Интервју со писателката Драгица Најческа: Сродни души постојат и треба да се пронајдат

Во моите дела секогаш се обидувам да изнесам што повеќе вистини за луѓето од народот / Фотографија: Павле Игновски

Свечен амбиент имаше настанот што на 28 март се одржа во Друштвото на писателите на Македонија во чест на 90-иот роденден на Драгица Најческа, авторка на првиот роман од жена-писателка на македонски јазик.

Чествувањето во ДПМ беше ретка можност да се открие и спознае целокупното творештво на писателката Драгица Најческа, да се слушнат нејзини песни, извадоци од расказите и романите, но и да се откријат мотивите коишто постојано ја поттикнувале да не престане со пишување. Во разговорот со неа откриваме и некои специфични моменти од нејзиниот живот.

На 28 март наполнивте 90 години од животот, а годинава се навршуваат 73 години книжевно творештво. Со какво чувство го одбележавте роденденот, имајќи предвид дека, речиси, целиот живот Ви беше посветен на книжевноста?

– Прославувањето на еден ваков јубилеј преку чествување на творештвото, нужно води кон рекапитулација на стореното во изминатиот период. Чувството дека поминатите години се многу, како во возраста, така и во литературата, на извесен начин заплашува… Од друга страна, годинешново одбележување на мојот роденденски датум ми донесе голема радост, прекрасно чувство дека иницијативата за оваа средба беше покрената од помладата генерација писатели, а за моето творештво во целина, со акцент на мојот прв и мојот последен роман, говореа писателите Виолета Танчева-Златева и Гоце Смилевски.

Самиот ваков чин како да ми донесе едно ново, поинакво самочувствие – дека моите литературни дела, моите романи, раскази и поезија, односно пораките во нив се и понатаму релевантни и продолжиле да живеат, да наоѓаат нови читатели и да допираат до нив. Како се случи тоа повеќе од седум децении да создавам нови дела, дури не може ни да се објасни. Кога почнав да пишувам, од мојата шеснаесетта година и само една година подоцна започна објавувањето на некои од моите први раскази, едноставно не можев да престанам. И што е можеби за неверување, дури и сега, сè уште, не можам да не пишувам.

На настанот во ДПМ говореа писателите Виолета Танчева-Златева и Гоце Смилевски, а извадоци од делата читаа актерите Ања Митиќ и Александар Степанулески / Фотографија: Павле Игновски

Дипломиравте на Правниот факултет во Скопје и заминавте на постдипломски студии во Белград, но место како магистер оттаму се вративте како писателка. Како се случи тоа?

– Заминувањето на постдипломските студии во Белград се наметна како нужност. Бев асистентка на скопскиот Економски факултет на предметот Политичка економија и не можев да напредувам, ако не магистрирам. Во Скопје во тоа време немаше постдипломски студии. Кога пристигнав во тој голем град, ослободена од работните и од семејните обврски, располагајќи со многу слободно време, поголемиот дел од ова време го посветив на читање дела од врвни светски писатели и на пишување. И пред да дојдам во Белград имав напишано многу раскази и објавувано во дневниот печат и списанијата во повеќе од републиките во Југославија. Интересно е и тоа дека, речиси во едно деноноќие ги напишав можеби и моите најубави песни, кои подоцна беа наречени антологиски, и сфатив дека и во поетското искажување не сум послаба одошто во прозното раскажување.

Истовремено, во Белград веднаш се поврзав со врвните писатели кои живееја таму, некои од кои ги познавав претходно, од нивни престои во Скопје, меѓу кои Душан Костиќ, Бранко Ќопиќ, Скендер Куленовиќ и Стеван Раичковиќ. Душан Костиќ еден ден ме однесе во издавачката куќа каде што главен уредник беше Михајло Лалиќ, за да ме запознае со него. Лалиќ ме праша: Што правиш ти овде, во Белград, Македонче? Јас му кажав за моите постдипломски студии и тој ми се обрати со зборовите: што ти треба тоа? Овие твои постари колеги зборуваат дека си многу талентирана за пишување. Фрли го сето ова овде, оди си таму дома, во Македонија, и пишувај книги. Тој како да ми ги погоди мислите и чувствата и, посредно, ме поттикна да ги напуштам постдипломските студии, да се откажам од веќе зацртаната универзитетска кариера, да му се вратам на новинарството, каде работев уште како студентка и со тоа да си овозможам да се посветам на литературното творештво.

Во тоа време веќе го имав напишано и првиот роман „Пеперуга со натопени крилја“, и на српски и на македонски јазик. Бидејќи завршуваше семестарот, пред да заминам во Скопје му кажав на Душан Костиќ за мојот роман и го замолив да го прочита. Тој ми рече дека ќе го чита заедно со Бранко Ќопиќ. По не многу долго време, на домашната адреса ми пристигна своерачно напишано писмо, во кое беше изнесено многу позитивно мислење од двајцата писатели. Истовремено, имаше и конкретен предлог, ако се согласувам веднаш да го испратам за печатење на српски јазик, на што јас му одговорив дека ќе помислам. Се разбира дека сакав првиот мој роман да се објави, пред сè, на македонски јазик.

Портретен колаж на Драгица Најческа од различни периоди во животот

Македонски рецензент на романот „Пеперуга со натопени крилја“ („Мисла“, Скопје, 1969) е Блаже Конески. Се сеќавате ли како се случи објавата на романот, имајќи предвид дека бил напишан во 1967 година?

– Романот, поточно, го напишав во 1965 година. За објавување на македонски јазик го предложив во издавачката куќа „Мисла“, од каде што долго време немав одговор. Уште кога го однесов ракописот кај директорот и главен уредник, тој покажа неверување дека јас сум можела да напишам роман. Дури и воопшто не се заинтересира за писмото со препорака за печатење што ми го испратија Костиќ и Ќопиќ. Откако долго го игнорираше мојот текст и молчеше за неговото објавување, на упорното настојување од моја страна да се даде на рецензент и да се отпечати, цинично предложи романот да го испрати на рецензирање кај Блаже Конески. По тонот во неговиот глас сфатив дека очекува дека текстот ќе биде негативно оценет или воопшто нема да биде прочитан. Затоа одговорив дека ова што го предлага е одлично. Исклучително позитивната рецензија на Блаже Конески за мојот роман, со конкретен предлог за негово објавување, датира од 1967 година, но долго останала заклучена во фиоката на уредникот. Таа информација, за жал, до мене стигна по цела година, дури во 1968. На мое писмено барање до претседателот на издавачкиот совет, рецензијата мораше да се извади од фиока, по што уследи неговото објавување на почетокот на 1969 година, по повторно пролонгирање од повеќе месеци.

Зошто никогаш не го потенциравте фактот дека Вие сте авторка на првиот македонски роман од женски автор?

– Тоа што мојот прв роман „Пеперуга со натопени крилја“ е и прв македонски роман од жена-авторка никогаш не ми било од големо значење. За мене беше од сè најважно дека романот беше прифатен и читан со голем интерес од читателската публика. Дури откако пред не многу години во јавноста се отвори полемика за ова прашање, а јас речиси истовремено во интервју бев конкретно запрашана за тоа и го кажав овој факт, ми стана важно да се утврди вистината, зашто во спротивно можеше да се помисли дека наметнувам произволно тврдење. Јас сум дисциплинирана во чувањето документација и ништо што кажувам не е произволно, ниту, пак, непоткрепено со факти. Така, вистината е дека мојот роман е прв роман од жена-автор, и тоа во години кога тоа кај нас воопшто не беше мала и лесна работа, за што говори и самата предисторија со неговото објавување.

Потоа следуваа уште пет романи, по неколку збирки раскази и поезија, како и раскази за деца. Што ве мотивираше да ги создадете Вашите книжевни дела?

– Во моите дела секогаш се обидувам да изнесам што повеќе вистини за луѓето од народот. Во печатот, не кај нас, прочитав мисла на еден многу познат писател дека „писателот му припаѓа на народот“. Сметам дека тоа е голема вистина и преку сите свои дела сакам да му се доближам токму нему, на народот. Можеби затоа и моите книги беа вброени во најчитаните во библиотеките низ цела Македонија. Кога во една подоцнежна фаза од своето творештво почнав самата да ги пласирам своите дела, а со тоа дојдов во непосреден контакт со читателите, стекнав чувство дека се воспоставува некоја нераскинлива душевна нишка меѓу мене како автор и луѓето за кои пишував.

Поголемиот дел од она што го пишувам може да се одреди и како ангажирана литература, преку која сакав да ги испратам пораките за создавање на похумано општество / Фотографија: Павле Игновски

На настанот во ДПМ на 28 март спомнавте дека пишувате за „сродни души“. На што конкретно мислевте со тој исказ? Кои се Вашите „сродни души“?

– Поголемиот дел од она што го пишувам може да се одреди и како ангажирана литература, преку која, почнувајќи од расказите, преку песните и романите, сакав да ги испратам пораките за создавање на похумано општество. Во процесот на создавањето на ликовите во романите и расказите, копам во душите на луѓето, за да го пронајдам најскриеното во нив и да го пресоздадам во своите дела, но поинакво, онакво какво што би требало да биде. Сакав, колку што е можно, преку нив да им помогнам на луѓето до кои ќе допрат моите дела, во изборот на страната на доброто против злото, на мирот против војните, во борбата против нечовечкото во човекот. Сродни души постојат и треба да се пронајдат, но сродни души може и да се однегуваат. Отсекогаш верував дека пораките во моите книги ќе ги пронајдат и ќе допрат токму до тие и такви сродни души. Со нив секогаш ги споделував и моите најлирски места, оние кои ги откинав од својата душа, за да им ги подарам ним. Љубителите на моите книги, моите редовни читатели, стануваат блиски до моите гледања на животот, истомисленици, борци за човештина, сродни души…

Современата книжевна критика Вашето творештво го препознава како модернизам, додека самата за себе велите дека сте реалист. Можно ли е да постојат две диоптрии за едни исти дела, или можеби времето на новото читање го прави своето?

– Јас никогаш не сум размислувала на кој правец во литературата припаѓам. Пишував на теми од реалниот живот. Критичарите и теоретичарите на литературата се тие кои ги класифицираат делата во одредени правци. Ми беше драгоцено да слушнам дека во своето искажување на средбата на чествувањето на моето творештво во ДПМ по повод мојот јубилеј, Гоце Смилевски, истакнувајќи некои елементи во мојот прв роман, кои се некарактеристични за типично реалистичните романи, изрази мислење дека мојата литература повеќе припаѓа на модернизмот. Некои од овие карактеристики на мојот израз, стануваат уште поуочливи во некои од моите подоцнежни дела, и особено во романот „Доживотна јамка“.

Гоце Смилевски, Драгица Најческа и Виолета Танчева-Златева / Фотографија: Павле Игновски

Своевремено Вашите дела ги рецензирале Блаже Конески, Петар Ширилов, Георги Сталев, Михаил Ренџов.., а во новото време тука се Гоце Смилевски, Оливера Ќорвезироска, Виолета Танчева-Златева, кои го реафирмираат Вашето творештво. Какво чувство константно носите во креацијата на делата?

– Имав среќа или, пак, моите литературни дела со своите содржини и уметничкиот израз го заслужија тоа – но, сите мои дела без исклучок беа рецензирани од врвни познавачи на литературата. Нивните реакции, мислења, сугестии, критики, внимателниот однос кон тоа што го создавам, ми беа голема поддршка и еден вид патоказ на мојот пат во литературата. Како што созреваа нови кадри, истакнати имиња во проценувањето на вредностите на напишаното и објавено во литературата, од помладите колеги по перо, се создаде и нова клима – да не се отфрла создаденото од претходните генерации автори, туку да се надградува, доградува таа голема куќа на македонската литература и да не остане без темел. Меѓу оние чие творештво го реафирмираа овие помлади колеги, бев и јас. Токму тоа можеби и ми го продолжи творечкиот живот и во овие подоцнежни години.

Покрај литературната дејност, голем дел од животот работевте како новинар и како преведувач. Покрај македонскиот, одлично го владеете рускиот јазик, а добра пријателка сте и со преведувачката Олга Панкина. Што за Вашите дела значеше да може да се прочитаат на друг јазик?

– Случајното запознавање со писателката и позната преведувачка Олга Панкина во нашата амбасада во Москва, при кое дознав дека таа веќе го познава моето творештво и дури и веќе препеала некои од моите песни на руски јазик, доведе до продлабочување на нашиот контакт и долгогодишна соработка и пријателство. Нејзиниот превод на мојот роман „Омраза – длабоко“ на руски јазик отвори голема можност да излезам надвор од тесните граници и уште потесното јазично говорно подрачје на Македонија и тој мој роман да се презентира пред огромна читателска публика. Еден од најзначајните настани во мојата писателска кариера е промоцијата организирана пред виден аудиториум во свечената сала на Домот на писателите на Русија во Москва, со фасцинантен разговор за моето дело, пред голем број присутни кои веќе го прочитале мојот роман. На ова претставување, покрај Панкина, за делото говореше и академик Ала Шешкен. Иако тоа беше пред десетина години, до ден-денес добивам покани во библиотеките како многу читан автор. Потоа бев застапена и во збирката поезија, а во меѓувреме беше објавена и збирка раскази на руски јазик, каде, исто така, беше поместен и мој расказ. Пред две години, почитуваната Панкина го преведе и романот „Друга мајка“, кој беше издаден од една од најпознатите издавачки куќи и е афирмиран на многу манифестации низ градовите во Русија, каде што се претставуваат и други важни дела од македонската литература.

Во засега последниот роман „Куќа на езеро“ (2018) пишувате за еден метафоричен копнеж да се добие посакуваното. Што за Вас значи да се има дом?

– Во романот „Куќа на езеро“ не би можело да се каже дека централно прашање е добивањето на свој дом. Акцентот повеќе е ставен на сликањето на аномалиите на општеството, пред сè, состојбите во локалната самоуправа, деформациите во судството до степен на лакрдија, како и дехуманизацијата на здравството. Мито, корупција, користољубие, обезвреднување на фабриките и на големите претпријатија заради нивно приграбување, криминални врски меѓу привилегирани чиновници во локалната самоуправа и службеници и функционери во републичките органи. Сето тоа или сите тие наспроти обидот да се оствари сонот или, како што велите вие, копнежот по посакуваното – да се изгради долго мечтаената куќа покрај езерото. И, сето тоа, наспроти оние што со својата човечност и милосрдие, застануваат на страната на правдата и помагаат во остварувањето на тој копнеж.

Инаку, „Куќа на езеро“ е засега мој последен роман, но не и мое последно дело. По него, ги објавив збирката раскази „Потрага по скриеното“ и збирката поезија „Распетие на душите“, а преку реномираната издавачка куќа „Или-Или“ излезе и третото издание на „Пеперуга со натопени крилја“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 173, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот