Има ли зборови да се опишат трагедијата и апсурдот?

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

На 20 јануари 2022 година згасна уште еден млад живот. Девојката на пешачки премин кај „Сити мол“ ја прегази 22-годишно момче зад воланот. Да си го испратиш детето на училиште или на шопинг, а да ти го донесат мртво, прегазено на пешачки.

Просечен работен ден (трета недела од јануари, 2022), меѓу 8:30 и 9 часот наутро, на потегот Универзална сала-Соборен храм. Пет дена, секој ден броев. Од десната страна на булеварот, секој ден беа паркирани меѓу 12 и 18 возила, речиси исклучиво патнички, повеќето од половината со вредност од преку 30.000 евра. На семафорите кај Универзална сала, кај трговскиот и спроти пазарчето Буњаковец, ако нема пешаци, секогаш има барем едно возило што поминува на црвено. На семафорите на раскрсницата кај Соборниот храм, секогаш има најмалку по три возила што поминуваат на црвено. На 21 јануари избројав дури пет возила што поминаа само на едно вклучување на црвеното светло во насоката од Центар кон Водњанска.

Ако се следи најнискиот број (3) возила што поминуваат на црвено светло при само едно вклучување, на таа раскрсница поминуваат 24 возила за 10 минути. На црвено! Намалените казни за сообраќајни прекршоци (во 2020 година) предвидуваат 250 евра за поминување на црвено. Значи, за 10 минути, само на раскрсницата кај Соборен храм може да се наплатат 6.000 евра.

Во 2006 година со еден мој колега од Лондон, меѓународен експерт за безбедносни прашања и борба против оружјето, поминувавме пешачки премин кај ТЦ Мавровка. Тоа се семафори со разни нивоа на предности, никогаш црвеното не е само црвено, туку има можност за свртување кон десно. Човек мора да биде претпазлив таму, како и на многу такви семафори низ Скопје. Кога стапивме на другиот крај од „надојдената река“ од автомобили, колегата, со иронија, типично британска, се сврте и ми рече: I have a feeling that traffic lights in your town have a rather conciliary role (Имам чувство дека семафорите во вашево гратче имаат претежно советодавна улога). Често си спомнувам на оваа анегдота.

Често, кога ќе застанете на пешачки премин, некој зад вас ви свири. Не еднаш ми се случило, кога ќе застанам на пешачки, некое „шофериште“ да прошиша покрај мене и да го загрози животот на тие што поминуваат во тој момент. Паркираат каде што ќе стасаат, најчесто на тротоари и на пешачки премини. Мајките со деца во количките поголем дел од својата дневна рута ја поминуваат на коловозот. Интересен феномен е што најголем дел од возилата, паркирани на тротоарите и на пешачките премини, се убави коли, скапи, колку што јас се разбирам. Пред кафулињата што работат до сабајле, со децибели од кои станарите во околните згради не можат да заспијат со години наназад, се паркираат бесни возила, на самата улица. Од време на време доаѓаат пајак-возила. Доаѓаат и си одат, празни. Да не одам во детали, знаете како тоа изгледа.

Пред некој ден, возам низ една тесна уличка и барам место да се паркирам прописно, минувајќи покрај десетици непрописно паркирани возила. Едно големо и убаво возило застана на дваесетина метри пред мене. Застанав и јас. Во еден момент возилото тргна наназад. Додека ставив во рикверц, тресна во мене. Излезе младичот. „Братче, не те видов, на телефон бев“, ми вели тој љубезно и пријателски. „Крив сум, нема збор, ама еве ништо не ти е. Ако сакаш, ќе одиме на сервис, ќе се разбереме, Македончиња сме“. Си направивме малку комшиски муабет и се разделивме без посебни постапки и натиго-дајмиго, нели, „се разбравме“. Ладно беше. Штетата беше навистина незначителна.

На пат низ земјава, во делница од само 100 километри, најмалку три возила преминуваат на полна линија. Не знам колку е казната за тоа, но и намалените казни не се мали; добро, како за кого.

Низ град, во мали и тесни улички се вози како на рели трки. На Партизанска, и да не говориме. Долгите светла и магленките се редовно вклучени. Трепкачите не постојат. Најбрзата реакција на возачите е да легнат нервозно на трубата. Секој ден гледам како некој во еднонасочна улица вози во спротивната насока. Да набројуваме уште? Возилото е да превезува патници и добра? Хм. Можеби. Но тоа уште повеќе е начин да се покаже престиж и богатство. Возилото е и оружје. Во тепачката меѓу возрасни во Куманово, настрада малиот Алмир. Убиен со возило. Пред три години (2019) средношколец беше прегазен на пешачкиот премин пред училиштето во Штип. Во Чаир (2019) таксист удри во три девојчиња, момче на пешачки во Кочани беше тешко повредено (2019), на патот кон Јажинце загина пешак – возачот избега од местото на несреќата (2020)… Колку други животи згаснаа на улиците, на пешачки премини, на пат (сосе несреќите со неисправни автобуси)? Каква беше правдата за сторителите?

На 20 јануари 2022 година згасна уште еден млад живот. Девојката на пешачки премин кај „Сити мол“ ја прегази 22-годишно момче зад воланот. Да си го испратиш детето на училиште или на шопинг, а да ти го донесат мртво, прегазено на пешачки. Има ли зборови да се опишат трагедијата и апсурдот?

 

Извор: Фронтлајн

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот