Фасцинантни ми се ликовите на Кочо Рацин и браќата Манаки

Би сакал да дознаам две работи: кој и зошто ја растури Југославија и кој беше нарачател на убиството на премиерот Зоран Џинџиќ, вели Дејан Стојиљковиќ, еден од најчитаните современи српски писатели, во интервјуто за „Слободен печат“.

Зад успешноста на серијата „Сенки на Балканот“, која е актуелна и кај нас, стои исклучителен тим професионалци, меѓу кои и прозниот и драмски писател Дејан Стојиљковиќ, кој е еден од сценаристите на серијата.

Не се доживувам како славна личност, или, какошто денес популарно се вика – „селебрити”, ја препуштам таа титула на политичарите, јутјуберите и учесниците на реалните шоуа.

Уметниците се навикнати да живеат во изолација, сепак, може ли писател да се изолира од сè што не снајде овие денови и да пишува?

– И може и не може. Пишувањето е, во суштина, осаменичка работа. Сам си со своите приказни и јунаци и фактички си во некој друг свет. Од друга страна, писателот ја дели судбината со општеството во кое живее и на него, значи, како и на сите други луѓе, влијаат настаните, промените во надворешниот свет. Сепак, една од клучните работи кои се потребни за некој да биде успешен писател е животното искуство. Што би рекол Андриќ – „само прележаните болести можат да бидат уметнички опишани“. Писателот седи покрај својата работона маса и ја работи својата работа, но истовремено наслушнува што се случува во светот околу него, а често мора и да учествува во тие настани. Јас лично и премногу учествував, да бидеме искрени, цела моја генерација.

Што моментно го окупира вашето уметничко внимание?

– Еден роман, новела и две сценарија, еден за стрип, а друг за телевизиска серија.

Што мислите, дали ова чудно искуство ќе не промени како луѓе?

– Тешко е да се одговори на тоа прашање. Луѓето тешко се менуваат. Или воопшто не се менуваат, како што тврди Доктор Хаус. Можеби во светот ќе дојде до некои промени во однос на големите сили, но на микро-ниво, кај луѓето, единствено што може да се промени е да се зголеми несигурноста и стравот. Кај нас на Балканот тешко дека може да дојде до некоја поголема промена во таа смисла, нашиот менталитет е монолитна работа, малтене неуништлива, како чеканот на Тор.

Во Македонија е актуелна серијата „Сенки над Балканот“ на која работевте како еден од сценаристите. Серијата привлече големо внимание, не само поради самата приказна туку и поради македонскиот дел на екипата. Како е развиена драматургијата за да опфати и македонски дел на екипата?

– Во првата сезона македонската линија се наметна сама од себе зашто историски факт е дека српските и македонските нарко картели тесно соработуваат. Огромен дел од сировиот афион и опиумски деривати доаѓале од Македонија помеѓу двете светски војни. Во вториот дел одлучивме да ја прошириме приказната со нови ликови. Затоа таа почнува и со неуспешниот атентат на кралот Александар во Загреб каде соработувале ВМРО и усташите. Тука го уфрливме и нашиот фиктивен лик Дамјан Хаџи Арсов и тогаш дејствието се пренесува во самата Македонија каде газда Киро и неговите луѓе ги затекнуваме во нова ситуација. Уфрливме и една љубовна приказна. Сè е многу полесно кога пишувате за извонредни глумци, а македонската екипа на „Сенки над Балканот“ е навистина врвна: Перо Арсовски, кој за мене е македонскиот Бата Живојиновиќ, потоа Тони Михајловски, Јана Стојановска…

Доста се занимавате со историја и во книгите откривате некои заборавени работи, мистерии од минатото. Сепак, кои ви се сè уште неразрешени мистерии од актуелното време, ова во кое сега живееме?

– Би сакал да дознаам две работи: кој и зошто ја растури Југославија и кој беше нарачател на убиството на премиерот Зоран Џинџиќ.

Колку долго работевте на вашиот бестселер „Крстопатот на Константин“ (во Македонија, во издание на „Култура“, нз.), роман кој е преведен и на македонски? Пишувањето на историски романи мора да биде резултат на мамутска истражувачка работа. Како ги организирате сите пронајдоци, извори и сведоштва кои ги имате и каде сè тоа го (из)наоѓате?

– Писателите доста сакаат да го мистифицираат создавачкиот процес, всушност, тоа не е ништо комплицирано и таинствено. Огромен историски материјал е достапен на два клика од вас, а ако го нема на Интернет, тука се библиотеките и архивите. Мене порано ми беше малку потешко, зашто темите со кои се бавев не беа толку присутни во медиумите како денес, на пример, наци-мистицизмот. Сега веќе имам стручни консултанти кои ми доставуваат материјал, ме упатуваат на извори и ги ловат грешките во моите ракописи.

Која македонска историска личност би ја истражувале?

– Фасцинантен ми е Кочо Рацин, писател и револуционер, Македонец кој пишувал и на српски и објавувал во Загреб. Исто така, тука се браќата Манаки, пионири на кинематографијата на овие простори. Има доста познати Срби родени на просторот на денешна Македонија, Коста Абрашевиќ, на пример, тој бил од Охрид, Цинцар Јанко Поповиќ, исто така. Големиот јунак, комитски војвода и и четоводач Јован Стојковиќ – Бабунски е роден во Мартолци, а починал во Велес, тој е апсолутно легендарна личност и штета што книжевниците и филмаџиите не се занимавале малку повеќе со него.

Што добриот писател треба да има за да стане славен писател на Балканот?

– Славата во литературата е релативна работа. Особено на овие наши простори. Да се биде славен писател не е исто како да се биде славен музичар или глумец. Не е тоа ист вид на слава, ако е слава воопшто. Тоа можеби го имаше Момо Капор, да кажеме, но тоа повеќе беше врзано за неговата лична харизма, а помалку за тоа што и како пишуваше. Всушност, за писателот е многу подобро кога се славни неговите книги, кога делото оди пред авторот, зашто тоа е суштината, како што убаво кажа Нил Гејмен: „важна е приказната, а не онај кој ја раскажува“. Јас себеси не се доживувам како славна личност, или, какошто денес популарно се вика – „селебрити”. Ја препуштам таа титула на политичарите, јутјуберите и учесниците на реалните шоуа.

Останавте да живеете во Ниш, која е предноста на Ниш во однос на Белград?

– Тоа што е поблизу до Скопје и Охрид.

Кој е Дејан Стојиљковиќ во секојдневниот живот?

-Татко, сопруг, колекционер на стрипови и грамофонски плочи, голем фан на групата „Мизар“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот