консумира. А тоа, и тоа како влијае. Но, прво и најважно е да се знае дека главниот проблем е што премногу се јаде. Пречесто, во поголеми количини од потребите на организмот. Треба многу да се намали количината и оброците. Колку помалку, толку подобро. Не треба диета, ако може човек сам да се контролира. Но предизвиците се големи, на сите страни разновидни понуди, реклами, а стресот е само причина или оправдување за да се јаде прекумерно. И тоа е кругот во кој лесно се влегува, а тешко се излегува.

За вашиот занает треба многу знаење, но и дарба, што од двете е поважно?

– Многу работи треба да се поклопат. Можеби и знаење и талент не се баш доволни ако ја нема фасцинацијата од таа работа. Тоа е кај мене вистинска страст, љубов без граница, опсесија, фанатизам, комплетно предавање… сѐ заедно.

Има ли во Македонија нови таленти кардиохирурзи, му дишат ли во врат на неприкосновениот Жан Митрев?

– За едно нешто ми е навистина жал. За сите овие години така беа поставени работите, што јас морав некако континуирано буквално да се борам за опстанок. Едно од главните „оружја“ беа добрите резултати, па така морав многу да внимавам, многу долго, сите операции сам да ги правам. Со годините, многу млади лекари не можеа да добијат шанса. Да беше поинаку, сега ќе имаше цела школа на млади кардиохирурзи. Но, и покрај сѐ, сепак има помлади и талентирани, кои работат сега самостојно, заедно со мене.

Аминта, Филип, Александар,  Ве опчинуваат ли историјата и припадноста?

– За ова може да разговараме до утре. Секако сега сум „посмирен“. Сѐ уште не можам да разберам како не може да се согледа целината. Знаеш, јас прв застанав зад промената на името. Зошто? Затоа што тоа е така. Македонија никогаш не била држава. Тука Грците имаат право. Македонија била огромна и моќна империја. Како сега да е слично времето како кога бил Филип, сите таканаречени славјански држави се раскарани меѓу себе, се тепаат и војуваат. Кога би се обединиле сега, еве ја повторно Македонската империја. Тоа е за мене Македонија.

Неретко сте во недоразбирања со политиките во државното здравство. Има ли лек за македонското јавно здравство? Може ли воопшто Вашата лекарска дејност да се нарече бизнис?

– Има, јас имам лек. Но, треба и да сакаш да се лекуваш, нели?! Да, за жал, тоа е другата крајност на приватното здравство, кога пациентите се претвораат во роба, во процент и бројка! Но со годините на работа, сѐ веќе се знае и сѐ ќе си дојде на свое место.

Не Ве гледаат по Скопјево, во кафуле, ресторан, се движите ли воопшто меѓу луѓе, каде излегувате?

– Јас станувам секое утро во 5 часот, пред оџите, кога тие пеат, јас нешто вежбам и се спремам за денот што ми претстои. Работам во просек 12 часа на ден. И тоа секој ден. Прилично сум „потрошен“ на крајот од денот. Преку викенд средувам документација, закажувам средби со фирми и со луѓе со кои требало да се видам, но не сум успеал. Ако имам нешто слободно, тогаш сум со фамилијата. Тука доаѓаат и уште обврски и патувања во странство и времето лета. Да, можеби многумина мислат дека не сакам да се дружам, да излезам… А јас само едноставно немам време.

Возите ли автомобил или тоа го препуштате на личен возач?

– Кога одам до аеродром, го возам шоферот со мене за да ја врати колата назад. Обожавам да возам, и долги патеки и побрзо одошто треба. Порано беше поинтересно, немаше толку контроли.

Спортувате рекреативно?

– Секако, се трудам. Тука некаде, да сум на линија на студентските денови, ха-ха!

Вашата визија за државава Македонија, каде ќе сме за една декада, овде или малку понатаму, во развојна смисла, секако?

– Види, можеби е добро што се случи ова со короната. Можеби времето ќе се промени. Можеби ќе почнеме да се гледаме меѓу себе со милни очи, со меѓусебна почит. Можеби ќе ја согледаме целината и така ќе почнеме да работиме, во интерес и на другите околу нас. Можеби ќе сфатиме дека и ние нешто вредиме и дека треба да се поддржуваме меѓусебно. Можеби така ќе сфатиме кои сме и која вредност ја имаме.

И за априлските избори не посакавте да се инволвирате во политиката или сте премногу разочаран од неа?

– Не, не, премногу сум млад, ха-ха. Зарем не гледаш во светот како е, прво полниш 70 години, па потоа се кандидираш. Има време, нели?

Патриот, која е Вашата дефиниција за патриот, за родољуб?

– Да помогнеш на поединец, да бидеш личен пример за помладите генерации, да бидеш искрен во љубовта кон државата, да зборуваш со дела, делата да зборуваат за него.

Од 1 до 5, ќе нѐ биде ли како држава, поточно што би значело тоа „да нѐ биде“?

– Ако се освестиме и тоа како дека ќе нѐ биде! Јас сум непоправлив оптимист. Имаме држава, за неа треба континуирано и макотрпно да се бориме. Борејќи се за неа, се бориме и за себе. Ако така ги сфатиме и ги поставиме работите, за сите ќе биде добро. И сигурна е чиста 5-ка, да нѐ биде!

Кој се грижи за Вашето срце службено?

– Моите вработени.

А приватно?

– Многу ти се интересни прашањата…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот