ИЈЗ: Намалена смртност од ковид-19, најранливи на болеста се возрасните на 60 години

Амбулантно возило / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 26 април до 2 мај 2021, тестирани се вкупно 14 975 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 17,6% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2 076 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со намалување од 39,7% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=857; 41,5%), со неделна инциденца – 138,8/100 000. Највисока неделна инциденца од 211,0/100 000 е регистрирана во Виница.

Процентот на позитивност се движи од 9,6% до 17,7%, просечно 13,1%, со намалување за 4,9% во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=781, 37,6%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=349; 16,8%), 40-49 (n=333; 16,0%), 30-39 (n=323; 15,6%) и 20-29 (n=172; 8,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=33; 1,6%) и 10-19 години (n=85; 4,1%).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени” се стекнале 4 012 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 34,5% во споредба со минатата недела.

Пријавени се 167 смртни случаи од 22 градови, 20,9% помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 150 лицa биле над 60 години, 15 лица на возраст од 50-59 години и по едно лице од возрасните групи од 30-39 и 40-49 години.

На 17.2.2021 во Р. С. Македонија започна вакцинацијата против ковид-19. Од 5.4.2021 се започна масовна вакцинација во вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски”, каде што покрај вакцинирани здравствени работници беа вакцинирани и лица од критичната популација. Заклучно со 2.5.2021, со „Фајзер“ вакцинирани се вкупно 19 858 (15 933 со прва доза и 3 925 со втора доза), со „Спутник В“ се вакцинирани 34 177 (22 768 со прва доза и 11 409 со втора доза), со вакцината на „Астра-Зенека“ вкупно се вакцинирани 21 949 лица и со „Синофарм“ се вакцинирани 953 лица.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со ковид-19 за периодот од 26 април до 2 мај 2021 година, како и кумулативната состојба со ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот