Интервју со Зорка Тодорова – Младеновиќ, костимограф: Да имам уште еден живот, и тој би го посветила на облеката

Зорка Тодорова - Младеновиќ / Фото: Арс Ламина

„Од сите слични професии каде што темата е секогаш облеката, најмногу ми причинува задоволство кога правам костимографии за филм“, вели Зорка.

Пред многубројна публика на 5 март се одржа промоција на книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ на Зорка Тодорова-Младеновиќ, костимограф, моден дизајнер и професор.

Книгата е сублимат на нејзината досегашна работа како костимограф на многубројни филмови, театарски претстави, но и на историските костими во музеите.

Во интервјуто за „Слободен печат“ разговараме со неа за новото книжевно дело, но и за нејзиното сестрано работно искуство во изминативе неколку децении.

Неодамна се одржа промоцијата на Вашата нова книга „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“. Кажете ни како помина настанот и кој беше вклучен во организацијата?

– Промоцијата на мојата нова книга „Костимот во Mакедонија од појавата на фотографијата до денес“ беше организирана од издавачката куќа „Арс ламина“ во Музејот на македонската борба за самостојност и тоа во една многу пријатна атмосфера, со голема посетеност од заинтересираните што сакаа да бидат дел од едно такво случување. Се разбира тука најпрвин беа моите пријатели, моите роднини, колеги уметници и филмски работници, како и моите драги колеги од Институтот за мода од Металуршко-технолошкиот факултет и Факултетот за ликовни уметности. Во промотивниот дел учествуваа универзитетската професорка и модна дизајнерка Лидија Георгиева, како промотор, уредничката на изданието Бисера Бендевска, како модератор, и секако и јас како авторка. Ме изненади интересот, па дури и бројноста на присутните. Но, веројатно, на оваа тема многу поретко излегуваат од печат публикации, а интерес има меѓу читателската публика, особено кај помладите.

Фото: Арс Ламина

Кога и како се роди идејата да ја создадете оваа книга? Колку време ја подготвувавте и од каде ги црпевте информациите?

– Пред да почнам да го дополнувам материјалот за оваа книга, во соработка со издавачката книга „Арс ламина“ подготвив друга книга со наслов „Облеката во светот од праисторијата до денес“, а за неа заедно со уредничката Бисера Бендевска подготвивме повеќе од 800 илустрации од костими, од различни периоди и автори. Бидејќи таа книга сѐ уште го чека својот ред за издавање, се договоривме да подготвиме едно поскромно и пофокусирано издание, а тоа е за костимот во Македонија, и тоа временски ограничено на последниве два века, односно од појавата на фотографијата. Некои од содржините за костимот во Македонија веќе беа дел од пообемната книга, пa се договоривме токму тој дел да го надоградам, да го дополнам и проширам, и од тоа да произлезе посебно издание. Предизвикот ми стана интересен бидејќи претходно работев на филмови чие дејствие се случува во отоманскиот период („Прашина“, „До балчак“, ТВ-серијата „Тврдокорни“), а веќе ги имав изработено и сите костими за восочните фигури што се наоѓаат по нашите музеи во Скопје, Битола, Ресен, Штип и во Кавадарци. Значи, го имав истражувано тој период со години и во мојата документација собрав многу копии на фотографии и илустрации од тој период. Исто така, додека истражував за едно мое претходно издание, монографијата за Кавадарци, собрав стари фотографии од многу семејства, па користев фотографии и од фотографското ателје на браќата Манаки, како и на другите фотографи што работеле во тој дел на Македонија. Што се однесува за периодот по 1945 година, сведок сум и учесник на многу промени што се случуваа во тие времиња. Сведок сум и учесник во развојот на нашата текстилна индустрија од Втората светска војна, па сѐ до пренасочувањето на нејзино работење како ЛОН-производство.
Да резимирам – материјалот за оваа книга веќе го имав собрано, проучено и подготвено, и требаше само да го преработам и да го проширам за да печатиме посебно издание. Многу сум ѝ благодарна на уредничката Бисера Бендевска, која го подготви и Поимникот на облековни елементи што е дел од книгата, исклучително битен дел што на изданието му дава и научна вредност, но исто така и на Лидија Георгиева, моја некогашна студентка, а сега професор и успешен моден дизајнер во светски рамки, како и на етнологот, кустос – советник во НУ Завод и музеј во Битола, Наде Геневска-Брачиќ, кои беа рецензенти на изданието и подготвија предговори за истото.

Фото: Арс Ламина

Покрај тоа што сте моден дизајнер, Вие сте и пензиониран професор по моден дизајн. Дали оваа книга може да се употреби во програмите за изучување мода во високото образование? За кого сѐ е наменета?

– Сите познати модни дизајнери црпат инспирации од фолклорот на некоја земја, од кроевите на некој одминат стил на облекување, сѐ со цел да се појават со нови идеи и модели, кои ќе бидат интересни за конкретната сезона за која ја подготвуваат модната линија. Модата е, пред сѐ, бизнис и секој моден дизајнер се труди да се појави со колекција што е уникатна, но и комерцијална. Мојата книга обработува пет различни периоди и видови облеки, и секако дека тие можат да бидат инспирација за нашите модни дизајнери. Особено податлив за мода е нашиот фолклор, старите носии и нивните особености, како и комитските облеки. Во основа, секој моден дизајнер треба да ја познава историјата на облеката во светот, но сепак оваа книга е наменета за секој што сака да ја осознае модата во Македонија од крајот на деветнаесеттиот век па до денес.

Фото: Арс Ламина

Сте работеле и како костимограф, авторка сте на книги и сте пишувале текстови за мода во неколку македонски дневни и периодични изданија. Раскажете ни за Вашето сестрано работно искуство? Во која од овие области најмногу се пронајдовте?

– Кога го положив приемниот испит на Факултетот за применети уметности во Белград, сонував да станам костимограф во Народниот театар во Скопје. По завршувањето на моите студии во Париз на Високата школа за декоративни уметности, во Скопје веќе постоеше нашата Македонска телевизија и јас станав дел од таа куќа како костимограф на многубројни драми, детски серии, телевизиски филмови и секаде каде што беше потребен костимограф. Во првите седум години од моето работење бев автор и на костимите на играните филмови „Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, како и автор на неколку самостојни модни ревии што тогаш се одржаа во хотелите „Континентал“, „Гранд“, „Десарет“, во домови на културата во други градови во нашата земја, бидејќи тоа беа и „ексклузивните“ ентериери пред половина век. Настаните од тој вид се одржуваа или на Скопскиот саем или во големите сали на хотелите. Зборувам за 70-тите години од минатиот век.
Со стипендија од француската влада следуваше повторно студирање во Париз, на Високата школа на Францускиот синдикат за висока мода каде што специјализирав изработка на модели директно на манекенска кукла, но и изработување на конструкции за уникатна облека со земени мери, се разбира каде што се применува малку и математиката.
По враќањето од Париз се претставив со неколку модни ревии и учествував во формирањето на Центарот за Современа мода и креации при СОЗТ „Интекс“ во Скопје. Преку тој центар опслужувавме околу 30 наши текстилни фабрики каде што правевме колекции за новите сезони кои доаѓаа. Во центарот бевме вработени три модни креаторки и се случуваше во исто време секоја од нас да прави колекции во повеќе фабрики. Така се правеше модата во тоа време. Фабриките произведуваа ткаенини, облека, свои колекции, и ги презентираа на саеми низ Југославија и во светот, а потоа ги продаваа и договараа производство за одредени купувачи и фирми на големо, а овие пак, во своите продавници ги презентираа колекциите за граѓанинот да може да избере, купи и облече. Но за жал, по распаѓањето на нашата текстилна индустрија, нашите текстилни фабрики почнаа да работат само ЛОН производство. Тоа значи дека добиваат материјали и дизајни од нарачателот на работата, и нашите фабрики само ги изведуваат, склопуваат, шијат облеките. Дизајнери не им се веќе потребни, онака како што порано се работеше.
Тогаш почна моето професорување, најпрвин на Факултетот за ликовни уметности, а потоа на Технолошко-металуршкиот факултет во Институтот за конфекциско инженерство, кој подоцна се преименува во Институт за дизајн и инженеринг на облека. За тоа време напишав интерни учебници, кои по моето пензионирање ми послужија како основа на книгите што ги издадов. „Конструкција, моделирање и градирање на основни кроеви на уникатна женска облека“ (во соработка со проф. Соња Ќортошева. ТМФ, 2005), „Како да станам моден дизајнер“ (Арс ламина, 2020), и еве сега и „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“. Во тој период работев и неколку костимографии за филм, како „Хај-Фај“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, а по пензионирањето уште и на „Војната заврши“, „Прашина“, „До балчак“, „Сенки“, „Мајки“, „Децата на сонцето“, 10 епизоди од ТВ-серијата „Тврдокорни“, неколку претстави и серии со Коле Ангеловски. Сега работам како костимограф на филмот со работен наслов „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи. Да не заборавам да ја споменам и монографијата „Вистински приказни за вечни сеќавања: Кавадарци 1900-1945“, издадена во 2010 година, која има повеќе од 300 фотографии од семејства во тој период од 20 век, за која истражував и ја подготвував неколку години. Костимите за восочните фигури во повеќе музеи во Македонија веќе ги спомнав, нив ги истражував и ги подготвував неколку години. И, да заклучам, од сите слични професии каде што темата е секогаш облеката, најмногу ми причинува задоволство кога правам костимографии за филм. Тимската работа, соработката, оформувањето на ликовите, сето тоа е една целина што секогаш со задоволство би ја работела.
За жал, веќе имам 80 години, и желбите и можностите се разидуваат. Да имам уште еден живот, и тој би го посветила на облеката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот