Има ли да ја нема Унијата?

Некои велат дека декемвриските избори ќе биле запаметени во историјата како, па, како историски. Прво, затоа што земјата потоа ќе излезе од Европската Унија, второ, затоа што се одржуваат во атмосфера на длабокa поделеност и нетрпеливост, трето, затоа што неизвесноста трае премногу долго и нанесе големи штети, четврто… Всушност, не четврто, веднаш да го ставам на прво место, затоа што се одвиваат во време на исклучително непопуларни – политичари. Од кои еден ќе биде идниот премиер на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Ќе бидат запаметени и по тоа што најголемиот број гласачи ќе бидат ставени на тешки маки да направат избор помеѓу – па како да кажам,  двајца главни кандидати за кои, ете, мора да се гласа, речиси од немајкаде. Да се избира меѓу конзервативецот Борис Џонсон, за кого една негова колешка отворено кажа дека не би му верувала ниту да ја одвезе дома по забава, и лабуристот Џереми Корбин, кому половина од неговата сопствена партија не му верува дека знае што да прави ако еден ден, скраја да е,  стане премиер, а висок член од неговата партија јавно деновиве кажа дека никој не треба да гласа за Џереми зашто човекот е катастрофа и не го бива! Џо Свинсон во оваа машка трка можеби за некои изгледа некако најубедлива, ама либералдемократите немаат шанси да освојат мнозинство и сами да формираат влада, така што трката сепак е – машка. Меѓу двајца кандидати на кои не би им го довериле детето/кучето/куќата/автомобилот (одберете што би сакале) да ви го причуваат, а камоли земјата. Лидерот на партијата Брегзит, Најџел Фараж, не го спомнувам. Нему, ни две овци нацртани на чување не би му доверила…

Чекан и наковална

Ете, тоа е изборот. Во синиот ќош го имаме Борис Џонсон, кому едноставно не може да му се верува, кој ја заобиколува вистината во широк радиус, кој досега ги има изневерено сите пријатели, жени и колеги и за кого висок член од сопствениот кабинет има речено: „Секогаш можеш да се потпреш на Борис… да те изневери“. Во црвениот ќош на рингот е наизглед збунетиот Корбин, кој е убеден дека е постојано во право, не гледа место за компромис и потреба да се извинува за расизам и антисемитизам и кој отворено застапува ретроградни класни ставови без перспективи. Блазе си им на гласачите – избор меѓу чеканот и наковалната. Значи, ќе биде болно.

Владеењето на двете главни партии продолжува. Либералдемократите се единствените што инсистираат на изборна реформа и на воведување пропорционален систем на гласање. Со ова, се смета дека ќе се отвори британската политика за нови сили, нови ликови, нови идеи. Иако тоа во вакво време на поделена земја се чини дека е неопходно, засега нема изгледи да се случи.

Разлабавени врски

Но, како што тргнале работите, може да се случи, да ги нема.  Британците. Во оваа форма, вака како што се сега. Гласањето во 2016  година за излегување од Европската Унија ги затегна (до пукање?) врските меѓу Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска во Обединетото Кралство. Шкотска и Северна Ирска гласаа за останување во Европската Унија, додека Англија и Велс гласаа за брегзит. Половина (50 отсто) од граѓаните на земјата веруваат дека за кусо време, односно за една деценија (а што се десет години, ништо), Обединетото Кралство нема да постои, како такво. Обединето и кралство. Според анкетата на Ипсос Мори, половината веруваат дека со брегзитот и растечките барања за уште еден референдум за независност на Шкотска и гласање за обединување на Северна Ирска со Република Ирска, на Кралството му се гледа крајот. Судбината на Унијата, која води потекло од 1707 година со „Договорот за Унија“, од време на време се испитува преку анкети да се види какво е мислењето на луѓето. Е, па, зависи од која страна се гледаат работите. Оние што сакаат Шкотска да остане во Унијата, имаат причини за загриженост. Оние што сакаат независна Шкотска, ќе се надеваат дека нагорниот тренд ќе продолжи. За Северна Ирска и Република Ирска, исто така.

Години ли се во прашање, чувства ли се, за време на Денот на ветераните, многу студено ли беше времето дента или дознала  Елизабета Втора за анкетата, ама на последното појавување во јавноста, пред некој ден, секогаш воздржаната кралица – заплака. Ја совладаа емоциите и пролеа неколку солзи. Вредните историчари забележаа дека последен пат нејзиното височество заплакало во јавност кога ѝ го пензионираа кралскиот брод „Британија“, со кој го обиколуваше светот и Комонвелтот. А сега, како тргнале работите, постои голема можност да го растурат Кралството и да ја пензионираат неа пред време…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот