И со нов водовод тетовско Сараќино без вода за пиење

Фото: Слободен печат

И на 40 степени целзиусови, жителите на тетовско Сараќино се без доволно вода за пиење, иако пред еден месец Општина Тетово изгради нова водоводна пумпна станица по честите и долгогодишни проблеми со водоснабдувањето.

Но, и со новата станица мештаните имаат поплаки. Се жалат дека на моменти има вода во изобилство, но со часови, а некогаш и со денови од нивните чешми не протекува ниту капка вода.

„Како некој да игра со водата за пиење. Има голем притисок, потоа се намалува притисокот, а некогаш и одеднаш секнува водата. Се надевавме дека со новата пумпна станица ќе се реши проблемот, но сега има уште поголем проблем. Ни треба вода, температурите се пеколни, ќе се заразиме“, вели една жителка на тетовското село Сараќино.

Новата пумпна станица изградена е во село Фалише, но таа е наменета и за тетовско село Сараќино. Се работи за една од најсовремените станици која обезбедува 20 литри вода во секунда, што според надлежните е сосема доволно за овие две тетовски села, кои повеќе од една деценија се жалат на проблеми со водоснабдувањето.

Фото: Слободен печат

Од Јавното комунално претпријатие Тетово велат дека нерационалното користење на водата за пиење е главниот проблем за честите исклучувања на системот. Мештаните, според претпријатието, енормно и нерационално ја трошат водата, а сето тоа создава проблеми во самиот систем кој се прегрева и истиот мора да се рестартира. Оттаму велат дека е поставен вентилатор за ладење на системот, но апелираат граѓаните похумано да се однесуваат кон водата и да не ја злоупотребуваат, односно со неа да не наводнуваат ниви и тревници.

„Размислуваме да имаме повремени исклучувања на системот, ако продолжи нерационалното користење на водата, но и казни за тие што ја злоупотребуваат водата. За наредната година ќе се постават водомери во секој дом со цел поголема заштеда на водата. Тогаш можеби граѓаните порационално ќе ја користат водата за пиење. Сега и не само во Сараќино, туку секаде во тетовскиот регион нерационално се користи водата. Дури во градот можете да забележите како се ладат со цревата покрај локалите, цел ден со цревата, односно со водата прскаат по асфалти и тротоари“, вели Љулзим Шаќири, одговорен за односи со јавност од Јавното комунално претпријатие Тетово.

Фото: Слободен печат

Инаку, засега Тетово нема поголеми проблеми со водоснабдувањето, освен погорните делови од градот, каде има повремени рестрикции.

Издашноста на изворите од кои градот се снабдува со вода изнесува над 400 литри вода во секунда, што е задоволително особено за овој период од годината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот