Интервју со Владо Јаневски, македонски писател во Австралија: Би било идеално целосно да се посветам на пишувањето

Исклучително плодна и успешна 2021 година имаше писателот Владо Јаневски, а единствената незгодна околност беше тоа што поради ковид-пандемијата не можеше од Австралија да дојде во Македонија за да си ги „собере“ наградите.

Уметничката фела на македонската заедница во Австралија во своите редови го има писателот Владо Јаневски. Иако во Сиднеј живее и работи веќе 32 години, неговата комуникација со Македонија не престанала, а и своите книги ги пишува на македонски јазик.

Порано секое лето доаѓал во Битола за да ја посети својата мајка, но ковид-пандемијата во изминативе две години ја спречила таквата можност. Но, затоа тој е присутен со своите книжевни дела. Во изминативе три години напиша три романи, а му се случија уште многу убави работи, за кои зборува во интервјуто што го направивме по електронски пат.

Какво е твоето лично чувство за 2021 година на креативен план? Успеа ли да направиш сѐ што планираше?

– Судејќи по постигнатото, се чини дека успеав да направам прилично за една година. Меѓутоа немав впечаток дека тоа однапред го планирав. Најчесто се работеше за моменти на инспирација и прифаќање предизвици да се создава нешто ново. После успехот со „Мртвите знаат најдобро“, во 2021 го напишав најновиот роман „Смртта не е крај“, кој „Арс ламина“ планира да го објави во првата половина од оваа година. Напишав и две бајки „Луѓето и змејовите“ и „Папагалот и кучето“, кои беа наградени и ќе бидат објавени, едната како илустрирана книга за деца, а другата како дел од збирка бајки. Верувам тоа ќе биде во текот на оваа година, исто така, во издание на „Арс ламина“. Работев и на графичка новела за деца (текст и илустрации), која се надевам ќе биде објавена во догледна иднина. Освоив и награда за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест 2021“ за сценариото „Под друга капа“. Напишав и расказ што беше откупен на конкурсот на „Нова Македонија“. Бев застапен и во три антологии: „Современи кратки книжевни форми“, „Современи авторски бајки“ и „Песни за Скопје“. Со прозни текстови се појавив и во книжевните магазини „Балкански книжевен гласник“ од Белград и „Книжевни елементи“ од Скопје. Во 2021 го започнав и мојот најнов стрип „Палавковците“ и ја прифатив поканата да бидам уредник за култура и уметност во онлајн магазинот „Везилка“.

Покрај тоа што ги пишува, Владо е автор и на илустрациите на кориците на своите книги

Првиот контакт го имавме во 2020 година по објавата на романот „Чудо зад аголот“. Потоа со „Мртвите знаат најдобро“ ја доби наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на „Арс ламина“. Во 2021 напиша уште еден роман „Смртта не е крај“. Дали тоа значи дека целосно се посвети на пишувањето?

– Би било идеално целосно да се посветам на пишувањето. Во последно време изгледа така, можеби, затоа што решив повеќе да се отворам кон читателската публика и кон издавачите. Пред ковид-пандемијава честопати патував и добар дел од времето го поминував и во сликање и илустрирање. И тогаш пишував, но повеќе бев затворен во својот креативен свет и најчесто не ми беше важно дали ракописите ќе се објават, ги чував во фиока. Некои сè уште се таму, необјавена збирка поезија, книга за деца, збирка раскази итн. Чекаат да им се навратам и евентуално да ги спакувам во конечна форма за објавување.

Со каква тематика е најновиот роман „Смртта не е крај“?

– Немав впечаток дека го пишувам „Смртта не е крај“. Романот како самиот да се создаваше благодарение на некои од главните ликови од „Мртвите знаат најдобро“. Повеќе бев во улога на некој што сака да дознае што ќе се случи понатаму. Во најновиот роман открив еден подруг свет независен од претходниот, се појавија и неколку нови ликови и приказната се продлабочи. Како и во претходниот роман, и овде платениот убиец и уметник Фуриозо е главен лик. Во „Смртта нема крај“ го следиме Фуриозо, во друштво со Шагал и Пикасо, на неговиот пат на себеспознавање и разбирање на постоењето, на откривање смисла во апсурдноста, на барање убавина во чинот на умирање, конечно, на препознавање и прифаќање на животот онаков каков што е и градење успех од циглите на неуспесите. На читателите им останува да видат дали Фуриозо го изодува тој пат и дали тоа го прави по своја волја и замисла или е, можеби, само марионета во нечии раце.

Само од пишување е тешко да се живее, не само во Австралија, туку каде било во светот

Дали пишувањето романи ти е единствена преокупација и можно ли е во Австралија да се живее само од пишување книги?

– Освен со пишување, се занимавам и со сликарство и илустрирање. Патем, илустрациите на кориците на сите мои романи се мое дело. Само од пишување е тешко да се живее, не само во Австралија, туку каде било во светот. За тоа бев свесен уште во универзитетските денови во Скопје и решив, освен со пишување и уметност, да се занимавам и со наука. Подоцна, долги години работев на позиции во истражување и развој во водечки компании во Австралија и во светот („Бритиш петролеум“, „Кастрол“, „АЛС“ и други). Во последниов период решив да одвојам повеќе време за да ѝ се посветам на уметноста, особено на пишувањето. Не ми се верува дека со пишување ќе заработам како што заработував кога се занимавав со наука, но никогаш не се знае. Би ме радувало ако некои од моите романи се преточат во играни филмови или театарски претстави. Мислам дека романот „Made in Jabana“, со својата тематика, хумор и сочен јазик би бил идеален за претставување пред театарската публика во Македонија. Неодамна го направив првиот чекор на тоа поле со сценариото за долгометражен игран филм што го напишав според мојот роман „Под друга капа“, кој, всушност, е продолжение на „Made in Jabana“. Другото е работа на воспоставување контакти во филмската или театарската индустрија. Времето ќе покаже. Човек треба да биде упорен и фокусиран и навистина да верува во она што го прави.

Со каква цел ја прифати уредувачката позиција во порталот „Везилка“?

– Во „Везилка“ бев поканет од Ирена Трајковски, соосновач на овој онлајн магазин, полн со интересни содржини за културата, уметноста, патувањето, животот. Таму, како уредник за култура и уметност, си поставив за цел да претставувам наши автори што живеат и творат надвор од Македонија. Во изминатиот период успеав да претставам преку триесетина писатели, поети, ликовни уметници, музичари, комичари од разни делови на светот. Стекнав впечаток дека нивниот број не е така мал. Тоа е за поздравување, но и треба да загрижи, бидејќи се чини дека Македонија не губи само работна рака, туку истовремено од неа си заминува важен дел и од уметноста и културата. Затоа мислам дека во вакви услови луѓето од полето на културата и уметноста во Македонија не треба да го заобиколуваат, туку треба сериозно да го ценат и вреднуваат и она што го нудат повеќето од нашите автори што живеат надвор од земјата. Само така нашата култура ќе ја преживее глобализацијата и ќе стане посилна.

Глобалната комуникација преку интернет и разните социјални медиуми овозможи многу работи. Успевате ли „од долу“ да следите што се случува во Македонија?

– Светот денес навистина е едно големо село. Благодарение на глобалната комуникација она што се случува во било кој дел од светот патува со брзина на светлината и е достапно насекаде. Истото важи и за врската со Македонија. Во мојот случај има повеќе начини да дознаам што се случува таму, почнувајќи од бројните социјални медиуми, порталите, телевизиите, јутјуб-каналите, пријателите итн. Тука мора да кажам дека едно убаво заокружување на сето тоа им даваат и секојдневните контакти со мајка ми Ратка на „Скајп“. Таа, со своите 83 години, до пред извесно време ниту знаеше што е компјутер, но се потруди да покаже дека и нејзината генерација може да научи нови работи и да се снајде во еден ваков дигитален свет на глобални комуникации. Така, секој ден за време на нашите „Скајп“ – разговори, таа на нејзин својствен начин коментира многу од тамошните дневни настани. Повеќе на шега овие известувања ги нарекувам „Ратка електронска тетратка“. Таа е мојот специјален известувач од Македонија и нејзините коментари најчесто се уникатни и незаборавни.

Човек треба да биде упорен и фокусиран и навистина да верува во она што го прави

Колку македонската заедница во Австралија успева да се дружи меѓусебно и да ги споделува новите уметнички дела и предизвици?

– Тука пак ќе ја спомнам работата во „Везилка“ и содржините што се нудат таму. Добар дел од нив се за она што се случува во македонската заедница, не само во светот, туку и во Австралија. Специфично за „Везилка“ е тоа што избегнуваме политика за да имаме повеќе простор за оние што сакаат да ја споделат својата животна приказна, творештво, патешествие, репортажи и слично. Поради пандемијата дружењето во живо е прилично намалено, но вредни за спомнување со својата работа се националното мултикултурно радио СБС, литературните друштва „Григор Прличев“ од Сиднеј и „Ванчо Николески“ од Квинбијан, неколкуте поетски клубови, Австралиско-македонскиот театар, и секако македонските гласила „Македонија тајмс“, „Австралиско-македонски неделник“ итн.

Ковид-пандемијата се издолжи, а тука дознаваме за прилично ригидни закони за заштита во Австралија. Колку целава ситуација те оневозможи да го правиш тоа што најмногу го сакаш – патувања во различни држави низ светот?

– За жал, целиот свет е зафатен со оваа пандемија. Ни Австралија не беше заобиколена. Сакам ова да заврши што е можно поскоро, бидејќи бев спречен да го правам она што би го правел во нормални услови. Веќе втора година не можам да патувам, што е важен дел од мојот живот. Поради рестрикциите за патување во овој период, не можев да се видам во живо ни со мојата фамилија и пријателите во Македонија со кои претходно се гледав секоја година. Исто, го пропуштив доделувањето на наградата „Пегаз“ за мојот роман, ја пропуштив и неговата промоција и средба со читателите; сообразувајќи се со настанатата ситуација „Арс ламина“ организираше само онлајн промоција. Немаше ни промоции на претходните два романа во издание на „Магор“. Бев спречен да се појавам и на доделувањето на наградата за најдобро сценарио за игран филм, ги пропуштив и промоциите на трите антологии во кои бев застапен со свои дела и да не набројувам што уште пропуштив.

Мачорот Бромо е муза и инспирација за ликови во повеќе романи на Владо Јаневски – мачорот Бромо и сопругата Еми

Што најмногу ти дава инспирација за пишување во овој период и што би било твоето следно дело?

– Пред 15 години, со сопругата Еми на улица најдовме еден напуштен мачор кого го завикавме Бромо и преку ноќ стана член на нашата фамилија. Набрзо Бромо беше мојата муза и инспирација додека пишував или додека работев на моите стрипови „Палавковците“ и „As Long as We Try“; беше присутен и во многу од моите ликовни дела и илустрации. Кај Бромо забележав и нешто мачешко-кафкијанско во неговото однесување, затоа решив да му го посветам романот „Чудо зад аголот“, каде што тој има главна улога и се преобразува во човек. Бромо се појавува (под друго име) како лик и во романите „Мртвите знаат најдобро“ и „Смртта не е крај“. За жал неодамна, по еден плоден и исполнет со авантури живот, срцето на Бромо престана да чука. Но тој засекогаш ќе остане со нас и секое утро со Еми се потсетуваме на него. И покрај тоа што не е крај мене, Бромо продолжува да ми е инспирација, бидејќи зад себе остави безброј интересни епизоди и спомени, кои сѐ уште, на овој или оној начин, наоѓаат место во она што го пишувам. Бромо се појавува и во романот што го започнав неодамна, но засега не знам кон каде ќе ме води дејствието. Тоа го прави процесот на создавање секогаш интересен и исполнет со неочекувани пресврти.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 114, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 јануари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот