И покрај коронавирусот, за 8 Март ќе има македонски туристи во Италија

Состојбата будно ќе се следи и ќе се постапува според препораките на Светската здравствена организација, велат од Здружението на угостителството и туризам.

Македонските туристи кои планирале да го поминат 8 Март во Италија се вознемирени од веста за коронавирусот што е присутен во таа земја, но од туристичките агенции велат дека се уште нема откажување на аранжманите.

– Во моментов немаме откажувања на аранжмани за празникот 8 Март и за посета на италијанските градови. Тие што веќе имаат резервирано се јавуваат за дополнителни информации, како на пример, што доколку коронавирусот земе поголем замав, што би можеле да прават во тој случај во врска со платениот аранжман – ни изјавија од туристичката агенција „Аурора“.

Од „Аурора“ велат дека ќе ги следат насоките од Светската здравствена организација (СЗО), како и од Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора, кои доколку дадат насоки да се откажат тие патувања, нормално е дека ќе ги почитуваат. Но доколку не добијат такви насоки, ќе постапуваат според договорите за патувања во кои стои што доколку патникот го откаже патувањето и колку пари од целиот износ ќе му бидат вратени.

– Имаме аранжани за одредени дестинации во Италија за овој период. Засега немаме откажувања од страна на клиентите. Сепак, случувањата со коронавирусот во Италија се од викендов, па најверојатно се уште е многу рано да се превземе нешто. Ќе видиме што ќе се случи во следните денови- велат од Т.А. „Савана“.

„Слободен печат“ го контактираше и Здружение на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

– Во следните ден-два ќе имаме конкретен став во врска со оваа тема. Во соработка со Министерството за здравство, како и врз база на анкетирањето на туристичките агенции ќе донесеме одлука што понатаму – ни изјавија од Здружение на угостителството и туризмот.

Со став излезе и Комисијата за заразни болести каде нагласуваат дека се подигнува степенот на подготвеност за превенција и справување со евентуални заболени од корона вирусот.

– Заради новонастаната состојба со корона вирусот и проширувањето на вирусот во областите Лобардија, Венето и Емилија-Ромања во Италија, утрово Министерот за здравство Венко Филипче, одржа состанок со Комисијата за заразни болести на која се констатираше дека степенот на подготвеност се подигнува на повисоко ниво“, се вели во соопштението од Комисијата.

Подоцна, Министерот за здравство Венко Филипче пак, апелираше до македонските државјани да не патуваат надвор од земјава ако немаат потреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот