ИНТЕРВЈУ со доктор Милена Стевановиќ: Треба да се плашиме од нашата несовесност, а не од коронавирусот

Од ништо посебно не треба да се плашиме ако спроведуваме мерки за заштита според препораките на Министерството за здравство. Треба да се плашиме од нашата несовесност и неспроведување на мерките за заштита и создавање паника која секогаш е контрапродуктивна, вели д-р Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, во интервјуто за „Слободен печат“.

Дали има задолжителен дневен строго контролиран карантин за сите патници што доаѓаат од Италија, Хрватска, Кина, Хонгконг и други земји каде што има случаи на коронавирус?

– Не постојат мерки за строго контролиран карантин за патниците што доаѓаат од споменативе земји кога немаат симптоми на болест и епидемиолошки карактеристики што се опишани со дефинициите на сомнителен или веројатен случај. Тие сепак се следат од епидемиолошките служби и доколку пројават симптоми на болест, се спроведуваат до Инфективната клиника за тестирање.

Со какви заштини мерки располага и применува Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби на пациентите со коронавирус, односно на потенцијално заразените?

– Сите мерки што се спoред препораките на Светска здравствена организација и спаѓаат во превентивни или заштитни мерки се применуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Скопје, вклучувајќи ги заштитните униформи на целиот медицински и технички персонал, одреден влез и патеки на движења за тие пациенти, и мерки за изолација на сомнителните и потврдени случи на „ковид 19“, како и мерки за дезинфекција на соодветните простории.

Кога луѓето треба да се обратат во Клиниката за инфектологија или матичниот лекар или, пак, е подобро да се јават на телефонски броеви што ги објави Министерството за здравство, во случај на сомневање за симптоми за корона вирусот.

– Има алгоритам на дејствување во такви случаи, кога индивидуите што патувале во регионите каде што има интерхуман пренос на „ковид 19“, отпрвин треба да се јават на телефонските броеви посочени од Министерството за здравство, при што ќе се направи проценка какви ќе бидат понатамошните постапки.

Која е процедурата доколку дојде лице за кое постои сомнение дека е заразено со новиот коронавирус?

– Лицето отпрвин се најавува на нашата клиника, се носи со возило на Итна медицинска помош, се внесува во изолација, се прави епидемиолошка анкета, се прегледува и се прави проценка дали ќе се тестира. Доколку се тестира, се чекаат резултатите од тестирањето, по што во зависност од нив, се задржува на болничко лекување или се пушта во домашни услови и доколку е потребно се препорачува епидемиолошки надзор.

Колку коронавирусот е навистина опасен? Како ја проценувате Вие опасноста од „ковид 19“? Од што треба да се плашиме?

– Не е првпат да се судриме со болест причинета од нов вирус. Тогаш постојат повеќе непознаници, кои со текот на времето се разјаснуваат. Сè што е помалку познато носи страв. Од ништо посебно не треба да се плашиме ако спроведуваме мерки за заштита според препораките на Министерството за здравство. Треба да се плашиме од нашата несовесност и неспроведување на мерките за заштита и создавање паника, која секогаш е контрапродуктивна.

Каква е клиничката манифестација нановиот коронавирус? Кои се симптомите за луѓето да се посомневаат дека можеби се заразиле со „ковид 19“ и што е неопходно веднаш да преземат? Можно ли е воопшто да не постојат никакви симптоми?

– Сè уште не е забележан интерхуман пренос во нашата држава така што досега сомнение за „ковид 19“ може да имаат само оние што патувале во ризичните подрачја. Клиничката слика е со покачена температура, главоболка, сува кашлица, а кај помал број и повраќање и пролив. Можно е да не постојат симптоми односно да постојат асимптоматски носители, но увидено е дека нивниот број е многу мал.

Со колкав број простории располага Клиниката, каков третман добиваат заразените, дали се осигурени доволни количини натестови за „ковид 19“?

– Дијагностиката е обезбедена во доволен број и на располагање во Институтот за јавно здравје. Третманот на пациентката се спроведува по параметрите што редовно и континуирано ги следиме. Капацитетите на Клиниката можат лесно да се адаптираат и да се прошират со намена на изолација и третман на заразна болест. Да ве потсетам дека пред само неколку месеци имавме епидемија со морбили, половина од капацитетот на Клиниката како и персоналот беше во служба на тие потреби.

На што се должи оваа паника меѓу граѓаните, има ли место за загриженост и паника? Дали новиот коронавирус, „ковид 19“, е посмртоносен од другите, споредбено?

– Не, новиот коронавирус што се јави не е посмртоносен од другите вируси на корона што се од истата група вируси, каде што смртноста беше далеку поголема. Дури има и помала смртност од сезонската инфлуенца од досегашните сознанија.

Дали е можно да постои пациент што не покажува никакви симптоми, односно да си го прележи вирусот во од, или сигурно постојат симптоми?

– Да, веќе споменав, постојат и асимптоматски носители што немаат симптоми кога се работи за состојба каде ќе биде широко распространета болеста. Но, за среќа, нивниот број е значително помал од оние што се со симптоми.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот