И Врховниот суд останува со само петмина судии

Сите пет кандидати за кривичниот оддел на Врховниот суд добија поддршка од само четири гласа, а им беа неопходни најмалку осум за да го минат законскиот филтер, што ќе ја усложни работата на оваа институција

Не само Уставниот, туку и Врховниот суд тешко ќе може да биде ефикасен во иднина, откако вчера ниту еден од петте кандидати за врховни судии во кривичниот оддел не беше избран од Судскиот совет. Од граѓанска област, за судии на Врховниот суд исто така беа пријавени пет кандидати, но Судскиот совет избра само две судијки што ги исполнија условите од законот,  односно добија најмалку осум гласа „за“ од судиите со право на глас.

Судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети е еден од одбиените кандидати за кривичниот оддел на Врховниот суд. Беџети стана познат на пошироката јавност како судија известител, кој според анализите на Судскиот совет со месеци во фиока го криел предметот „Тврдина-Таргет“, во кој се обвинети Сашо Мијалков, Никола Груевски и други поранешни вработени во УБК за делото масовно прекршување на човековите права со нелегално прислушување. И покрај откритието за одолжување на судската постапка и најавената постапка од Судскиот совет за утврдување евентуална одговорност за пропустите, Беџети повторно доби четири гласа, двојно помалку од потребните. Куриозитет е што на четири од петте изјаснувања за кандидатурата сите гласале исто, без разлика на биографиите на кандидираните.

Врховниот суд во кривичниот оддел и натаму останува само со судиите Џемали Саити, Африм Фидани, Сафет Кадрии, Мирјана Лазарова-Трајковска и Цветанка Периќ. Освен Беџети, не беа избрани ниту прворангираниот, со најмногу бодови, судијата Зоран Димитриевски од Апелацискиот суд Скопје (доби 4 гласа „за“ и 8 „против“), Данка Ристова (6 „за“, 6 „против“) и Татјана Дуковска (4 „за“, 8 „против“) и Енвер Амзаи (4 гласа „за“, 8 „против“).

За граѓанскиот оддел на Врховниот суд беа избрани две судијки – прворангираната Анита Бошковска од Апелацискиот суд Скопје која доби 10 гласа „за“ наспроти два гласа „против“ и Катерина Георгиевска, исто така од Апелацискиот суд Скопје, која беше второрангирана по бодови, но со ист сооднос на гласови. До гласање за Елизабета Дуковска, Роза Георгиева и повторно Енвер Беџети не дојде, зашто изборот беше заокружен со двете прворангирани судијки.

Според јавно објавените пресуди, Бошковска досега судела спорови по жалба што се однесуваат на надоместок на штета и долгови, а Георгиевска судела слични спорови, но и предмети за утврдување одговорност за клевета. Таа судела и на предметот во кој тужител бил Зоран Заев, при што ја одбила жалбата на тужениот и ја потврдила пресудата во корист на експремиерот. Судијката Катерина Георгиевска е и сопруга на обвинителот Влатко Георгиевски од Републичкото јавно обвинителство.

За судија во Апелацискиот суд Гостивар во кривичниот оддел беше избран Даут Рустеми, судија од Основниот суд Гостивар. Потребните гласови ги доби и судијата Александар Милошевски од Кривичниот суд Скопје за апелациски судија во Гостивар, кривичен оддел. Досегашниот претседател Хасан Асани беше единствениот кандидат за претседател на Основниот суд Тетово и тој беше реизбран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот